Македонија сака мангупи

20.06.2016 14:56
Македонија сака мангупи

По оставката на (сега бившиот) министер за финансии, Ставрески, се појавија повеќе обиди за сумирање на резултатите и последиците од неговата повеќегодишна работа. Неговата партија, логично, го опеа како голем реформатор, голем експерт, безмалку финансиски жонглер од светски калибар. Не пропушти да каже дека тој покажал на дело како се сака Македонија. Всушност, сите од таа партија легнуваат и стануваат со мислата за Македонија. Опозицијата го смести во клубот на најодговорните за лошите состојби во земјата, прв помошник на најголемиот апаш во новата историја на Македонија.

Бидејќи и задолжените прво да анализираат а потоа да зборуваат, вклучително и некои новинари, тоа не го прават, некои од памфлетите на власта за него, под дејство на секојдневната десетгодишна пропаганда (проследено деновиве преку оценките за неговата работа по оставката) им се сториле вистинити. Имено: без оглед на стварната состојба во јавните финансии; без оглед како тој „магионичар“ наоѓал пари за сите глупости; независно од тоа дали морал да се спротивстави на илјадници налудничави одлуки на неговиот шеф; без оглед на тоа колку за време на неговиот мандат е нарушена стабилноста на јавните финансии; колку милијарди буквално беа фрлени во нечистите води на реката Вардар; без оглед на многуте катастрофални финансиски одлуки, прописи и закони, донесени за денот на измамата, а потоа веднаш повлечени пред новата измама... ‒ многумина ја прифатија приказната дека тој бил многу вешт министер. Бил „снаодлив за пари“ ‒ способен да му ја исполни секоја желба на тешкиот премиер.

А бившиот министер беше, всушност, ноторен лажго; слуга на еден необразован човек и криминалец без задршка ‒ реверс на лажната банкнота; некој кој не водеше никаква политика туку беше свесен но несовесен извршител на својот полуден шеф. Никогаш не соопшти една точна бројка. Заедно со забеганиот шеф ги креираа долговите, заедно ги криеа. Заедно, со неверојатна бесрамност, лажно ги претставуваа економските резултати; заедно им се закануваа на сите институции во случај да ја зборуваат вистината; заедно ги рекетираа и пенализираа бизнисмените за одржување на партиската моќ и дебелеењето на личните конта; заедно го дерогираа уставниот статус на приватната сопственост и функциите на пазарот, а зборуваа за нив како за столбови на нивната програма.

Десет години, со неговиот шеф, ни ја продаваше прикаската за ниските даноци, за наводните развојни буџети, за таканаречената дерегулација и за „спасоносниот“ модел на привлекување странски инвестиции. И, што се случи од тоа? Да, воведоа ниски стапки на даноци и неоданочување на странските компании. Но, сништата за побрз раст на економијата и базирано на тоа поголемите јавни приходи останаа само нивна фикција. Бидејќи максимално притискаа на педалата на државната потрошувачка, недостигот на пари за таа потрошувачка го пополнуваа со задолжување ‒ дома и во странство. Така го наѕидаа историски најголемиот јавен долг на Република Македонија. Таа „длабокоумна магионичарска“ формула на странците им ја продаваа под наслов „Македонија инвестициски рај“, а на домашната публика, „ние обезбедуваме пари за сé и покрај најниските даноци во Европа!“

Поради формулата „рамен данок“, односно исти стапки на даноци и за богатите и за сиромашните, дополнета со планетарната корупција и клиентелистичкиот капитализам на дело, од Македонија создадоа земја со најголема и навредлива социо-економска нееднаквост. Од неолибералната дерегулација на Ставрески останаа само прес-конференцииите и скапите реклами.

Поради желбата да владеат со луѓето, инсталираа повеќе регулатива одошто укинаа. Поради дневнополитичките потреби за мамење на јавноста, значителен дел од донесените закони и одлуки ги менуваа повеќе пати (најчесто со спротивна порака и дејство), создавајќи крајно несигурен амбиент за бизнис и живеење. Фијаското со странските инвестиции е евидентно: со мршав број вработени во нив (околу тринаест илјади) остварен со енормно високи трошоци за еден вработен ‒ плус голем дел од нив платени од нашите јавни пари; со ефекти на навредлива дискриминација и нелојална конкуренција на домашните компании; со навредливо ниски плати за вработените ‒ и тие делумно субвенционирани; со октроирани работнички права во нив ‒ сведени на оние од пред повеќе од еден век.

Но, да се вратам на потесната одговорност на „финансискиот магионичар“. Каков, по толку години, го остава секторот за кој најдиректно беше одговорен? Нема да ги повторувам оценките што јас и многу други сме ги искажувале за работата од неговиот домен. Ние сме „необјективна“ опозиција која, од личен интерес, или за инает, ги клевети. Ги „мразиме“, наместо да ги љубиме и славиме за ќорсокакот во кој ја донесоа Македонија. Затоа, овој пат ќе пренесам дел од оценките за јавните финансии на Македонија наведени во последните извештаи на Светската банка (институција која имала најблаг однос кон владата на Злосторникот) и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ‒ две високо авторитетни институции (срцевина на меѓународниот економски поредок) ‒ секогаш селективно цитирани (во своја полза) од Првиот Апаш и Првиот Помошник на Првиот Апаш.

