П против П (партија против право)

14.07.2016 10:19
П против П (партија против право)

Продолжуваат преговорите на партиските работни групи, се очекува договор

Со надежи за договор, продолжуваат преговорите во Пржино

Почнаa партиските преговори во Пржино

Партиите почнаа нова рунда од преговорите за излез од кризата

 


А јас, пак, гледам како Македонија за уште неколку чекори се оддалечува од стандардите на современата демократија и владеењето на правото.

Најлошо е кога не успеваме да учиме на грешките од минатото и кога упорно ги повторуваме, постојано очекувајќи поинаков резултат.

Зар навистина ни треба уште еден Охридски договор со кој ќе се заташка прекршувањето на законите, ќе се амнестираат криминалците, а партиите и партиското договарање ќе ги заменат сите државни органи и целокупната легислатива?

Зошто излегоа граѓаните на улица и зошто уште се влечат по улиците?

1. Излегоа заради тесната поврзаност на државата и партијата и употребата/злоупотребата на државните органи од страна на партијата.

2. И заради нетранспарентното донесување одлуки и отсуството на граѓаните од процесите на одлучување.

3. И заради владеењето на партиското самоволие наместо владеењето на правото.

4. И заради отсуството на независни контролни механизми на власта.

5. И заради теснопартиски приод кон нештата наместо почитување на плурализмот на интереси и потреби на граѓаните.

Ако е ова точно, тогаш на кој начин договорот кој ќе го направат четири политички партии зад затворени врати може да биде во функција на:

– намалување на поврзаноста на партијата и државата (кога партијата решава во име на државата);

– транспарентно донесување одлуки со учество на граѓаните (кога сè се прави во тајност, а граѓаните се исфрлени од процесот на одлучување и оставени да си се шетаат по улиците);

– владеење на правото наместо партиско самоволие (кога се слуша само зборот на партиските челници надвор од сè она што претставува државно структуирање);

– воспоставување контролни механизми на власта (кога не се прифаќаат контролни механизми дури ни во процесот на преговарање):

– поддршка на политичкиот плурализам наместо партиско себезадоволување (политичкиот плурализам е многу поширок поим од партискиот плурализам; оттука, како до плурализам кога во ниту еден момент не се слуша гласот на различните).

Охридскиот рамковен договор ја продуцираше актуелната политичка и правна криза со тоа што создаде паралелен систем на формално постоење на норми и институции, а фактичко решавање на работите со директно договарање на две криминални банди кои себе се нарекуваат политички партии (мислам на ДУИ и ДПМНЕ).

Договорот од Пржино го прави истото тоа, со потполно негирање на правото, на демократијата, на плурализмот и партиципацијата на граѓаните.

Одбивањето да се формира експертска влада која ќе ги постави основите на демократското владеење базирано на правото е само ширум отворена врата за партиско делење на колачот, амнестирање на криминалците, уништување на државната структура и оневозможување во поблиска и подалечна иднина да профункционира што било надвор од политичките партии. И, без никакво сомнение, по Охрид и Пржино, да, ни треба некој друг договор – можеби склучен од истите четири партии во – Припор!!!

Не ни требаат херои и хероини. Не ни е потребен водач качен на бел коњ. Не ни се потребни предводници. Потребни ни се правила, процедури и критериуми кои ќе бидат однапред донесени со учество на граѓаните, кои ќе траат и кои ќе важат подеднакво за сите.

Ако во овој момент граѓаните не го преземат процесот во свои раце, тогаш ќе бидат само пиони во еден нов партиски дил, кој можеби ќе обезбеди смена на актуелната власт (или барем еден дел од криминалците од актуелната власт), но нема да обезбеди владеење на правото, плурализам, партиципација на граѓаните и контрола над секој оној кој ќе дојде на власт.

Работата е ние да ги искористиме странците со цел воспоставување услови за градење на демократска држава во која ќе владее правото, а не странците да нè искористат нас за воспоставување нов естаблишмент кој ќе обезбеди мир и релативна стабилност за да не мора да се занимаваат со еден прцул од држава толку време.

Не случајно странците се оградија од Шарената револуција и нејзините барања и не случајно ги затворија вратите за претставниците на Шарената револуција. Не случајно го откачија Ван Хојте и не сакаат ни да го погледнат Блупринтот направен од страна на граѓанските организации и граѓаните кои ја поддржуваат Шарената револуција.

За нив е сосема во ред и сосема доволен нов Охридски договор.

За нас не е и не смее да биде.

Јас мислам дека е време да отидеме до Пржино. Затоа што се решивме да се бориме за своите права и тоа треба да заврши во наша корист, а не само да го смениме јавачот.

Ниту една одлука без граѓаните!

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски