Улогата на македонските дипломати за афирмација на Р. Македонија

27.06.2016 02:50
Улогата на македонските дипломати за афирмација на Р. Македонија

Улогата на македонските дипломати за афирмација на Р. Македонија (или зошто го немаме нашиот Вук Јеремиќ)


На 11 февруари 2016 година во Белград се одржа панел конференција на тема „Надворешната политика на САД во 2016 и понатаму“. Гости на панелот- Џозеф Нај, професор на универзитетот Харвард и еден од највлијателните американски специјалисти за надворешната политика, адмиралот Џејмс Ставридис, поранешен командант на НАТО силите во Европа, Ричард Фонтејн, поранешен советник на Џон Мек Кејн и Радослав Сикорски, поранешен министер за надворешни работи на Полска. Навистина силна постава, може да се каже кремот на американската think-tank елита. Домаќин на настанот е Вук Јеремиќ, поранешен министер за надворешни работи на Србија и сегашен директор на центарот за меѓународни односи и одржлив развој (CIRSD), a повод за дебатата е изданието на списанието Хоризонт (периодично списание кое го издава организацијата CIRSD) посветено на истата тема. Списокот на авторите е исто така импресивен. Поранешниот министер за надворешни работи на Русија, Игор Иванов, градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, филозофот Бернард-Анри Леви и многу други. На промоцијата на списанието во Њујорк во познатиот Харвард Клуб, Јеремиќ за аспектите на американската надворешна политика расправа со поранешниот директор на ЦИА, пензонираниот генерал Дејвид Петреус (Фондот ККР Инвестмент на чие чело е Петреус вложи над милијарда долари во српската економија, а тој се спомнува како иден државен секретар на САД ако на ноемвриските избори победи Хилари Клинтон). Присутните на панелот во Белград велат дека во тие моменти градот на кратко се вратил во славните 60-ти години кога беше еден од светските центри во кои се слеваше светската интелектуална елита за да расправа прашања од глобален интерес.

Но зошто неговата личност и дело е важна за анализата на македонската дипломатија и дипломатите како нејзини најважни извршители?

Формирањето на дипломатската мрежа, обучувањето на дипломатите и реализцијата на целите на надворешната политика од земјите изискуваат големи финансиски средства. Додека за богатите земји тој елемент не претставува проблем, кај оние со поплиток џеб обезбедувањето финансии е сериозен проблем кој од своја страна претставува предизвик во смисол на балансирање со односот чинење/придобивка за националните цели. Како неодминлива последица на големината и значењето на една држава е и ограничената можност за добивање на значајни функции во влијателните меѓународни организации. Република Макединија и Р. Србија за релативно кратко време имаа можност нивни претставници да бидат избрани на позицијата претседател на Генералното Собрание на ООН. Таа функција, иако по содржина е прилично со протоколарен карактер, сепак е добра можност за афирмација на земјата под услов оној што ја извршува дадената функција правилно ги избалансира личните амбиции, интересите на државата која го номинирала и интересите на самата организацијата во која ја извршува дадената функција.

Вук Јеремиќ на таа позиција стигна со помош на силното руско лобирање и продолжи да се однесува во ист стил како и кога беше министер за надворешни работи на Србија, при што непримерено за функцијата која изискува апсолутна непристрасност често ги протежираше интересите на Србија на ужас на генералниот секретар Бан Ки Мун, кој мораше во неколку наврати да ја правда претераната амбициозност на младиот дипломат. Но, и таков публицитет е некогаш корисен, па неговото име и државата која ја претставуваше беше предмет на интерес на медиумите и влијателните луѓе со што барем дел од значителните финансиски средства кој државата ги вложи за неговата функција станаа оправдани. Што се однесува до претседателствувањето на Срѓан Керим со 62-та сесија на ГС на ООН, авторот на овој текст пребарувајќи низ достапните информации најде само еден момент кога Р. Македонија била предмет на негова интервенција, а тоа е моментот кога тогашниот претседател на РМ, Бранко Црвенковски, при најавата на неговиот говор го ослови со „претседател на Р. Македонија“, предизвикувајќи бес на грчката делегација која бараше тој да биде непристрасен и да го користи називот БЈРМ. И толку.

Во моментот и двајцата се кандидати за функцијата генерален секретар на ООН при што прогнозите велат дека Срѓан Керим е апсолутен аутсајдер, а Вук Јеремиќ, иако со мали шанси, сè уште се споменува како можен наследник на Бан Ки Мун. Нил Фергусон, познатиот британски историчар и професор на Универзитетот Харвард кој во моментот е познат по објавувањето на првиот том на официјалната биографијата на Хенри Кисинџер долета специјално во Белград да му даде поддршка на Јеремиќ.

