„Хамлетмашина“ - радио драма во режија на Зоја Бузалковска на Радио Слободно Скопје

27.06.2016 11:35
„Хамлетмашина“ - радио драма во режија на Зоја Бузалковска на Радио Слободно Скопје

ХАМЛЕТМАШИНА, можеби најконтроверзниот драмски експеримент на Хајнер Милер, е краток постмодернистички драмски текст напишан во 1977 година, до денес неверојатно актуелен по силината со која ја отсликува положбата на интелектуалецот во современиот свет низ призмата на добро познатите хамлетовски дилеми. Оваа „драматургија на шокот“, во сета своја жестокост, во 1991 година прозвучи и како музичка радио-драма, во изведба на германскиот индустриски бенд Еinstürzende Neubauten, а улогата на Хамлет ја одигра/отпеа токму Blixa Bargeld.

Деликатните прашања на револуцијата, односот на поединецот кон надредените структури, насилството и безнадежноста во современиот свет, ХАМЛЕТМАШИНА како радиодрама поставена од Зоја Бузалковска за Радио Слободно Скопје се обидува да ги отвори во контекст на катастрофичната реалност во Македонија, каде свесната индивидуа врие фатена во мрежата на безизлезот од современите општествено-политички превирања.

Во својот катаклизмичен текст, Хајнер Милер ги испитува механизмите за борба. Актерот-Носител на хамлетовиот лик му се спротивставува на Хамлет-ликот. Хамлетовските интелектуални дилеми на немоќ на насилството да се одговори со насилство, во кое единствената автентична желба е да се биде машина без мозок, се претвораат во Офелиина/Електрина потреба од експлозивна насилничка побуна на работ на издржливоста и самоконтролата.

Радио-драмата ХАМЛЕТМАШИНА во видувањето на Бузалковска е аларм, црвено светло кое преку мрачните визии на Милер потсетува дека долгогодишното потиснување на желбата за слобода, еднаквост и правда произведува агресија која може да води кон ослободување или кон потполно уништување, разорување, одмазда. А таму, на крајот од Милеровата потрага по излез од крвавото колење, е тишината. Ледено доба.

Настапуваат:

Хамлет: Александар Степанулески
Офелија: Нина Максимова
Наратор: Зоја Бузалковска

Монтажа: Николај Митревски