Во Извештајот на ММФ, септември 2015 и анализата на Светска банка, Преглед на јавните финансии во РМ ‒ Фискална политика за раст, 2015  е запишано:
1. Фискалниот простор (ММФ) изграден во периодот пред Светската финансиска криза (а тоа е првенствено периодот пред доаѓањето на Груевски на власт) беше главно исцрпен, почнувајќи од 2008 наваму. Македонија во кризата влезе со еден од најниските долгови на Централната влада (како процент од БДП) споредено и со новопечените пазарни економии во Европа. Преземениот графикон тоа јасно го илустрира.


Графиконот е јасен, но да појасниме уште нешто.
Долгот на Централната влада на Македонија во последните петнаесет години е најголем (како процент од БДП) кога премиер беше Љ. Георгиевски, министер за финансии Никола Груевски, а државен секретар во Министерството за финансии „магионичарот“ Ставрески. После нив долгот континуирано се намалува, со мал исклучок во 2005, сè до 2008. Да нема забуна: во 2007 и 2008 долгот е на најниско ниво ‒ 22 проценти од БДП. Но тоа не е направено од Првиот и Помошникот на Првиот Апаш. На почетоткот на 2007 двајцава апаши исплатија недоспеан странски долг (предвреме) од околу 210 милиони евра, со пари акумулирани пред нивното доаѓање на власт. Така создадоа лажна слика и го започнаа стампедото на позајмување од дома и странство, доближувајќи го долгот на Централната влада близу 50% од БДП, а вкупниот јавен долг (заедно со скриениот и невклучениот во нивната измислена дефиниција за јавен долг) и прилично над тој процент. Ете на тој начин, со „ниски“ даноци и низок економски раст (во последните десет години, заедно со 2016, одвај околу 2.8 проценти просечен годишен раст), „финансискиот жонглер“ обезбедуваше пари и за „чоколадо“ и за Белизе и слични дестинации.

2.Даночната продуктивност и ефикасност на Македонија (ММФ) е под нивото на земјите во регионот, особено кај данокот на додадена вредност и социјалните придонеси. Ако се достигне барем просечната продуктивност и ефикасност во собирањето даноци од земјите на Западен Балкан, приходите на државата, според сегашниот БДП, би биле поголеми за близу 200 милиони евра. Еве го графиконот што тоа сликовито го покажува.

Значи: „финансискиот жонглер“ имал понеефикасна даночна управа од просечниот резултат на земјите од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, БиХ, Македонија). Послабо собирање даноци се забележува кај трите видови даноци: Данокот на додадена вредност, Корпоративниот данок и Персоналниот данок. Се сеќавате колку спотови направија за тоа (работеа или переа пари?), колку самофалби си изрекоа себеси, промовирајќи секој ден нови и нови „реформи“. Зошто даночната продуктивност и ефикасност на Министерството за финансии под раководство на Ставрески е под нивото на најнеразвиениот дел на Европа? Поради ниските даноци, за кои велеше дека ќе доведат до поголем економски раст, а со тоа и до поголеми приходи во буџетот?; поради ослободувањето на странците од сите видови даноци?; поради партиско-владините клиенти на кои не им наплаќале даноци?; поради општата неспособност и незнаење?; поради разорната корупција кон која го прилагодија целиот систем?; поради целосно промашените политики? ‒ или поради сé заедно? Од двата графикони произлегува дека нашиот „магионичар“ успеал најбрзо во регионот да го зголемува јавниот долг, а послабо од просекот на истиот регион (најнеразвиениот во Европа) да собира даноци.

3.Капиталните расходи се на ниско ниво (Светска банка). Од 2006 година наваму вкупните капитални расходи во просек изнесувале 11 проценти од вкупните расходи на буџетите. Или, 4.5 проценти од БДП. Ова е втор најнизок процент на капитални расходи во регионот на Југоисточна Европа и е значително под просекот на ЈИЕ6 кој изнесува (за истиот период) 5.8 проценти од БДП. Планираните капитални расходи (нормално за импровизатори, популисти и измамници) беа секогаш повисоки. Но потврлањето помеѓу 2006 ‒ 2008 било 11 проценти просечно годишно, во периодот 2009‒2014 32 проценти (а кога ќе се вклучат 2015 и 2016, потфрлањето ќе се доближи до 40 проценти). За оваа состојба Светската банка во наведениот извештај го приложува следниот графикон.

Од графиконот се гледа дека само Србија (како процент од БДП) издвојувала помалку од Македонија, додека сите други се над нашето ниво. Според тоа: јасно е дека ниту еден буџет од 2006 до 2013 (тоа уште повеќе важи и за последните три години, 2014‒2016) не бил развоен. За време на двајцата злосторници имаме само развојна пропаганда. Имаме бесрамни лаги. Впрочем, Македонија немала буџет со нагласена развојна компонента во целиот период од осамостојувањето до денес.

