Шокантно: Пациент не починал во државна болница!

06.07.2016 05:19
Шокантно: Пациент не починал во државна болница!

Пациентот Среќко Сообраќајски по здобиените тешки телесни повреди при сообраќајната несреќа која се случила 30.06. на ул.Партизански одреди околу 15:20 часот, за Пара вести изјави дека го преживеал третманот во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, кај народот познат како Државна болница.

„Ударот беше толку силен, што излетав од возилото и лежев на булеварот во полусвесна состојба. Околу мене се собра народ кој викаше 'викнете Брза Помош'. Си помислив дека ќе им треба половина час, но набргу се сетив дека тука е 'Силбо', а и време за ручек е, па имав некоја надеж“, раскажува Среќко.

Тој вели дека лекарите стигнале веднаш, му укажале помош и го пренеле во Државна болница, каде воопшто не чекал, туку веднаш бил сместен, иако немал упат и друга документација.

„Чекајќи погледав кон спротивната соба и ја видов докторката Локна Орлоноктовиќ која требаше да се погрижи за мене. Таа пушеше цигара и пиеше кафе, но штом ја известија од Брзата помош таа потрча накај мене, ме прегледа, ме упати на соодветен оддел за интензивна нега. На одделот ме сместија во чиста, проветрена просторија, удобен кревет со чиста постелнина. Лекарите и персоналот постојано ме надгледуваа, ги бележеа промени во мојата здравствена состојба, а наредните денови ја менуваа терапијата и третманот додека не го пронајдоа вистинскиот“, вели зачудениот пациент.

Тој е изненаден и од менито, бидејќи појадувал овошје, ручал нешто калорично и вечерал зеленчук. Исто така, од медицинскиот персонал наместо закани или игнорирање, постојано слушал утешни зборови, совети како да се излечи и уверувања дека ќе оздрави, работи без кои смета дека едвај би преживеал или веќе би бил мртов.