Прашината на Зиги

21.06.2016 09:27
Прашината на Зиги

Првпат го слушнав Боуви на аголот кај што се вкрстуваат улицата Серска и Ресенска... Ечеше музика, на џамот седеше дечко со долга коса и гитара во рацете. Одекнуваше „Можеме да бидеме херои“.

Вторпат слушнав за неговото чудно име, кога седев на реката и плачев. Тоа е псалм од Петтата Книга, каде што името на мојата река е Вавилон, а јас седев покрај Вардар. Бев премногу млада да знам, сè уште само експериментирав. До мене (на скалите на кејот) седна човек со очила како Ленон и ме праша како се викам. Буда, му одговорив. Аха, ме погледна како да сум излегла од Бардо–тодол. Тој имаше слушалки во ушите, а од нив доаѓаа звуците на „Сино, сино, електрично сино...“.

Третпат, и веќе знаев. Овој лик на некој начин ме следи, да не речам прогонува. „Ова не е Америка“, точно во времето кога почнав да се заљубувам во секој што отскокнуваше од мнозинството. И во шлакнати идеи. Почнував да ја сакам планетата Земја откако го гледав во филмот „Човекот што падна на земјата“. Станав космополит преку ноќ и парадоксот ми стана нешто како второ јас. Првото беше резервирано за Човекот што падна... Мачно, но вредно за искусување.

Сите други настани поврзани со него во форма на синхроницитет после тоа не ги броев. Тој веќе не беше Боуви, туку некаков ентитет внатре во мене, со кого јас тајно живеев. Бев интимна со него. Му кажував сè. Да не речам, сите ги споредував со него. Упс. Д.Б., внимавај, мојот преќутен критериум. Се разбира, имаше тука и некој мал Пинк Флојд. Или „кантарот за мерење на болката...“ и слично. Но Боуви...

Ноќта кога го напушти овој свет, седев во мојот двор и очекував да видам некаков знак. Ѕвезда, комета, барем метеор. Но не. Преку ѕидот од комшискиот двор прескокна мачка со очи како неговите. Мислам дека со левото око гледа сосема нешто друго.

 

Го нареков Зиги. Ако ништо друго, знам дека неговите хромозоми се чиста ѕвездена прашина. Кога го галам, внимавам да не ја разнесам наоколу. Боуви останува внатре.

И ако броиме според годината на Змејот, мачорот Зиги е првата инкарнација на Боуви на просторот на она што некогаш беше Југославија.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото