Шарената револуција добива нов лик

14.06.2016 02:01
Шарената револуција добива нов лик

Наместо организирани протести секој ден во 18 часот пред СЈО, герила акции, чиј интензитет ќе варира во зависност од тоа како ќе одговори властa на поставените барања на граѓаните – ова е планот за натамошното дејствување на Шарената револуција.

Веќе за денеска напладне се очекува голема акција со блокирање улици во Скопје. Конкретно кои улици и крстосници и во колку часот ќе бидат блокирани, ќе биде дополнително најавено.

- Претстојните герилски акции ќе бидат со цел да се блокира и да се онеспособи системот што го брани режимот. Очекуваме и ги повикуваме граѓаните масовно да се приклучуваат во протестите и акциите, кои ќе се организираат тековно и ќе заземаат најразлични облици во зависност од тоа како ќе се однесува владата – најавуваат активистите.

Барањата на активистите, за кои поставија рок да бидат исполнети до 18 јуни, се следниве: Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, да запре прогонот врз демонстрантите, да се ослободат досега приведените од Шарената револуција и да се повлечат кривичните пријави од МВР.

Покрај овие две итни барања за кои поставија рок, граѓаните бараат и оставка од актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, формирање преодна влада која ќе создаде услови за фер избори, формирање специјално одделение во Кривичен суд за случаите под јурисдикција на СЈО, вклучување претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, кризата да се решава на територијата на Република Македонија и оставка на претседателот Ѓорге Иванов.

ВО КАФЕТО „ИЗЛЕТ“ СЕ СОБИРАА ДОНАЦИИ ЗА КАЗНИТЕ НА ДЕМОНСТРАНТИТЕ

Фокусот сега ќе биде ставен и на собирање донации за плаќање на казните на демонстрантите од Шарената револуција. Донациите пред неколку дена се собираа од 13 часот до крајот на денот, во кафето „Излет“ во Скопје. Конкретен лимит на тоа колку пари се потребни нема, бидејќи сѐ уште е неизвесно колку високи ќе бидат казните, а се очекуваат и нови казни.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото