Полицијата не дозволи да се види транспарентот за гатачката

22.06.2016 02:06
Полицијата не дозволи да се види транспарентот за гатачката

Павле Богоевски, активист на Шарената револуција, доцна вечерта во неделата беше уапсен при обид да постави платно со политичка порака спроти Музејот на ВМРО, каде што ВМРО-ДПМНЕ прославуваше роденден на партијата.

На герила-акцијата присуствувале десетина активисти, но полицајците го уапсиле само него.

Веднаш по неговото апсење, активистите преку Фејсбук ја проширија информацијата дека тој се наоѓа во полициската станица „Пролет“ и ги повикаа сите поддржувачи на собир пред станицата.

Пред полициската станица во 21 часот веќе имаше стотина активисти, но полицијата сè уште го немаше запрено сообраќајот, а исклучени беа и уличните светла. Вознемирени граѓани се приклучуваа на собирот во секој миг, па до 22 часот пред полициската станица веќе имаше неколку стотици граѓани. Неколку активистки се обидоа да влезат во полициската станица, но полицајците ги избркаа од дворот на станицата.

Насобраните граѓани скандираа: „Слобода за Пајо“, „Ние ќе ве апсиме“, „Држава полициска“, „Држава началничка“ и „Шутка не ти бега, Никола“.

Павле заедно со неговиот адвокат излезе од полициската станица околу 22.30 часот. Тој со себе го носеше и платното поради кое беше уапсен, а насобраните активисти веднаш го закачија на оградата од дворот на полициската станица. На платното пишуваше „Година по година, криминално здружение! Партијата да се одвои од гатачката. Ај, па и за апсаани да си дочекате! Кога славите 10 години МВРО?”.

- Денеска Шарената револуција сакаше да пушти платно за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ, бевме спречени во таа намера од полициски службеници, за жал дури и од припадници на специјални полициски сили, кои наводно ни издале наредба да се оддалечиме, но таа наредба не ја слушнавме и ме приведоа. Сега се соочувам со уште една пријава за прекршок што гласи „непочитување наредба на службено лице“, ама не е тоа проблемот. Проблемот е што ова уште еднаш ги покажува аршините на селективна правда на власта. Имаме луѓе што доаѓаат со платно од седум метри да го пуштат на Кеј, кои ги апсите, ги врзувате, ги казнувате по наредба, а од друга страна имаме извршители на сериозни кривични дела во серија и во повторување, кои упорно седат на слобода - изјави Богоевски веднаш по излегувањето од полициската станица „Пролет“.

Шарената револуција на Фејсбук напиша дека недозволиво е што полицијата се одлучила да примени сила врз него заради тоа што имал намера да простре транспарент со политички пораки.

Според активистот Жарко Трајаноски, полицијата незаконски попречила мирен протест, а тоа е кривично дело.

- Очигледно е дека група граѓани се обидуваат да го остварат своето уставно право на мирен протест со поставување платна со пораки на градскиот кеј, а дека полицијата се обидува да ги спречи во остварувањето на нивното уставно право – реагираше Трајаноски.

Тој додаде дека полицијата ја повредува рамноправноста на граѓаните, што е кривично дело.

- Во случајов, има повеќе индиции дека полицијата ја повредила рамноправноста на граѓаните, со ограничување на правото на мирен собир врз основа на политичко уверување. Имено, полицијата го овозможила правото на мирен собир на една група граѓани на едната страна на реката Вардар, а во исто време им го оневозможува истото право на друга група граѓани на другата страна на Вардар – напиша Трајаноски.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото