ОКП

25.06.2016 14:44

Првиот пат кога ја видов...
Сѐ ми се стиша во главата.

Сите тикови, сите хронично прогонувачки слики исчезнаа.

Кога имаш опсесивно-компулсивно пореметување
никогаш немаш тивки моменти.

Дури и во кревет, размислувам:
Дали ја заклучив вратата? Да.
Дали ги измив рацете? Да.
Дали ја заклучив вратата? Да.
Дали ги измив рацете? Да.

Но кога ја видов нејзе, размислував само на извиените краеви на нејзините усни...
и на трепката над нејзиниот образ...
трепката над нејзиниот образ...
трепката над нејзиниот образ.

Знаев дека морам да разговарам со неа.

Ја поканив да излеземе шест пати во триесет секунди.

Рече да по третиот, но ниеден не ми изгледаше како треба, па морав да продолжам.

На првиот состанок повеќе време потрошив во уредување на оброкот во бои
отколку во самото јадење или муабетот со неа...
Ама нејзе тоа ѝ се допадна.

Ѝ се свиѓаше тоа што морав да ја бакнам шеснаесет пати. Или дваесет и четири пати ако беше среда.
Ѝ се свиѓаше дека ми требаат сто години да испешачам до дома
поради многуте пукнатини на нашиот тротоар.

Кога почнавме да живееме заедно, рече дека се чувствува безбедно, дека никој нема никогаш да нѐ ограби,
бидејќи вратата сигурно сум ја заклучал осумнаесет пати.

Секогаш ја гледав во уста додека зборуваше...
додека зборуваше...
додека зборуваше...
додека зборуваше
додека зборуваше;
кога ќе ми кажеше дека ме сака, крајчињата на устата ѝ се виткаа угоре.

Навечер лежеше во кревет и ме посматраше како ги гасам сите светла...Па ги палев, и гасев, и палев, и гасев, и палев, и гасев, и палев, и гасев, и палев, и гасев.
Ги склопуваше очите и замислуваше како деновите и ноќите се сменуваат пред неа.

Но...почна да кажува дека ѝ одземам премногу време.

Дека не треба толку да ја бакнувам на заминување оти поради мене доцнела на работа...

Кога кажуваше дека ме сака устата ѝ беше во права линија...

Кога ќе застанев пред некоја пукнатина на тротоарот, таа ќе си продолжеше...

Од минатата недела почна да спие кај мајка ѝ.

Ми рече дека не требало да дозволи толку да се приврзам за неа;
дека сето ова било грешка, но...

Како може да биде грешка кога не морам да си ги измијам рацете откако ќе ја допрам?

Љубовта не е грешка, и ме убива тоа што таа може да избега од сето ова, а јас не.

Не можам да излезам и да најдам некоја друга, бидејќи постојано мислам на неа.

Обично, кога сум опседнат со нешто, гледам како ми се вовлекуваат микроби во кожата.
Замислувам како ме гмечи непрекината колона на автомобили...
А таа беше првото најубаво нешто за кое сум се залепил.

Сакам да се будам секое утро размислувајќи за начинот на кој го држи воланот...
За тоа како ја врти чешмата како да отвора сеф.

За тоа како дува свеќички...
дува свеќички...
дува свеќички...
дува свеќички...
дува свеќички...
дува...

А сега размислувам само за тоа кој друг ја љуби.

Не можам да дишам бидејќи тој ја бакнува само еднаш – не му е гајле дали бакнежот е совршен!

Страшно сакам да ми се врати...

Оставам отклучена врата.

Оставам запалени светла.

Превод: Ивана Галапчева

Оригиналната песна

Нил Хилборн (Neil Hilborn) е американски поет и едукатор, а песната ОКП стана огромен хит откако беше објавена снимка од фестивалскиот настап на авторот (види десно кај Оригиналната песна).

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото