Ана и осаменоста

04.07.2016 13:26
Ана и осаменоста

1.

Осаменоста се насели во неа и имаше облик на мртво животно. Разделбата ѝ го исцрпи телото - наглите движења и напнатоста во нејзините рамена ги замени физичкиот умор, кој беше отсутен само во кратки интервали. Тогаш мускулите ѝ оживуваа и можеше да се помрднува со вистинско задоволство, но тоа траеше кратко.

Телото почнуваше да ѝ се смрзнува во оној облик, кој природата им го дарува на средовечните жени. Се чувствуваше тешка и кршлива - обликот ѝ смекна, отежна, снагата почна трка со времето. Стравуваше дека ќе ѝ отпадне главата и дека ќе се скрши, како некоја фигурина од порцелан - ќе се стркала по пулицата каде ќе ја шутне некој случаен минувач. „Да се биде заведена од сопствените стравови, потоа напуштена - тоа значи дека отсекогаш си била сама“, размислуваше таа. Секој ден точно во пет, стоеше пред огледалото за бричење - тој единствен преостанат предмет од неговото постоење. Внимателно ги чистеше остатоците од лакот за нокти од вчера со парчиња памук, натопен во ацетон. Потоа ќе го спуштеше парчето памук покрај огледалото. Ќе нанесеше нов лак. Ќе облечеше нови чорапи, подебели. Потоа црн фустан. Ќе згазнеше во чевлите, оние со високи потпетици. Ќе направеше неколку чекори, за да провери дали и покрај тежината на мртвото животно кое го носеше во себе, сè уште може да одржи рамнотежа. Чекор, два, три. Да, разбирливо. Сè е во ред. Освен центарот за рамотежа, кој е таму некаде долу, во стомакот.

Потоа ќе ја заклучеше влезната врата. Сетилото за мирис ѝ затапе од ацетонот. Затоа мирисот на урина од скалите остануваше надвор од дофат. И така - кога со потпетиците чекори на тротоарот, таа ја започнува својата прошетка на уморен грбавко, кој се храни со мршата на сопствените спомени.

Одеше по маршрутата на нивната прва средба – со линија на движење која ги катализраше стравовите.

Половина час подоцна, во улога на жртва која мазохистички се препуштила на задоволството на насилникот, го насочи своето тело по патеката на заљубената жена. Онаа жена која мисли дека нашла утеха во тоа што е сфатена, а всушност била само објект на скриено изучување, кое ја докажува убедливата надмоќ на нејзиниот партнер.

Потоа, откако памтењето ѝ се враќа, таа седнува на клупата, каде прснува во плач, подоцна завива како животно, луѓето прашуваат дали ѝ треба помош, таа не одговара. Пие. Рум. Пак оди. Се враќа по рутата во обратна насока, се смирува. Се обидува да оди исправено, зашто се плаши да не ја изгуби рамнотежата. Последната обиколка ја издигнува над градот - има чувство дека нозете ѝ се издолжиле и сака да ги згмечи сите луѓе кои одат под неа. Прошетката ја завршува со желба да се предаде некому, некој што случајно ќе го сретне и во незаузданата страст на тој чин да го убие плодот на разделбата и осаменоста.

Ритуалот во кој со парче памук и ацетон ги чистеше ноктите продолжи, но не ѝ помагаше. Одамна го заборави неговиот мирис, повеќе не ѝ беше важно. Мирисите одамна беа изместени од чувството дека телото на мртвото животно ќе се распадне одвнатре, ќе скапе и еден ден таа нема да се разбуди, зашто гангрената ќе ѝ ги опфати белите дробови и срцето. Кое сигурно ќе запре. Срамот ќе биде измиен.

Тишината се слеваше во неа како лепливи желби - се собираше во градите, таа се давеше и ја плукаше. Секое утро со утринското кафе се обидуваше да ја спречи тишината, која полека но сигурно се насели со мртвото животно во неа.

Не можеше да го надмине срамот, нешто полуживо да седи во неа и да се храни со нејзините спомени, претходните искуства на хемијата. Се претвори во волчица - сама и немирна, на работ на исцрпеноста, спремна да ја изеде сопствената утроба за да се ослободи од наследството на минатото.

2.

Со доаѓањето на зимата прошетките се проретчија. Студот ја заморуваше двапати повеќе. Брзо се задишуваше. Наутро повраќаше во тоалетот и долго остануваше да седи на студениот под, потпрена на плочките. Тоа ѝ даваше привидна свежина. Повеќе не пиеше кафе, зашто од мирисот на кафето ѝ се лошеше.

Вечерва сонуваше како се буди во својот кревет, а во него локва крв и во таа локва плодот на нејзиниот срам - детето на осаменоста, немо и студено.

Ноќта пред Божиќ, одлучи да му каже.

Долго не се осмелуваше да зборува со него. Се плашеше од реакцијата, грубоста, од друга жена, која ќе ја прогласи за луда. Но не можеше да продолжи вака. Третиот месец почна самоуверено. Наскоро мртвото животно ќе сака да живее во неа, градите веќе ѝ излегоа од тишината.

Дваесет и четврти декември, малку по полноќ, таа му испрати СМС: „Христос се роди... Ќе родам. Твое дете.“

Потоа, Ана долго седеше неподвижна, подолго од два часа. Го исклучи мобилниот телефон зашто не очекуваше никој ништо да ѝ честита. Просто за да биде сигурна дека нема да ја вознемирува. Не го знаеше неговиот одговор. Не знаеше ни дали ја интересира. Животното растеше и се хранеше со неа. И тоа ја уништуваше: Но, не пиеше вино. Животното мора да биде здраво. Животното мора да се чувствува удобно во мекото и топло пространство на својата мајка.

Утредента го вклучи мобилниот телефон.

Стигна неговиот одговор: „Аха... јави се кога ќе воскресне.“


Превод: Иван Шопов
Слики: Voider Sun

Петар Денчев (1986), бугарски писател и театарски режисер. Роден е во Варна. Автор е на романите „Како мажот ја бакнува жената што ја сака“ (2007) за кој ја добива награта Развитие за Нов бугарски роман и дистопискиот роман „Тивкото сонце“ (2012), како и на збирката раскази „Раскази во минато време“ (2012). Пишува и поезија, но сè уште нема објавено поетска книга.

ОкоБоли главаВицФото