Проверка на факти на телевизија – предизвици и придобивки

24.06.2016 10:11
Проверка на факти на телевизија – предизвици и придобивки

Проверката на факти на телевизија е помалку вообичаена форма на овој вид новинарство отколку проверка на факти која се практикува онлајн и која е далеку подоминантна форма. Но, во светот има добри примери на проверка на факти на телевизија.

 

Во поново време, проверка на факти како редовен самостоен сегмент се прикажува на ТВ канали низ целиот свет, а меѓу најдобрите се „Еј-би-си Австралија“, кореанската „Џи-ти-би-си“, британскиот „Ченл фор“ и италијанската „Раи дуе“.

Новинарот и истражувач Алексиос Манцарлис, вели дека најтешкиот дел е да се одлучи што е она што заслужува да биде проверено. Манцарлис работи на истражувања за трендот на проверка на факти во еден од најголемите медиа блогови во светот „Поинтер“ во Флорида, а претходно работел како новинар во најголемиот сајт за проверка на факти во Италија „Ла политика“.

Првиот чекор во овој вид на новинарство се состои во наоѓањето на фактот кој што треба да се провери. Во изминатите години се појави тренд на оние што проверуваат факти да сакаат својата работа да ја прикажат на телевизија бидејќи со таа форма на раскажување може да се привлече голема публика – вели Манцарлис.

Како еден од најдобрите примери за проверка на факти на телевизија, Манцарлис ја посочува шпанската емисија „Пруебас де Верификасион“ (Pruebas де Verificación). Таа е сегмент кој што се прикажува во емисијата „Ел Објективо“ (El Objetivo), која се емитува во недела навечер на шпанската приватна телевизија „Ла секста“ (La Sexta). „Ел објективо“ се фокусира на политиката и економијата, а ја води Ана Пастор, популарна новинарка во Шпанија.

Тимот на „Ел објективо“ проверката на факти ја прави така што секој ден подготвува агенда со клучните прес-конференции, интервјуа и парламентарни расправи. Четири лица ги следат овие настани, транскрибирајќи ги тврдењата кои можат да бидат подложни на проверка. Потоа, овие тврдења се евалуираат од таканаречениот „прв филтер“ составен од тројца или четворица проверувачи на факти. Тврдењата кои го поминуваат првиот круг, одат на „втор филтер“. Сè на сè, 10 луѓе се вклучени во процесот на проверка на факти од почеток до крај.

Најмалку 1,5 милиони гледачи секоја недела да ја следат „Ел Објективо“, а исто толку луѓе ја следат Пастор на „Твитер“. Според рејтинзите, сегментот за проверка на факти во емисијата секогаш има ист или подобар рејтинг од целото шоу.

Некои од овие емисии, како емисијата „Вирус“ на „Раи дуе“ и австралиската „Еј-би-си проверка на факти“ се прикажуваат на државни телевизии, но „Ел објективо“ се емитува на шпанска приватна телевизија. Во САД „Си-ен-ен“ и „Ен-би-си“ работат со новинари кои се занимаваат со проверка на факти.

Комерцијалните телевизии на некој начин повеќе се заинтересирани да емитуваат ваков тип на емисии затоа што во повеќето земји имаат помалку да загубат. Државните телевизии можеби имаат повеќе влијание од политичарите. Ако си комерцијална телевизија и ако продуктот е добар, тој носи огласувачи и тогаш ќе успееш – додава Манцарлис.

Тој е уверен дека трендот на проверка на факти во иднина ќе расте затоа што е многу атрактивен како за медиумите така и за невладините организации кои што се грижат за одговорноста.

Клучното прашање е моделот преку кој ќе се изведува проверката на фактите. Многу проверувачи на факти заработуваат така што работат за медиумски куќи. Потпирајќи се само на донатори нема да биде издржливо на долг рок. Мислам дека иднината во проверката на факти ќе биде во тоа да се најде начинот на кој што ќе се продаде експертизата на собирање на овие проверени факти со кои ќе може да им се помогне и на истражувачи, но и на прес-служби да добијат информација со добар квалитет – вели Манцарлис.

Како најголеми предизвици со кои се соочуваат оние кои се занимаваат со проверка на факти, освен финансирањето, Манцарлис го посочува и времето кое е потребно да се направи добра анализа со проверка на факти.

Кругот на заинтересираност кај луѓето трае околу 30 минути за една информација, а времето кое е потребно за истражувањето кое се прави во процесот на проверка на факти доцни еден ден затоа и публиката за овој вид на новинарство е помала. Луѓето не ги интересира нешто што вчера било вест. Тоа се двата големи предизвици со кои што се соочуваат оние кои сакаат да го работат ова – додава Манцарлис.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Leah Saulnier