Бранимир Штулиќ – Легенда во самопрогон! (2)

08.07.2016 02:09
Бранимир Штулиќ – Легенда во самопрогон! (2)

Самоукиот гитарист на севдахот

Штулиќ матурирал 1972 година со темата „Париската Комуна“. Темата е поврзана со неговиот интерес за социјалните и општествените промени, а интересна е заради тоа што е напишана непосредно по настаните во Хрватска 1971 година. Темата е оценета како одлична, но по хрватски јазик добил само доволен. За тој период од неговиот живот нема многу податоци, освен непроверената приказна, која Штулиќ не ја негира, но не ја ни потврдува, дека во Радиќевата улица во текот на немирите на Плоштадот на Републиката (тогашното место на протестниот митинг за јавна поддршка на Савка во декември 1972) го претепал ревносен полицаец.

Во ист клас во гимназија со Штулиќ учел познатиот фотограф Мио Весовиќ како и новинарот Бранимир Барон Брљевиќ кој бил исфрлен од училиштето, но сепак му било дозволено да матурира со својата генерација.

Денес, од гимназиските денови Џони со задоволство се сеќава на професорот по хемија, Чаниќ кој на крајот од секое полугодие му ги собирал оценките на следниот начин: еден, еден, минус два, па нека биде двојка! „Тој ме пушташе, беше вистински. Имаше сини студени очи, хемичар, разбираш!“

Освен професорот Чаниќ во убаво сеќавање му останал и професорот по грчки и латински јазик, Мардешиќ. Важна улога во тој период од неговиот живот одиграла и Маја Остир, која на пријателот од училиште несебично му ја позајмила акустичната гитара, на која Штулиќ започнал да свири. Толку долго ја задржал кај себе што при враќањето морал да ги промени сите прагови на вратот од инструментот.

По гимназијата не се запишал веднаш на факултет, туку најпрвин одлучил да отслужи војска. Заради големиот број пријавени кандидати морал да почека неколку месеци, па, најпосле, униформата ја облекол во доцната пролет 1973 година, за по 15 месеци да ја соблече и да почне да студира.

Филозофскиот факултет во Загреб во тоа време бил мошне мрачен. Некогашните бурни настани, студентските немири од 1968 година, ги заменила летаргијата. Студентите мирно пиеле кафе во кантината од факултетската зграда во Салаева бб во Загреб, а секој убав сончев ден се истегнувале на скалите и блискиот тревник. Новата генерација, лишена од хипи идеалите, претепана, исплашена, сепак се занимавала со свирење. На репертоарот на попладневните и допладневните концерти главно биле Донован и Боб Дилан, понекогаш подобро, понекогаш полошо интерпретирани, но со добар англиски. Џони тогаш сè уште не знаел англиски, а неговиот нагласок го издавал човекот кој не е од хрватското говорно подрачје.

Многу негови познаници и пријатели од тоа време и денес зборуваат дека Штулиќ бил „единаесетта гитара“. Не ги знаел нотите, свирел како многумина самоуки гитаристи, а вкусот му бил во склад со времето: ги презирал американските протестни песни. Ги чекал своите пет минути, а кога ќе се сменеле имитаторите на Дилан, го започнувал својот македонски репертоар; во тоа време сметал дека севдахот е наш автентичен звук, кој најдобро доаѓа до израз во македонските песни, а тој, веројатно, добро ги паметел од најраното детство поминато во Скопје.

Студирал филозофија, а неколкупати ја менувал групата. Најпосле, запрел кај социологијата и „залутал“ некаде „помеѓу првата и четвртата година“.

На Филозофскиот факултет тогаш можело некои групи, на пример фонетиката, да се студираат одложувајќи го полагањето на одредени испити до дипломирањето. Штулиќ дотуркал до шестиот семестар, натрупувајќи голем број неположени испити, но и неговиот интерес се остварил затоа што често ги основал и распуштал бендовите.

Како самоук гитарист, свирач на акустична гитара, вежбал деноноќно. Во една прилика свирел и во собата на Божо Ковачевиќ, денешниот прв човек на ХСЛС, кој тогаш живеел во студентскиот дом на Сава (денес, домот „Стјепан Радиќ“), каде се собирале уметниците-студенти. Ковачевиќ, активен член на гимназиската авангардна дружина „Coccolemocco“, бил наклонет кон творците на алтернативната култура. Во неговата соба се моткале Дарко Рундек, Јура Стублиќ и многу други надежни, денес заборавени млади творци, бидејќи основниот проблем на младите од Загреб бил да пронајдат слободен простор без родителски надзор. И Џони живеел во слични услови – во потрага по простор за вежбање.

