Газ(д)олики „уметници“

25.06.2016 10:09
Газ(д)олики „уметници“

1.

Не без голема доза на гадење, ама не е ред да не ги спомнам и „одгласите“ што доаѓаат токму од (не)македонската култура и уметност за феноменот на „Шарената револуција“, особено апропо некои нивни акции, на пример обидот, за жал неуспешен, да се кутне оној осовремен Брекеров наци Übermensch карши Собранието на РМ, а којшто во слободно време го глуми Прометеј. Мојот омилен лик од македонското уметничко подземје, оној такозвани Сарајлија, инаку работливо посвојче на криминалнава банда на власт, ги гледа „шарените“ како „...феномен што може да се нарече со името неоварваризам или џихадизам“[1]. Сосема неоригинално, што воопшто не му доликува, зашто со слични гнасни придавки веќе ги крстеше и неговиот постар колега Манев! А за да го засили ефектот на кажаното, шутраков овој чин го споредува со Херострат и Артемидиниот храм, па со Сталин, Пол Пот и слични, заборавајќи го – случајно или намерно – омилениот му каплар од минхенските пивници. А младиве, гледам, се фрлија во жал и јад зашто, ете, и Сарајлија крена глас против овој „политички идиотизам“. Но, нормално, не пропушти, како впрочем и неговиот главен газда, да упати по некоја закана дека „…во прашање е ден кога народот ќе излезе од политичката контрола… и ќе влезе во масовен контраудар…“. Каков газ(д)олик лудак! Речиси рамен на фикусон!!!

Уште поинспириран е токму полуписменион автор на Споменикот на паднатите херои, кој не знаеше дури ни соодветно да го напише единствениот збор на истиот, а божем ќе слави херои. И тој, нормално, мораше да ги пофали сегашниве газди дека „оваа власт докажа дека никогаш ништо не срушила, туку сака да гради“[2] (sic!). Фактот што стиропорот на лудиот архитект го голтна ремек делото на архитектот Муличковски, и уште редица други низ центарот на Скопје, за оваа будала не значи ништо. Тие – граделе! Со стиропор и со мермер што не е мермер ама личи на мермер!!! Се разбира дека после толкугодишно плачење што никој не го игра, сега мора да се оддолжува токму на најнеписмената и највандалската (не)македонска власт што го прибра и го опари. Инаку, може ќе му ги земат стоте илјадарчиња?! Но, и тоа се судбини, нели, слугински, и „уметнички“?

2.

Во нормална ситуација, вакви нарачани плачипи*ки не би заслужиле ни минутка внимание зашто сиот нивен морал, достоинство, професионална етика… се одамна заминати на коруптивните крилја на оваа бандитска врхушка која што, ете, продолжуваат сесрдно да ја бранат како во Хитлеровите последни денови. Не би заслужувале ни минутка кога не би се впуштале, по којзнае кој пат, во гнасни лаги за добронамерноста на криминалциве кои упропастија цела држава, во манипулации за „учеството на сите наши познати професори, уметници…“ во катаклизмата наречена „Скопје 2014“ итн., а згора на тоа и во сосема контрадикторни, паушални и очебијно нарачани шустерски квалификации за „Шарената револуција“. И токму тоа е оној македонски уметнички/културен синдром на идиоти кои цел живот или молчат или гласноговорникуваат за и во името на власта, која и да е! За пари. Ја потврдуваат онаа нивна – нема да кажам „наша“ зашто не се гледам како дел од тоа, а не ги гледам таму ни учесниците во „Шарената револуција“ – историски докажана гнасна лукративна страна образот да се врти само накај богатиот.

Впрочем, да беше сè така како што минхаузенираат двајцава, да имаше навистина „Шарената револуција“ какви и да се деструктивни аспирации, нивните возљубени бронзено–стиропорни грдотии одамна ќе се валкаа во правот на скопските улици. Зашто, на десетици илјади млади луѓе тоа не би им претставувало голем напор. Напротив, праведниот гнев на овие луѓе е насочен кон „естетизација“ на грдото, кон бесправно наметнатото, кон узурпираниот простор и извалканиот вкус. Згора на сè, како што потенцира Ана Чупеска, инаку предавач по предметите Современи политички системи и Политичка социологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, „Во нашиот случај, правото на отпор не е насочено само против нелегитимната власт, туку и против нелегална власт – зашто, како што сфативме од бомбите – изборите во Македонија биле украдени, што значи дека легалитетот на власта е доведен во прашање, а не легитимитетот! Ова е огромна разлика! Во таа смисла, правото на отпор дури може да се преобрази и во граѓанска непослушност, а ова наместо да се смета за илегален акт – треба да се третира како процедурално барање за инклузивност за ситуации кога има радикална неправда. Значи, никако не смее балоните и останатите играчки, или шарањето, да се подведат под терминот оружје или да се пренемагаат со терминот – вандализам. Ниту пак смее да се повикуваат на информативни разговори учесниците, т.е. да им се поднесуваат кривични пријави. Ве молам – кој овде е илегален ?“ [3].

Кога оние двајца шутраци малку би си ги чукнале главите би виделе дека „Шарената револуција“ е и легитимна борба против кичот и шундот во нивниот град, против нелегитимната импостирана од лудаци „уметност“, културен чин невиден во досегашната македонска историја! Дури и по цена да им ги земат со лаги заработените сребреници.

_____________________________________________

[1] Дарко Јаневски, Шарен феномен кој може да се крсти само како неоварваризам или џихадизам, Дневник, 22.06. 2016

[2] Бранко Ѓорѓевски, „Прометеј“ го уриваат вандали зад кои стојат тројца идеолози, Дневник, 22.06.2016

[3] Искра Манојлоска, Боењето на лажните фасади е уметнички пркос против неправдата, (разговор со Ана Чупеска), ОКНО, 15.06.2016

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото