Виолинистот

04.07.2016 04:19
Стар сум во Скопје

Виолинистот

Виолинистот е стар и прстите веќе ги немаат цврстината и самодовербата со кои некогаш ги стискаше вратот на виолината и гудалото. Ушите му се затнати и во нив постојано слуша наплив од зборови изговорени од нему сосема непознати луѓе. Клокотењето на зборовите го гуши речиси секој друг звук и повремено се забрзува самото во себе и почнува да брмчи како правосмукалка. И покрај тоа, виолинистот се обидува да отсвири нешто, но дури ни оние кои стојат близу до него не слушаат баш ништо.

 

Глумицата

Глумицата е стара и сега повеќе од кога било посакува да добие улога на некоја млада жена. Ѝ здодеа да игра баба или мудра стара тетка на главниот јунак во идниот филм. Во тој филм, вели таа, ќе ги игра сите женски улоги, можеби дури и некоја машка. Но, попусто се надева на тоа. Режисерите не се осврнуваат на неа, агентите ја избегнуваат, новинарите се прават дека не ја слушаат, а фотографите штракаат во празно или ги сликаат предметите околу неа. Дури ни тогаш кога почнува снимањето на фил-мот за нејзиниот живот, не ја викаат да се игра самата себе во староста, но трошат многу шминка за да направат од значително помлада актерка карикатура на старица која постојано плаче и зборува дека ќе се убие, што на крајот на филмот навистина и го прави.

 

Момчето

Момчето е старо. Знае дека тоа е последица на ретка болест, но сепак секое утро се изненадува кога ќе здогледа нови брчки, отечени вени и пеги на лицето. Потоа почнува да ја губи косата и за две недели станува потполно ќелаво. Врз горната усна му се појавуваат мустаќи кои набрзо избледуваат и исчезнуваат. Тогаш почнуваат болките во внатрешноста на неговото тело: го мачи желудникот, му отекува црниот дроб, срцето понекогаш бесно му удира, а понекогаш забавува со работа како да има намера да застане. Па, ајде, застани веќе еднаш, застани – му вели момчето, луто на староста и на сè околу себе. Но срцето не застанува тогаш кога ние сакаме, туку тогаш кога тоа сака. И затоа момчето и понатаму е тука, против својата волја, немилосрдно старо, а сепак живо.

 

Извор: Стар сум во Скопје, книжевен фестивал Друга приказна
Превод од српски: Грација Атанасовска
Слика на корица: Владимир Лукаш

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото