Еулогија за Јане Миљовски

04.07.2016 02:50
Еулогија за Јане Миљовски

Растевме со музиката на Битлси и останатите од шеесеттите и седумдесеттите години. Се гордеевме со пораките од нивните толку едноставни и вистинити песни кои зборуваа за љубовта. „Еј ти, да ти кажам нешто, се надевам дека ќе разбереш, кога ќе ти кажам дека сакам да те држам за рака...“, беа зборовите на нивниот прв светски хит „I wonna hold your hand“. Пишуваа и за мир: „Just give peace a chance“, песната која што беше изведена по повод новата 1969 година, во која од почетокот до крајот се повторуваше истата реченица: „Сè што велиме е да му дадете шанса на мирот...“, која и ние еуфорично ја пеевме. Зошто го пишувам ова? Заради музиката, омиленото хоби на Јане? Не, ова го пишувам затоа што кога некој би ме прашал да го дефинирам Јане Миљовски во два збора, не би се колебал ниту за миг. Тие два збора се: „љубов“ и „мир“.

Се разбира, знаевме дека светот не е само „љубов“ и „мир“, туку многу често „омраза“ и „војна“, но пораките на песните од нашата младост совршено кореспондираа со воспитувањето во семејствата. Многу е кажано за децата на „Црвената буржоазија“, но се осмелувам да речам дека безмалку сите тие израснаа во пристојни, доблесни луѓе. Тоа се должеше, пред сè, на домашното воспитување кое што често доаѓаше во судир со бирократскиот систем на тоа време, исправајќи нè пред дилемата да бидеме полтрони или да бидеме „левичари“. Полтрони на системот не бевме, тоа не го сакаа ниту нашите родители. Од нас, би рекол, се бараше да продолжиме со идеалите на слободата. Кога се бунтуваа студентите во 1968, тоа се очекуваше и од нас. Кога, на почетокот од деведесеттите, дојде до распад на еднопартискиот систем, се очекуваше да земеме одговорност.

Секогаш ме чудело и ме замислувало дека Ајнштајн, кој не бил религиозен, сепак зборува за Големиот создател. Ако е така, тогаш Јане сега е кај Големиот создател и знам дека ја чека првата прилика да поразговараат за општествените проблеми и дилеми, но и да му пушти добра музика од нашето време. Онаа „наивната“ која зборува за љубов и за мир. И да знаеш, Јане Миљовски, нам многу ќе ни недостасуваш и секогаш кога ќе ги слушаме тие песни, ќе мислиме на тебе. Тоа значи многу често. Зашто, „сè што живее на земјава, мора еден ден да умре, но музиката вечно ќе живее!“ , вели една француска песна.

Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото