Медиумски престројувања: Зошто „Сорос“ толку ѝ пречи на власта?

21.06.2016 13:52
Медиумски престројувања: Зошто „Сорос“ толку ѝ пречи на власта?

Не чув сè уште дека новиот министер за финансии е прогласен за „соросоид“!? Според менталниот склоп на тие што ја менаџираат пропагандната машинерија на партијата на власт, тоа ќе мора да се случи зашто дотичниот министер пред кариерата во ВМРО-ДПМНЕ да ти бил главен за управувањето со американска помош од прогарамата УСАИД која, по соросовата Фондација „Отворено општество“ е на респектибилно второ место на листата на непријатели што ја подбуцнуваат, стимулираат и ја финансираат „Шарената револуција“ и воопшто сите антивладини активности. Би било чесно да признаат дека во нивните редови има такви инфилтрирани предавнички елементги, кои се под директна контрола на тие странски сили.

Овој тон на подбишега логично се наметнува кога ќе се приспомнеме на сите свинштини што оваа власт (сè до највисоко ниво – поранешниот премиер) ги има изречено кон сите оние форми на помош во спречувањето на комплетното ставање под контрола на власта на медумските слободи и на слободната граѓанска мисла.

ПОМОШТА ОД СОРОС

Едно знам. Да не беше Фондацијата „Отворено општество“ и другите форми на стимулирање на вистинитоста во новинарството и на промоција на човечките слободи, македонската јавна, граѓанска и особено медиумската сфера ќе беше сосема поинаква. Да не беше помошта од оваа фондација, македонската медиумска средина ќе беше сосема по вкусот на владејачката гарнитура. Ќе немаше никаква слобода зашто ќе се реализираше намерата на власта да завладее буквално со сите медиуми. Слободната мисла и изразување ќе беа сосема во канџите на власта – диригирани, инструрани, затулени. Она малку што остана е благодарение на релативно скромната помош што стигнуваше од оваа фондација и од другите слични на неа. Тој зародиш овозможи во ова време на револт кон актуелната власт да се артикулира таа ослободена енергија. Да не беа тие неколку слободни медиуми, за „Шарената“ револуција воопшто и немаше да се знае. Власта ќе стореше сè да не се чујат „бомбите“ на СДСМ, а протестите низ земјата ќе се премолчеа, како што тоа, всушност, и го прават владините медиуми.

Низ дваесет и кусур години, фондацијата на Сорос помогна излегување и одржување на еден куп изданија, книги, граѓански иницијативи. Со средства на Сорос е купена првата рото-машина за печетење која не беше во доминација на власта и на властодршците, без разлика на провиниенцијата. Таа прва рото-машина надвор од власта, Фондацијата му ја подари на еден од сега актуелните челници на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот на Кочани и помагач на партијата.

Сорос помогна во слободната артикулацијата на изразот за демократија, прогрес, слобода. Паметам дека Соросови средства беа значајна помош за излегувањето на „Дневник“, весникот кој го разби државниот монопол на изданијата на „Нова Македонија“. Од тие средства беше помогнато излегувањето на „Денес“ и на „Македонија денес“, весници кои воопшто не ѝ беа наклонети на социјалдемократската власт во тоа време. И како сведок на тие збиднувања знам дека за возврат на таа помош никогаш не се барало подидување или благонаклоност кон власта.

БЛАГОДАРНОСТА Е СРАМНА

Има многу други кои можат да го потврдат тоа. Но, тоа, гледам, не се прави. Не го признаваат и луѓето од сегашната власт кои биле помогнати од истата фондација за своите активности. А, би било чесно, зашто ако ништо друго, треба да се запамети дека Џорџ Сорос помогна на Македонија во онаа критична 1992 година, кога Македонија и финансиски се отцепи од Југославија со сопствени девизни резерви од бедни дваесетина милиони долари! Таа зима требаше буквално да се смрзнеме да не беше кредитот на Сорос за купување нафта.

Како да станало срамота да се покаже пиетет за благородни дела. Дали е тоа поради искривената политика на оваа власт која постојано го стимулира стравот од внатрешните и од надворешните непријатели, за да си направи покритие за својот дебакл? Тие направија од Сорос една невкусна играрија (соросоиди) и создадоа сосема искривоколчен поглед на една активност која во нашево општество донесе генерално позитивни поени.

Да не зборуваме за сите оние вмровци (кога беа опозиција), кои со години користеа средства и потпора од фондацијата на Сорос и од слични други. Зошто, на пример, не се споменуваат германските фондации? Можеби затоа што тие доминираа(т) во нив? Дали и тие се соросоиди под некое друго влијание?

НАСЛЕДНИЦИ НА ТОТАЛИТАРЦИТЕ

Анимозитетот на вмровската пропаганда кон сè што е прогресивно, слободномислечко, а со тоа и против нив, дека е странска шпионска инсталација, заговор против власта, непријателски елемент – е сосема јасен. Тие се директните ментални наследници на тоталитарното општество. Оние кои паметат, ќе се присетат дека сите изблици на слобода и на непомирување со едноумието беа идентификувани како надворешен непријател, инфилтрирани агенти, странски платеници… Одиумот кон Сорос е на истото ниво на таа искривена свест.

Во таа харанга против слободното мислење се вклучени цели тимови на новинари (!?), аналитичари (!?), псевдо-дипломати, сите во служба на власта и на нејзината диктатура. Нивната цел е да прикажат дека секој кој не мисли како нив е национален предавник, агент.

За утеха или како илустрација, истото се случува и во соседството, во Србија, сега и во Босна и Херцеговина, Црна Гора. Сѐ она што доаѓа како слободномислечка алтернатива на едноумието, по правило е набедено дека е помогнато од непријателите. Веќе се зборува за Балканска пролет, со аналогија на Арапската пролет која целосно размрда неколку арапски земји. Се разбира, зад Балканската пролет задолжително стојат ЦИА, НСА и други западни агентури. (Но, интересно е дека не се зборува за можеби руска инспирација и помош!?)

Притоа, не сум слушнал ниту од Груевски или од Вучиќ да кажат дека ним помошта од разните фондации и програми за развој не им требаат зашто се идеолошки обоени и условени со разни услуги за нивните корисници. Напротив, тие здушно ги користат европските или американските фондови и за сопствена промоција. Оваа двојност е двојно срамна и токму говори за природата на власта.

Секоја власт која своето битисување го користи за материјално себезбогатување на сметка на сопствениот народ е деформирана од почеток. Затоа ѝ пречи сè што доаѓа како критика и ограничување на остварување на нивната незаситна желба за моќ и за пари. Сегашнава воопшто не се разликува.

Слики: Свирачиња

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).