Обид за воен удар во Турција!

15.07.2016 23:35
Воен удар во Турција!

Турските медиуми јавуваат дека во тек е воен удар во државата. Војската ги затворила двата моста преку Босфор во Истанбул, со што е прекинат целиот сообраќај меѓу европскиот и азискиот дел од радот. Sky News јавува дека во Истанбул се во тек улични бори меѓу војската и полицијата, а полицајците кои ја чуваат претседателската палата се разоружани и заробени. На улиците има и тенкови.

Турскиот премиер Бинали Јилдирим тврди дека дел од војската извел пуч и сака да ја преземе власта. Некои медиуми јавуваат дека главниот командант на војската Кулуси Акар е заробен од страна на пучистите.

На социјалните мрежи се појавија фотографии од војници со оружје во полна воена опрема на различни локации во Истанбул, како и тенкови на улиците на градот. Летовите на главниот истанбулски аеродром се откажани.

Очевидци јавуваат дека воени авиони ниско ја надлетуваат Анкара. Во јавноста се појавија и фотографии на кои се гледаат војници како држат во заложништво припадници на полициските сили.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се огласи во медиумите преку скајп видео и ги повика граѓаните да излезат на улица „и да ја поддржат демократијата“. Тој рече дека ова е чин кој го охрабриле „паралелни структури“, како и дека на обидот за пуч ќе биде даден соодветен одговор. Ердоган најави дека „сè ќе биде решено во најкус рок“.

Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика преку Твитер повика „да се почитуваат демократските институции во Турција“.

На улиците има и поддржувачи на Ердоган, кои го блокираат движењето на тенковите, а во делови на Истанбул се слушнаат и истрели.

Во меѓувреме, Иран ја затвори границата со Турција.

На социјалните мрежи се појавија информации дека оџите од минарињата на џамиите ги повикуваат народот да излезе на улиците и да се спротивстави на пучот.

 

Турските опозициски партии не го поддржуваат воениот удар. „Оваа земја доволно страдаше од пучови. Нема потреба од повторување на ваквите проблеми“, вели Кемал Киличтароглу, лидер на Републиканската народна партија.

Лидерот на Партијата на националното движење Девлет Бахчели во телефонски разговор со премиерот Бинали Јилдирим потврди дека неговата партија не го поддржува пучот и дека „ја почитува демократијата и слободната волја на народот“.

Турските медиуми јавуваат дека армиски хеликоптер со кој управувале пучистите е соборен од воен авион Ф-16.

Командантот на турските специјални воени сили, Ген Зекаи Акшакали, на Турската национална телевизија порача дека „оние кои се обидуваат да направат пуч нема да успеат и дека власта има контрола на ситуацијата“. Генералот спомена дека има повредени и ранети меѓу безбедносните сили, но не наведе други детали. 

CNN-Turk извести дека е гранатирана зградата на турскиот парламент во Анкара, а на интернет се појави и видео снимка од нападот, во кој веројатно има повредени полицајци. 

 

Се огласи и американскиот претседател Барак Обама и ги повика сите партии во Турција „да ја поддржат демократски избраната влада во Турција, да бидат воздржани и да избегнуваат употреба на насилство или крвопролевање“.