Голема полициска акција: Уапсени три бактерии во Дојранско Езеро

12.07.2016 12:31
Голема полициска акција: Уапсени три бактерии во Дојранско Езеро

Скопје, 12 јули

Во големата полициска акција „Гола вода“, во Дојранското Езеро вчера беа уапсени три бактерии кои се инфилтрирале во езерото со цел да ја нарушат неговата совршена чистота, а за уште единаесет осомничени се води истрага, соопшти македонското Министерство за внатрешни работи.

Постојат основани сомневања дека бактериите кои влегле во езерото се дел од поголема, добро организирана група, која сака да го уништи ова славно капалиште.

„Бактериите се подготвувале да извршат заразување на туристи, христијански верници кои се крштеваат во езерото, а дури осмислиле и напад врз градоначалникот на Дојран, Борче Стамов. Со тек на време, ваквите акции требало да ги заплашат туристите повеќе да не се капат во езерото, што веројатно е крајна цел на оваа бактериска група“, велат од МВР.

Сепак, македонските туризмолози и аналитичари сметаат дека акцијата на бактериите е однапред осудна на неуспех.

„За среќа, македонскиот народ е свесен, трезвен и не е лесно да го доведете во заблуда. Дури ни Санитарниот и здравствен инспекторат не успеа да ги убеди граѓаните дека водата во Дојранско Езеро е загадаена, па тоа нема да им успее ниту на неколку бактерии“, вели Зоран Крастевски од Институтот за надрилекарство Александрија од Стар Дојран.

Полицијата апелираше граѓаните да не подлегнуваат на провокациите на бактериите и да продолжат да се капат и да пијат вода од Езерото дури и ако имаат дијареа, повраќање и чуден осип на кожата.