Ниту еден ред, ниту еден збор

28.06.2016 02:41
Ниту еден ред, ниту еден збор

Никој не ја спомна. Во текот на вчерашниот ден во медиумите не беше напишан ниту еден ред, на телевизиите не беше кажан ниту еден збор. Ниту еден ред, ниту еден збор за една од најжестоките и најконтрoверзни битки во 2001. Битката за Арачиново. Битка во која загинаа четири македонски синови, битка во која беа ранети десетици македонски бранители.

Наместо вчера, претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, да организира трибина или каква било друга манифестација на која ќе ги седне оние кои се живи сведоци на заткулисните случувања, но и оние кои непосредно учествувавме во крвавите борби, па да дискутираме за тоа што точно се случи во Арачиново, наместо да се положеше цвеќе на споменикот на бранителите, да се одадеше помен на загинатите, да се посетеа нивните семејства, да се посетеа ранетите... Наместо тоа, вчера врховниот командант го плашеше и му сѐ закануваше на неговиот народ, им се закануваше на граѓаните чиј претседател! Вчера, македонскиот претседател им се закануваше на македонските граѓани со македонската армија. Каква е оваа ситуација? Какво е ова лудило? Што се случи со нашата држава?

Кога веќе никому од државниот врв не му текнува, тогаш ние од „Достоинство“ денес во 12.00 часот ќе се поклониме пред споменикот на бранителите, ќе положиме свежо цвеќе и ќе ги споменеме. И загинатите, и ранетите, и живите.

А вие, Атанас Јанев, Александар Стојчев, Никола Пехчевски и Оливер Китановски почивајте во мир. Споменот на вас засекогаш ќе остане со нас. Вечна ви слава.

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 23.06.2016