4. Подобрувањето на таканаречената развојна компонента на буџетите на Централната влада на Македонија нема да оди лесно. Злосторникот ‒ десетгодишен сејач на финансиска магла ‒ остави зад себе и многу лоша структура на тековните расходи. Според истата анализа на Светската банка сликата е следна:

(1)Платите што се исплаќаат од Централниот буџет (2013) изнесуваат околу 7.5 проценти од БДП на земјата. Тоа е под просекот на земјите од Европа и Централна Азија (8,7 проценти од БДП) и тоа е втор најнизок процент во регионот на ЈИЕ6 ‒ само Албанија е под тоа ниво. Да не коментираме што значи тоа за мотивацијата за работа на јавната администрација и за поттикот за ширење на корупцијата.

(2) Расходите за стоки и услуги од 2009‒2014 се намалени од 5.3 на 4.3 проценти од БДП, при што (нагласува Извештајот на СБ) не смее да се заборави дека оваа категорија ги содржи и расходите за одржување и поправки, комунални услуги и услуги за греење. И овие расходи се под нивото на истите во земјите од регионот. Распаѓањето на постојните капацитети, вклучително патишта, болници, школи е поради оваа причина.

(3)Пензиите како најголем дел од социјалните трансфери (62 проценти) во периодот 2007 ‒ 2013 го зголемиле учеството во БДП од 8.8 на 10.2 проценти од БДП, со благо намалување во 2014 на 9.7 проценти, но со сигурен натамошен раст во наредниот период поради евидентното стареење на населението ‒ секако под услов да останат истите политики. Извештајот нагласува и тоа дека во 2014. 4.5 проценти од БДП се трансфери до државниот пензиски фонд од Централниот буџет на РМ.

(4) Субвенциите за земјоделството од 1.8 проценти од БДП во периодот 2008‒2013, се искачиле на 2.2 проценти во БДП во периодот 2013 ‒ 2014.

5.Сè на сè, композицијата на јавните расходи е тешко искривоколчена, велат експертите на ММФ, во полза на платите и социјалните трансфери, кои сочинуваат 64 проценти од вкупните расходи, што не е во согласност со потребите за значајни средства за инвестирање во инфраструктура на земја која треба да фати приклучок со другиот (развиениот) дел од Европа.

6.Фискалната рамка, продолжува истиот Извештај, пати од бројни слабости: (1) отсуство на детални буџетски процени за централно владините институции; (2) недостиг на усогласеност помеѓу среднорочната буџетска рамка и годишниот буџетски процес; (3) преоптимистички проекции за раст кои тендираат (вештачки) да произведат приход над проекциите.

Од овие причини и експертите на ММФ предлагаат формирање независно тело, како што е фискален совет за да информира за макроекономските прогнози (што значи дека постојните фискални институции го загубиле професионалниот кредибилитет).

Резимирајќи најкусо што може, би рекле: Првиот Помошник на Првиот Апаш во државата, „Благајникот на мафијата“, ѝ остава на наредната влада и нејзиниот министер за финансии тешка состојба: неверојатно лош даночен систем и даночна политика; голем јавен долг (кој не остава простор за амортизирање на каков и да е нов поголем економски и политички шок ‒ екстерен или домашен); екстремно лоша структура на јавните расходи; никогаш поголема и понепрофесионална/партизирана јавна администрација, исто такво и министерство за финансии со сите придружни институции.

Од овие причини, во пост-злосторничкиот перид Македонија ја чека тешка и одговорна работа за санирање на штетите направени од „снаодливиот мангуп“. Впрочем, изминатите 26 години Македонија беше водена од разни видови мангупи ‒ едни без ракавици, други со два или три пара. Не е важно колку пара ракавици носеше апострофираниов. Евидентно е дека работеше како мангуп во најнегативната смисла на зборот.

Затоа сиве 26 години се време на живот во осакатено општество, осакатено од повеќето мангупи во власта, во чие образование и поведение доминира улицата и кафеаната (како најважни образовни институции во нивните животи) и отсуството на елементарна етика ‒ чувството за заедничкото. И секогаш сум се прашувал: зошто мангупите од наведениот вид имаат шарм кој освојува или предолго држи недозволено зашеметени голем дел од граѓаните на Македонија? Просечните се препознаваат во нив (прикаската за тенџерчето и капачето)?; оние што треба да ја креираат мислата и треба да наметнуваат доминантен модел на однесување не се далеку од нив?

Во секој случај, сè додека разни мангупи управуваат со земјата, а преголем број од нас во тоа наоѓа некаква „позитивна интрига“, „симпатија за итроштината“ ‒ земјата ќе ни биде мангупска и длабоко инвалидизирана ‒ до исчезнување и заграбување од поголеми белосветски мангупи.

20.06.2016.

Слики: Свирачиња