Си ги познавате ли министрите во Владата?

25.06.2016 12:05
Си ги познавате ли министрите во Владата?

Емил Димитриев е премиер на Владата на Р. Македонија, а никаде го нема во јавноста да изнесе ставови како државата да излезе од големата општествена криза. Има ли овој човек свои ставови или е само марионета на Груевски и фамилијата?

Добро, знам, не е на место прашањето.

Сепак, дали памтите некое негово излагање или предлог политика? Му ја препознавате ли бојата на гласот на човекот кој е премиер? Тешко, нели? Затоа имам уште неколку прашања за вас:

Дали знаете кој е Фестим Халили? Не?! Тоа е вицепремиер во Владата и задолжен е за спроведување на Рамковниот договор. Да го прашавме ликов до каде е Рамковниот, би било добро да го чуеме. Идеме понатаму.

Дали знаете кој е Арбр Адеми? Не, пак?! Тоа е министер кој е задолжен за европски прашања. Ако не знаеме кој е и како изгледа тешко дека ќе го знаеме неговиот став за Брегзит. Можеби е ист како оној на Воислав Шешељ, само треба некоја новинарска екипа да го запознае министерот и да му постави прашање.

А дали можеби сте чуле изјава од новиот министер за финансии? Човекот работи ребаланс на буџет, одлучува за нашите пари… Не?! Се вика Кирил Миновски, а бог знае како изгледа. Башка, имал искуство на проекти поддржани од УСАИД, она што режимот го нарекува „странски служби“.

Можеби знаете кој е Валдет Џафери? Ни за него не знаете?! Тој е министер за правда. Можеби има став околу уставноста на СЈО, ама кој да го препознае и да го праша.

За Миле Ми Текна знаете сите, и треба. Но, дали знаете кој дојде по него на министерското столче за транспорт и врски? Некој Владо Мисајловски. Ако видете некое видео со него, ве молам пратете ми линк, да видам како изгледа човекот што го менува важниот играч на Груевски - Миле Ми Текна.

Дритон Кучи е министер за економија. Гарант него го знаете како изгледа. Не верувам дека така важно министерство може да води некој анонимус… Уставри, чекај, грешам, не е баш познат, нели?

Ај, да не го тупам, би ги препознале ли следниве министри на улица: Михаил Цветков – земјоделство, Љутфиу Пиштар – образование, Марта Арсовска Томовска – информатичко општество и администрација, Шурете Елези – локална самоуправа, Башким Амети – животна средина... Тешко, нели?! Но тука не е крајот, во оваа Влада има и министри без ресор, па не сум баш сигурен дали знаете дека министри ви се: Фуркан Чако - министер без ресор, Џери Наумов - министер без ресор, Арлинд Зеќири - министер без ресор, Горан Мицовски - министер без ресор. Како ќе очекуваме подобро утре кога имиња и презимиња кои ништо не значат во општеството се министри?

Ниту ги знаеме, ниту знаеме што прават, ниту тие имаат чувство за отчетност, нешто со што ДПМНЕ и ДУИ се фалат, а притоа имаат големи плати, кабинети, возила и шофери. За заменици-министри ич не ве прашувам!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Странски служби