Втора причина за анализа на Јеремиќ е неговата промена во односот кон САД. Како министер жестоко се конфронтираше со повеќето западни земји, на прво место со САД за кои сметаше дека се главни промотори за признавањето на независноста на Косово. Но, по престојот во Њујорк каде што се среќаваше со разни влијателни личности, значително ќе го промени неговиот став кон политиките на САД. Во неговите сегашни настапи претходната строгост, аверзија и презир ја замени со рационалност која се огледа во прифаќањето на разлика во мислењето како нормална, и правото на несогласување. Денес Јеремиќ на промоциите на својот центар соработува со важни организации како што се Центарот за Американски Прогрес, кој е главен расадник на кадри во администрацијата на Барак Обама со Антидифамациската лига која игра пресудна улога во дефинирањето на американско-израелските односи и други важни и помалку важни организации. Сето погоре кажано не е случаен процес кој е резултат само на нечие индивидуално осознавање. Не, сликата е многу поширока и ја опфаќа промената на надворешната политиката на целата земја, во случајот Р. Србија, која подолго време играше на само на картата на одржување добри односи со Русија. Иако таа политика има солиден темел кој датира од почетокот на XIX век, во меѓународните односи не смее да биде непроменлива категорија. Рационалниот поглед кој се базира на аксиомот дека во меѓународните односи главна и пресудна улога имаат интересите и способноста истите да се остварат, бара од државите да се постават согласно реалната геополитичка состојба и при конципирањето на политика се водат од реалното согледување на сопствените можности и начини за остварување на одржлив економско-социјален развој. Затоа Србија од страна на САД сè повеќе се смета (заедно со Албанија) за регионален лидер кој придонесува за стабилноста на овој дел од Европа. Новиот амбасадор на САД во Србија, Кајл Скот, пред да дојде во Белград, снима видео порака која за локалните мерила постигнува гледаност на блокбастер и во кој ги најавува добрите намери за градење добри односи. Јеремиќ дискутира со врвни американски интелектуалци, Џон Кери и Џон Мекејн на своите турнеи навратуваат и во Белград, Алекдандар Вучиќ во Вашингтон разговара со Џо Бајден по негова покана, без потреба да за тоа ги ангажира скапите американски лобисти итн, итн.

Кај нас работите одат обратно. Од осамостојувањето на Македонија во 1991 година и тешкиот пат прооден за да се стигне до меѓународното признавање, на прекалените политичари им беше јасна потребата од одржувањето на најблиски можни односи со САД чија улога во мисиите на УНПРЕДЕП, со кој фактички се гарантираше независноста на РМ и на воспоставувањето на некакви дефинирани односи со Грција, кои беа од пресудно значење. Таа лекција накратко беше заборавена од владата на Љубчо Георгиевски, кој за време на случувањата во 2001 година имаше сериозни проблеми за разбирање на улогата на САД во регионот и поширико во светот. И повторно за време на влада предводена од ДПМНЕ имаме негативни тенденции во меѓусебните односи. По 2008 година и потпишаната декларација за стратешко партнерство која беше третирана како настан од споредено значење со кој САД прифаќаат одговорност за фијаското од Букурешт (заборавајќи го признавањето на земјата под уставното име), владата предводена од ДПМНЕ повторно падна на испитот на проценка на реал-политичката состојба во светот и улогата на РМ. Како верен послушник на политиките на неприкосновениот лидер, „креаторите“ и извршителите на надворешната политика не се осмелија да му ја кажат вистината која им беше перфектно јасна. Паднаа на испитот и оние кои по минатиот стаж и искуството кое го имаа мораа поради сопствената моралност и патриотизам, ако сакате, да му укажат и јавно да му кажат на премиерот дека таа политика кон САД е погубна за интересите на Р. Македонија, со долгорочни штети врз нејзиниот развој и просперитет. Наместо тоа, одлучија да се засолнат во водите на бизнисот чекајки поволен момент за повторна лична афирмација. Нормално, потоа сцената ја презедоа разноразни експерти и поранешни амбасадори од чии псевдо-анализи јасно произлегува дека лекциите од историјата и меѓународните односи за нив ќе останат неразбирливи четива чија суштина ги надминува нивните интелектуални капацитети.

Дали има на хоризонтот видлива назнака за промена?

Со евентуалното останување на сегашната гарнирура тешко е да се очекува некаква суштинска промена. Во состојба кога лидерот на владејачката партија целата своја енергија ја троши на одбрана на сопствената позиција, при што неговите дипломати се ставени во улога на пренесувачи на пораки во кои се ветува сè и сешто, за кредибилна надворешна политика не може да стане никаков збор. Во опозицијата која претендира да ја смени сегашната власт нема на повидок личност која ќе се наметне како креатор на нова сеопфатна надворешна политика што е секако голем хендикеп, па така во изјавите на лидерот на опозицијата ќе се најдат осуди за ставот на македонската делегација за прием на Косово во УНЕСКО, што е јасен сигнал дека врвот на СДСМ сè уште има сериозен проблем во дефинирањето на националните интереси на сопствената држава.


Храброста, одважноста и знаењето мора да се карактеристики на секој оној кој сака да се нафати да работи во структурите на оваа држава, при што здравата амбиција која го движи напред низ професионалната кариера е дел кој е поврзан со духот за извршувањето на должноста да даде придонес кон општото добро на државата и нацијата.

Да видиме дали наредниот период ќе покаже дека имаме такви личности.

Авторот е поранешен македонски амбасадор во Ватикан

Слики: Свирачиња