Лилјана Дирјан - победник на натпреварот „Овде паѓаат крупни зборови!“

29.06.2016 15:40
Лилјана Дирјан - победник на натпреварот „Овде паѓаат крупни зборови!“

Како помина првата организирана писателска борба, „Овде паѓаат крупни зборови“? Одлично! Веројатно и над очекувањата, со оглед дека ваков настан кај нас се организира прв пат и постоеја многу ризици (меѓу кои не најмалку значаен е факторот на славната писателска суета:).

На натпреварот учествуваа 22 писател(к)и: Драган Протиќ, Драгана Младеновиќ, Слободан Бубњевиќ, Теа Тулиќ, Бојан Бабиќ, Јасна Димитријевиќ, Милена Илиќ, Срѓан Тешин, Бранко Тричковски, Лилјана Дирјан, Ѓорѓи Крстевски, Владимир Лукаш, Југослав Петровски, Марта Маркоска, Ѓоко Здравески, Александар Прокопиев,Оливера Ќорвезироска, Калина Малеска, Живко Грозданоски, Горан Петревски, Сања Михајловиќ Костадиновска i Рамадан Рамадани.

Во првиот круг секој од настапувачите прочита по една своја „едноминутна новела“ (за жал, имаше и автори кои читаа повеќеминутни новели; во тој поглед најмногу „се претера“ Лиле Дирјан; но, парадоксално, таа собра и најмногу поени од жирито). Во првиот дел најмногу поени собраа Лилјана Дирјан, Драгана Младеновиќ, Теа Тулиќ и Оливера Ќорвезировска, кои успееја да освојат и над 30 поени. Повеќето други автори добија 20 до 27 поени. За понатамошен натпревар, по првиот круг, се пласираа 16 автор(к)и. Беа формирани 8 пара - и започна борбата еден на еден.

Настапите на автор(к)ите беа оценувани од седумчленото жири: Никола Гелевски, Искра Гешоска, Иван Додовски, Емил Алексиев, Румена Бужаровска, Јасна Котевска и Кристина Леловац. Жирито го вреднуваше секое дело со поени од 1 до 5, а оценките за секој изведувач на табла ги запишуваше водителот Иван Шопов. Седумчленото жири главно донесуваше компактни судови, иако, се разбира, околу некои настапи имаше и радикално спротиставени оценки.

После вториот круг се издвоија осумте најдобро оценети: Лилјана Дирјан, Оливера Ќорвезироска, Теа Тулиќ, Бојан Бабиќ, Ѓоко Здравески, Рамадан Рамадани, Срѓан Тешин и Драган Протиќ. Со своите сјајни настапи во претходните кругови внимание привлече и Драгана Младеновиќ, која мораше да замине пред време (на нејзино место влета лудиот перформер, денди-шаманот Драган Протиќ кој говорењето на литературата го однесе кон сферите на звукот и оностраното - но притоа со нозете сепак цело време беше длабоко лоциран во калта на овоземскоста, на витгенштајновската немоќ што било да се каже без бол&бес; значи, главата во облаците, а нозете во калта:).

Во полуфиналето се пласираа Лилјана Дирјан, Теа Тулиќ, Бојан Бабиќ и Ѓоко Здравески. Дирјан убедливо го победи веројатно веќе уморниот Здравески (или премрзнатиот?, оти дојде облечен како хипик, а ноќта беше студеникава:); додека Теа Тулиќ и Бојан Бабиќ водеа жестока битка добивајќи ги највисоките оценки на жирито (победи Теа со еден поен разлика, 33:32; максималниот број поени што можеа да го доделат судиите беше 35).

Во финалето играа најдобрите, Лилјана Дирјан против Теа Тулиќ. Иако и двете баш и не се држеа до пропозициите на натпреварот (временското ограничување од 90 секунди), сепак и двете ги освоија срцата (можеби и разумот:) на судиите, а и на публиката, без никакво сомневање. Одново во изедначена борба победи Дирјан, освојувајќи максимален број поени, 35, со што ја победи Теа Тулиќ која освои 33 поени.

Наградата за победничката изнесуваше сто евра. Дирјан сосема заслужено ја освои наградата (во пет круга имаше константно високи оценки), но баш и не го испочитува форматот на расказите и временското ограничување. За жал, и втората најдобро оценета авторка го имаше истиот проблем: пречекорување на временската рамка.

Сè на сè, присуствувавме на сјаен, возбудлив и раритен настан. Речиси сите 22 писател(к)и имаа одлични раскази (но не и доволно одлични сценски настапи). Честитки за сите нив! И за организаторот, се разбира :)

Фотографии: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото