Таа далечна 1974 година Југославија го доби својот трет повоен Устав, Тито е прогласен за доживотен претседател, а јас почнав да го собирам албумот со сликички Figurine Panini посветен на Светското првенство во Западна Германија. Тоа беше мојот прв албум со сликички. Од тој албум – кој никогаш до крај не го собрав – научив секакви работи: дека постои земја која се вика Хаити, дека Германија на некој јазик се нарекува Allemagne, дека на знамето на Заир има рака со факел, дека Душко Бајевиќ – Принцот од Неретва – е роден 1948 и е висок 186 сантиметри, дека Уругвај го освоил првото Светско првенство во 1930 година.
Тој албум беше мојата прва енциклопедија, ризница на бескорисно знаење од кој ситните дукати сè уште ми се врткаат низ џебовите – на пример, дека Етепе Какоко е центарфор на Заир, кој Југославија го победи со 9:0 (резултатот уредно е впишан во соодветната рубрика во албумот). Од сликичките научив секакви работи, како за коцкањето (купчиња, тепкање) и со тоа фактот дека не поднесувам да губам, како и за логиката поврзана со менувањето на сликичките, зашто не вредеа исто Кројф и Какоко. Освен тоа, сликичките беа врзивното ткиво на децата од моето друштво. Можевме до изнемоштеност да дискутираме за квалитетот на играчите како Шкотланѓанецот Џо Џордан или Германецот Герт Милер, или да оценуваме кој има подолга коса: Ивица Шурјак или Уругваецот Ајала. Стручната комисија во моето друштво по долго разгледување оцени дека Ајала е побушав, иако подоцна излезе дека Шурјак носи поголем број чевли.
Многу од тоа теориско знаење се применуваше на паркиралиштето на кое игравме фудбал. Се внесувавме во ликовите и во делата на најомилените играчи, откако топката ќе поминеше низ двата камења, со што ќе се постигнеше гол, а стрелецот самиот ќе се прогласеше за Били Бремнер или Џони Реп и ќе скокаше во воздухот како голот да е даден на Светско првенство. Јас заради Ренсенбринк, левото крило на Холандија, научив (слабо) да шутирам со левата нога.
Собирањето сликички беше првиот сериозен проект во мојот живот, нешто што ме опседнуваше и бараше посветеност, планирање и организација. Не беше лесно да се најдат средства за купување сликички: тие главно доаѓаа од мојот скромен џепарлак, од поткраднувањето на паричникот на мајка ми и ограбувањето на сопствената касичка, како и од редовното криење на кусурот. Постојано мораше да се води евиденција за бројот на сликичките во албумот, за сликичките кои недостасуваат за да се комплетира некоја репрезентација, како и за состојбата на пазарот: кој има дупликат од Бекембауер, кому му треба Какоко (најчесто никому), кои сликички никој ги нема, кој го комплетирал албумот, со тоа преселувајќи се на некое сосема друго, за мене недостижно ниво на реалност, од кое сега ги продава дупликатите или ги менува за џамлии, чија цена падна бидејќи сите се занимаваат со сликички.
Кога се сеќавам на себеси од 1974 година, не се сеќавам на ништо освен на собирањето сликички и Светското првенство, како и на својата целосна опсесија од нив – не постоеше ништо друго, ништо друго не ме интересираше. Се сеќавам на првиот натпревар: Југославија – Бразил (0:0), кога Жарзињо ја погоди стативата; се сеќавам на Шпарвасер кој го даде победничкиот гол за Источна Германија против Западна Германија; се сеќавам како плачев кога трагично и неправедно (според мене) изгубивме од Полска, се сеќавам на градот Гелзеркирхен, за кој сè уште не знам ништо освен дека таму од Југославија настрада Заир, се сеќавам на клемпавиот гол на Герд Милер во финалето против Холандија и неговото неграциозно триумфално скокање. Овие сеќавања се единствениот доказ (иако има многу сведоци) дека во 1974 година воопшто сум постоел – единствениот доказ бидејќи не знам каде ми е тој прв, засекогаш некомплетиран албум.
Значи, мојата фудбалска зараза почна во далечната 1974 година и многу го надживеа југословенскиот Устав и претседателот Тито. Еден од симптомите на оваа болест е што искуството на Светското првенство сè уште – морам да признам со одредено количество срам – тесно е поврзано со собирањето сликички. Првиот и единствен албум кој некогаш сум го комплетирал беше оној за минатото Светско првенство, во Германија, а во тек е процесот на собирање сликички за Јужна Африка.
Во овој миг ми фалат двесте и педесет сликички, но не ми недостасува трпение и подготвеност да го наполнам албумот, при што буџетот, де факто, ми е неограничен – ако треба потомците помалку ќе јадат. Жално е што немам со кој да се менувам, а не се сеќавам кога последен пат сум играл на купчиња или тепка. Па сепак, иако веќе сум постар човек, угледен автор и татко на две деца, иако некои би рекле дека веќе почнав да губам, мерак ми е да ги отворам кесичките со сликички што сум ги купил на слободарскиот интернет, а потоа да ги одлепувам и лепам, проучувајќи ги лицата и личните податоци за играчите. А кога во кесичката ќе ми се падне Меси или Торес полетувам да и’ се пофалам на Госпоѓата за новостекнатото богатство, иако таа ретко, речиси никогаш, не е импресионирана од тоа. Мојата мајка отсекогаш велеше дека будалиот се фали со она од што умниот се срами, но во мојот случај станува збор за болест која редовно и често доведува до занес во кој може да ти се причини дека е убаво и лесно да се живее.
Несомнен биолошки факт е дека должината на човековиот живот може да се измери со бројот на светски првенства во фудбал кое едно човечко суштество може да ги изгледа пред засекогаш да се инсталира во црната земјичка. Според мојата пресметка, малкумина се оние кои во животот можат да изгледаат повеќе од дваесет светски првенства, со тоа што на првото тешко може да се сети, а на последното не е лесно да се сконцентрира бидејќи најверојатно умира. Светското првенство во Јужна Африка што следи е моето десетто – јубилејно, со други зборови, бројот на светските првенства и албуми кои ми преостанаа е едноцифрен.
Понекогаш се прашувам како е тоа кога гледаш финале и знаеш дека веројатно ти е последно. Сите сликички се залепени, нема со кого да играш купчиња, а докторот забранил да се игра на тепка за да не се скршат кршливите коски. Во финалето Германија и Грција, натпреварот досаден, 0:0 во осумдесет и третата минута и сите знаат дека Германија ќе даде некаков гол.
А во оној другиот, неутешен натпревар, животот повторно губи против смртта, судијата безочно суди, немилосрдното свирче веќе му е во устата подготвена да отсвири крај, а шансите да има продолженија се рамни на нула.
Извор: bhdani
Од Александар Хемон прочитајте ги и овие текстови:
Демократија - тоа е општествено уредување во кое оние што те пљачкосуваат наместо другар те викаат господин.
„Верски центар“ е поим кој ме прави сомничав. Според мене, „Верски центар“ претставува нешто друго. Тоа не е доблест во социјалниот простор, туку нешто што има намера да го обликува тој простор. Не е нешто со кое живееш, туку нешто што е поставено за да ти диктира како да живееш.
Последниве година-две нашето општество е потресено од контроверзите и скандалите кои ги следат поставувањата на скулпурите на нашиот јавен простор. А како е во светот? Ова се десетте најконтроверзни скулпури последниве неколку години.
Прочитајте ги најновите дела од нашата неисцрплива книжевна продукција. Бројот на авторите е помал во однос на минатата недела, но радува фактот што одредени автори одржуваат континуитет и квалитет. Очекуваме и ваши конструктивни коментари.
Испрати нов коментар