Режимот не бира средства: оцрнување на Шарената револуција преку возила на брза помош без лекари?!

16.06.2016 13:31
Режимот не бира средства: оцрнување на Шарената револуција преку возила на брза помош без лекари?!

Со провокации започнаа денешните блокади на сообраќајот на мостови од страна на „Шарената револуција“. На блокадата кај мостот Гоце Делчев двапати помина празно возило на брза помош. Демонстрантите првиот пат го пропуштија возилото, пренесува порталот Стандард.

Во исто време се појави екипа на неделникот „Република“ да фотографира, а демонстрантите ги исвиркаа и им довикуваа „ало началниче“. За кратко време, истото возило на брза помош се врати назад во правецот од каде што дојде и повторно сакаше да помине.

Демонстрантите ја отворија вратата на возилото, повикувајќи ги фоторепортерите да фотографираат дека внатре нема никој, ниту пациенти ниту лекарски тим, и дека се работи за провокација.

Како што пишуваат корисници на Твитер, тука била и екипа на провладината телевизија Алфа за да го сними настанот и веројатно подоцна да биде злоупотребен за пропагандни цели и оцрнување на Шарената револуција и демонстрантите.

Инаку, на големиот протест на Шарената револуција во понеделникот кога полицијата целосно ги имаше затворено приодите кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, кон Собранието и кон Владата, пред да ја пробијат барикадата и да заминат кон Владата, демонстрантите помогнаа и ја отворија полициската ограда за да помине Брзата помош. Додека полицијата чекаше наредба дали да ја отвори, тие немаа дилеми.

Не е познато дали тогаш се работело за вистински итен случај, или за уште една ваква местенка.

Извор: Либертас