Помалку е познато дека во тие години Штулиќ летувал на островот Силба. Таму пронашол друштво со слични интереси, па летната сезона ја поминувал свирејќи во бендот „Dobra Voda“. Останатите членови од летниот бенд, кој настапувал во Ријека и Љубљана, не се толку познати. Тоа се Ј. Новак, И. Леонарди, Д. Блажина и Д. Лагиња, денес еден од најдобрите сценографи кај нас. „Dobra Voda“ имала петнаесет акустични гитари од различни видови и свиреле класика, македонски народни песни, но и некои песни од Битлси.

Времето го минувале сончајќи се голи. Затоа и летувале на Силба, затоа што нудизмот бил забранет на многу места на јадранското крајбрежје. Со Словенците и оние од Ријека, Џони поминал неколку лета, со нив започнал да соработува уште пред синглот „Balkane, Balkane“, а со нив се дружел и по создавањето на својот прв состав „Balkan Sevdah Bend“ и првата верзија на Azra.

На факултет се дружел со луѓе што ги интересирал анархизмот и поткопувањето на државата, и тоа која било држава, а тоа друштво своето револуционерно дејствување го поминувало главно на шанкови. Џони ги избегнувал луѓето кои се собирале околу заговорниците на американските протестни песни, а кои на некој начин ги предводеле Звонко Варосанец и Љубомир Паузин, често пеејќи ги тие песни во подрумот на факултетот.

Џони имал многу љубови, но и денес сите од нив го истакнуваат неговото џентлменско однесување. На почетокот од студиите ја запознал Валда, девојка која студирала историја на уметноста и со години била непопустлива. Валда била неговата неостварена љубов и инспирација. Жените го обожувале заради неговиот неодолив шарм. Џони ги поминувал студентските денови со една, денес мажена, девојка од Пула, потоа со една, денес угледна новинарка од Загреб, а одредено време и со една заносна студентка од Петриње.

Факултетот и Студентскиот центар биле под надзор и лесен притисок од власта. Освен тоа и некои студенти со задоволство ги пријавувале оние кои не биле толку лојални на социјализмот. Сепак, во седумдесеттите популарно слободарско збиралиште бил, денес веќе легендарниот, шанк Teatar & TD. Помалку е познато дека на тој шанк се родило името на бендот кои ќе ги дефинира осумдесеттите и кој ќе стане најголемиот рокерски состав во Хрватска.

Меѓутоа, сè започнало со „Balkan Sevdah Bend“. Пријателите го разубедувале Џони во врска со пеењето затоа што не им се допаѓал неговиот глас во грч, а ни неговата умешност за свирење гитара, па Џони го формирал составот кој требало да го побие тоа. Нивен главен адут била спорната, денес јавно анализирана песна „Balkane, Balkane“ (која, меѓу другото, симпатично ја пародирал Јурица Паѓен во песната „Papane, Papane“). Таа верзија на песната била направена во студиото во Нова Веса, постои и денес, но уште позначајно е што стиховите не се променети и дека Штулиќ пеел: „Balkane, dobro mi stoj“ и пред 15 години.

Иако, свирењето му било поважно од студирањето, од Маја Шољан дознав дека Штулиќ понекогаш положувал по некој испит. Околу 1977 година, Маја студирала јазици, па случајно заедно со Џони го полагала најдосадниот, но во тоа време неизбежен предмет – предвојничка обука. Џони, офицерски син, одговорите на прашањата уредно ги препишувал од ќерката на еден книжевник: тој добил четворка, додека Маја едвај се провлекла со двојка!

Пријателките од факултетот влегле во стиховите на различни начини. За новинарката Маја зборува стихот „Dignem glavu a tamo Maja Prišt“, во песната „Lijepe žene prolaze kroz grad“. Марина ја заработила песната „Marina“, а Хелена многу алузии на нивните среќни денови. За тоа, пак, како е избрано името на бендот постојат разни анегдоти. Во телефонскиот разговор Џони ни ја раскажа следната приказна:

Во јануари 1977 година, на шанкот Teatar & TD домашните анархисти пиеле лозова ракија и зборувале за политика. Џони речиси никогаш не пиел, на не бил ни поклоник на дрогите. Друштвото се забавувало затоа што извесен Ѓоко добил ќерка. Требало да се избере име. Џони напамет ги знаел стиховите од песната од Хајне која го маѓепсала: „Kazuj robe otkuda si, iz plemena kojega si? Ja se zovem El Muharem iz plemena starih Azra, što za ljubav glavu gube, i umiru kada ljube“.

Тие едноставни стихови го фасцинирале Штулиќ. Јунакот кој своето племе го поврзува со љубовните страсти, меѓу другото, би можел да се поистовети со сите содржини на неговите песни. Но, Џони не е задоволен од Севдахот, барал име за бендот кој имал намера да го основа. Името морало да биде кратко и интересно, морало лесно да се памти и не смеело да содржи дијакритички знаци. Егзотичниот логотип го нацртал членот на групата „Balkan Sevdah Bend“, Круно Мартинчевиќ, кој тогаш се потпишувал како Марк Крун, како што пишува на првиот омот од службеното издание на „Југотон“, Џ. Б. Штулиќ.

Бендот е основан неколку недели подоцна, а ќеркичката чие раѓање се славело, го добила името Азра. Во друштвото тогаш биле уште Јура Јурчевиќ и Бранко Дегенек, ѕвездата на тогаш познатиот Студентски експериментален театар.

Името било пронајдено и само требало да се соберат луѓе. Многумина го советувале Џони за пејач да го земе Јура Стублиќ, кој тогаш исто така студирал на Филозофскиот факултет. Иако, уште тогаш сметал дека Јура е мрзелив, Џони го повикал.

Во тоа време се случило нешто што ќе биде пресудно за подемот на новосоздадениот бенд. Во таканаречениот Младински културен центар, подоцна попознат по кратенката „Цекаде“, и по отфрлањето на придавката младински, дошол да работи Дарко Путак. Веќе била 1974 година. Путак барал нов простор во градот за да направи нов младински клуб, кој би бил поинаков од останатите (во славниот клуб во улицата Срапчевиќ), до плоштадот Кватерник во Загреб се свирело во живо, но сето тоа го надгледувал Комитетот!), простор кој ќе значи нешто за животот во градот. Се изборил Туристичкиот сојуз на градот да му го отстапи „Лапидариум“.

Во тој простор ќе се одржат низа манифестации кои ќе го изменат поимањето на културата и поп-културата. Стрипот, модата и рокот ќе заживеат, најпосле, рамноправно со останатите фактори на културата во Загреб, но и целата поранешна Југославија. Кога Џони ја основал Азра, истовремено во Лап, како што популарно бил наречен Лапидариум, дошол да работи Маријан Црнариќ започнувајќи ја акцијата наречена YURM – ју рок момент. Настаните во Лап внимателно започнал да ги следи младинскиот печат, пред сè Полет, и така бил отворен патот за она што денес се нарекува нов бран. Отворањето на Лап и тврдоглавоста на Штулиќ создале поволна атмосфера за никнување бендови низ поранешна Југославија. Штулиќ прв запеал за урбаните споредни теми, настојувајќи во неговите песни да се препознае велеградското секојдневие, па дури тој велеград да е Загреб. Лутаме низ ноќта сами ти и јас, не е само љубовно сонување туку почетен стих од песната која, меѓу другото, ги одбележа тенденциите на сексуалната револуција, но и значајно ги измени погледите на односите кај младите од градот.

Но, за прашањето на естетиката ќе судат естетичатите, а за животот на Џони значајно е што севдахот и љубовта кон македонската песна се претвориле во страст кон животот на улица.

Крај.

Кон првиот дел.

Дискографија:

синглови:

“Balkan” / “A šta da radim” (Suzy 1979.)
“Lijepe žene prolaze kroz grad” / “Poziv na ples” / “Suzy F.” (Jugoton 1980.)
“Đoni, budi dobar” / “Teško vrijeme” (Jugoton 1982. koncertni)
“E pa što” / “Sloboda” / “Gluperde lutaju daleko” (Jugoton 1982.)
“Nemir i strast” / “Doviđenja na vlaškom drumu” (Jugoton 1983.)

албуми:

“Azra” (Jugoton 1980.)
“Sunčana strana ulice” (Jugoton 1981. dupli)
“Ravno do dna” (Jugoton 1982. trostruki koncertni)
“Filigranski pločnici” (Jugoton 1982. dupli)
“Singl ploče 1979. – 1982.” (Jugoton 1982.)
“Kad fazani lete” (Jugoton 1983.)
“Krivo srastanje” (Jugoton 1983.)
“It ain’t like in the movies at all” (Diskoton 1986. trostruki)
“Kao i jučer – Singl ploče 1983. – 1986.” (Jugoton 1987. kompilacija)
“Između krajnosti” (Jugoton 1987.)
“Zadovoljština” (Jugoton 1988. četvorostruki koncertni)
Džoni Štulić solo:
“Balkanska rapsodija” (Jugoton 1989. dupli)
“Balegari ne vjeruju sreći” (Jugoton 1990.)
“Sevdah za Paulu Horvat” (Komuna 1995. CD)
“Anali” (Komuna 1995. dupli CD)
“Blase” (Hi Fi Centar 1997.)

(Извори: Ilustrovana enciklopedija YU Rocka, 1998, Geopoetika, Beograd, gitare.info, globus, fotografije: Mio Vesović m.o.)

Извор: https://radiogornjigrad.wordpress.com

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Свет / Музика
Книжевност / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото