Груевски ја демантира анкетата на ИРИ според која СЈО ужива најголема доверба

30.06.2016 11:25
Груевски ја демантира анкетата на ИРИ според која СЈО ужива најголема доверба

Во интервју за српска “Политика”, Никола Груевски е замолен да ја коментира кривичната пријава од страна на СЈО против него и неговите блиски соработници кога бил премиер.

Никола Груевски смета дека се работи за нарачана политичка пресметка:

“Ме обвинуваат дури и дека би ја напуштил државата. СЈО треба да е независно, а сега настапува како златна рипка и ги исполнува желбите на Зоран Заев. Токму неговата единствена и најјака политичка желба е мене да ме нема како противник.”

Ете, тоа го порача политичарот кој со години го третира ЈО како своја златна рипка и кој пред неколку години најавуваше “конечна пресметка” со транзиционите политичари. Притоа, заборави да се вброи себеси како политичар со најголем стаж во македонската транзиција (4 години како министер, 3 години како претседател на партија и 9 и пол години како премиер).

Отровот што го истура Груевски кон неговиот политички противник Заев е истиот отров што секојдневно се излева од ТВ екраните под контрола на неговата пропагандна машинерија. Сепак, најзапрепастувачки дел од интервјуто со осомничениот Груевски е моментот кога ја оспорува довербата што ја ужива СЈО кај граѓаните:

“Специјалното јавно обвинителство има најнизок рејтинг, најмала доверба во однос на која и да е институција во кое и да е време од постоењето на Македонија.”

Со оваа изјава Груевски покажува дека не живее во реалноста, ниту во Македонија. Според последните испитувања на јавното мислење од страна на ИРИ, најголема доверба последнава година граѓаните имаат во СЈО, а двојно помала во политичките партии. Максимални 55% (за разлика од 23% во март 2007) сметале во април дека Груевски не си ја вршел доволно добро работата за да заслужи реизбор. Максимални 42% од граѓаните сметаат дека квалитетот на животот се влошува, а само 13% сметаат дека се подобрува.

Извор: http://slobodna.mk/