Предавството на писателот

15.06.2016 00:42
Предавството на писателот

Режимот - читај: злосторничкото здружение на власт и неговите платеници, поддржувачи и обожаватели - деноноќно, 24/7 произведува спинови, испраќа мафијашки, смртоносни закани-пораки во вид на „куршум“ (глумицата бара гумени, дописникот вистински), шири лаги за тоа кој, како и зошто ја смислил и ја спроведува Шарената револуција, апси, суди, толерира најдолни можни манипулации и навреди. Кога мафијата ја има под свое државата може и мора да се очекува сè друго, освен логика, етика, разум и почитување (барем елементарно) на какви било стандарди.

Но, вистинско мерило за тоа до каде може да оди лудилото во одбрана на актуелната криминална власт не е безумието на „аналитичарите“, туку подлоста и писменоста на тие што се издаваат како писатели. Како Блаже Миневски, на пример. Текстот за случувањата „пред повеќе од еден век“ („Македонец кому Грците му направија споменик“, „Дневник“, сабота, 11 јуни), Миневски така го осовременил, што го свел да изгледа на лош повод за да ги „опише“ случувањата од пред еден ден. За таа цел, предавникот го нарекува „шарениот Коте“, открива дека Ѓорѓи Сугарев бил предаден од „шарени револуционери“, а предавството го направил Лигушев со помош на „чадорот“ од странство... Владетелот ќе биде задоволен - би требало! - од ваквата креативност (сечено-лепено) на писателот. А и на читателите ќе им биде појасно зошто тој ден во „Дневник“ немаше вест за смртта на Дарко Марковиќ.

Извор: Слободен печат