Верижен генератор (12)

27.06.2016 12:45
Верижен генератор (12)

Николина Андова Шопова

Ајде да му избегаме на времето

Ајде да му избегаме на времето
што ни се заканува со оптегнат лак
и нѐ нишани со малата стрелка

Ова сакав да ти го кажам
- ако поминам со раката низ некоја географска карта
нема да ги напипам ни планините ни врвовите
нема да се намокрам ниту да ги наполнам рацете со земја
така и ноќва кога поминуваш со раката низ моето тело
нема да најдеш ни прав ни ветер, ни остатоци
од моето име што секојпат одново се раѓа
Зашто не знам колку време помина вечерва
минута, час, година, целиот живот
можеби

Понекогаш кога ќе погледнам горе и долу
не знам која трага ми се чини подолга
онаа од млазот на авионот на небото
или онаа што полжавот ја оставил зад себе

 

 


Никола Маџиров

Ми треба сѐ повеќе време за да се сетам, а се сеќавам на времињата. Времињата убиваат, не часовниците. Времето боли кога духот умира пред срцето, кога заборавот доаѓа пред уништувањето. Ги замислив првите стихови од песната како запис изрезбан на ѕид, пронајден неколку векови подоцна. Археолозите го бараат времето во вертикалата на земјата, полуверниците во небото. Како да се избега во заштитничкиот вакуум на безвременоста, во пејзажите на мапите без променливи граници и вулкани што стануваат езера или планини? Бродски неговата затворска ќелија ја имаше опишано како недостаток од простор надоместен со бескрајно многу време. Тој требаше да му избега на бесконечното време и да ја прифати далечината како дом. Оти секоја далечина го забавува времето: сѐ што е далеку на небото е бавно - и авионите и погледите на патниците кон домовите. Велат душата бега 40 дена, но телото цел живот.

ОкоБоли главаВицФото