Списоци

25.06.2016 12:53
Списоци

Бр. 787: 5 најубави места на светот

5. Гленко, Шкотска
4. Кањонот на тигарот во скок, провинција Јунан, Кина
3. Заливот Халонг, Виетнам
2. Гранд кањон, Невада, САД
1. Аголот на Улицата Бартон, Мејфилд, Нов Јужен Велс, Австралија

Бр. 792: Последните 6 СМС пораки што ги испратив

1. Каде си?
2. Зошто не одговараш?
3. Зошто те нема толку долго?
4. Каде си?
5. Каде си?
6. Каде си?

Бр. 806: 3 романи на Лиса што ѝ ги подарив откако си замина

1. Воденицата на Флос од Џорџ Елиот
2. Ана Каренина од Лав Толстој
3. Оркански височини од Емили Бронте

Бр. 902: Како наутро да не станам

1. Разбуди се.
2. Држи ги очите затворени.
3. Сврти ја главата на лево.
4. Помоли се.
5. Отвори ги очите.
6. Ѕури во празниот простор на креветот крај тебе.
7. Прифати дека нејзе веќе ја нема.
8. Затвори ги очите.
9. Спиј.
10. Врати се на чекорот 1.

Бр. 955: 4 начини да не мислам на заминувањето на Лиса

1. Испиј чаша виски секој пат кога ќе помислиш на нешто тажно.
2. Мастурбирај.
3. Спиј.
4. Направи список на некоја луда тема.

Бр. 991: Како да се купи половен автомобил во Бомбај

1. Прегледај ги малите огласи во „Бомбај тајмс“.
2. Најди кола што ти одговара и отиди да ја погледнеш.
3. Уплати 20 рупии на Општинската сообраќајна канцеларија за да го добиеш формуларот 1416.
4. Формуларот предај го на сопственикот на колата, заедно со парите.

Бр. 1011: Топ 6 работи што ги мразев кај Лиса

1.
2.
3.
4.
5.
6.

Бр. 10.83: Моите омилени списоци

1. Бр. 24: 19 начини на кои знаеше да каже те сакам а да не каже те сакам
2. Бр. 117: Нејзините омилени бои
3. Бр. 200: Начините на кои знаеше да се смее (3. дел)
4. Бр. 341: 22 работи што ги остави зад себе
5. Бр. 345: 7 телевизиски емисии кои ги сметаше за забавни
6. Бр. 438‒589: Нештата што памтам дека ги рекла
7. Бр. 786: 3 сона што често ги сонуваше
8. Бр. 897: 5 делови на телото на Лиса на кои најмногу мислам
9. Бр. 899: 10 звуци што ги создаваше додека водеше љубов
10. Бр. 991: Нејзините омилени имиња за бебе (машки)

Бр. 1122: 5 нешта кои само јас ги знаев за неа

1. Првиот оргазам го доживеала со јаже од лулашка.
2. Ова беше нејзиниот омилен фонт.
3. Се гнасеше од дебели луѓе.
4. Најмногу од сè се плашеше од игли.
5. Нејзина работа од сништата беше детски ТВ водител.

Бр. 1178: Последните 5 СМС пораки што ги примив

1. Не, од другите.
2. Мислам.
3. Дали ни треба и леб?
4. И јас тебе. Се гледаме наскоро.
5. Х Х Х

Бр. 1199: Како да ги загубиш пријателите

1. Никогаш не одговарај на пропуштените повици.
2. Врескај на нив: „Ебено да не си се осмелил да ми кажеш дека знаеш како се осеќам!“
3. Набацувај им се на нивните жени кога си пијан.

Бр. 1200: Како да ја убиеш жената што ја сакаш

1. Подготви си голема чинија корнфлејкс за ручек.
2. Ѕвони ѝ на работа и остави ѝ порака дека си останал без млеко.
3. Прифати го нејзиниот предлог да намине во супермаркет на враќање дома.
4. Чекај.
5. Нестрпливо испраќај нови СМС пораки.
6. Чекај.
7. Отвори врата.
8. Прашај го полицаецот: „Можам ли да ви помогнам?“
9. Повторувај го зборот „Несреќа?“

Бр. 1250: 5 најсериозни психолошки пореметувања (според мојот психијатар)

1. Депресија
2. Ниско ниво на самодоверба
3. Анксиозност
4. Акутно стресно пореметување
5. Компулсивно правење списоци

Бр. 1496: Како да ја запознаеш жената на своите сништа

1. Прифати состанок на слепо.
2. Купи нова кошула и чевли.
3. Ошишај се.
4. Почни да возиш кон ресторанот.
5. Пред да стигнеш таму, нек ти се случи гуми‒дефект на аголот на Улицата Бартон, во Мејфилд.
6. Отвори ја вратата од колата.
7. Сруши ја велосипедистката.
8. Помогни ѝ да стане.
9. Извини се.
10. Прашај ја како се вика.
11. Кажи: „Драго ми е што се запознавме, Лиса.“

Бр. 1502: Како да продолжиш кога не можеш да продолжиш

1. Вдиши.
2. Издиши.
3. Повтори.

Превод: П. В.
Слики: Marion Fayolle

Рајан О’Нил (Ryan O'Neill, 1975), роден во Глазгов, а живеел и предавал во Африка, Европа и Азија пред да се настани во Австралија. Неговите кратки раскази објавени се во многу антологии и списанија. Збирката The Weight of a Human Heart објавена му е 2012. Расказот The Lists е објавен во австралиското списание The Monthly, во декември 2013.

ОкоБоли главаВицФото