Право на илузија

19.07.2016 02:40
Право на илузија

1.

Човековото право на илузија можеби не спаѓа во редот на основните човекови права, но подеднакво е гарантирано и неотуѓиво право. Иако, се чини, поголемиот дел од нас веќе одамна е „опериран“ од тоа право, барем во одделни сегменти на општественото живеење. Па така и јас немам никакви илузии дека, кај нас, е баш така лесно да се изведе солиден јавен споменик (на личност, на група, на настан …). Но има примери, и кај нас и во светот, кои подучуваат во двете насоки: добрата и лошата. Има и доволно литература која што може да биде сериозна помош во конципирањето на еден јавен споменик и неговата реализација, во обидот за задоволување на сите, или повеќето, барани / очекувани аспекти. А тие не се мали, не се ни малку.

Намерно го потенцирам поимот „јавен“ споменик бидејќи сето ова ѓубре што го гледаме околу нас низ централното подрачје на Скопје се јавни споменици, во јавен простор, платени со пари на граѓаните и (наводно) наменети за граѓаните на овој град, и на државата, секако. Иако, во крајната инстанца, испадна дека оваа (прескапа) збирштина е (само)задоволување на нечии илузии дека е голем политичар, државник, па и архитект. Од друга страна, да беше тоа некаква приватна зделка, некаква лична (или групна) амбиција (па нека е и болна) да си направи свој циркус, за свои пари, на свој простор, не верувам дека некој нормален ќе се побунеше. Да си ги осмислеа своите дворови со таков илузионистички декор, или да си купеа некоја парцела во некоја од приградските населби и таму да се изживуваа на овој начин, повторно, сигурен сум, никој немаше ни „а“ да каже. Ама, во оваа ситуација, кога станува збор за јавен простор и за (големи!) јавни пари, изживувањето на една група малоумници и повладувањето на личните болни илузии мора да предизвика реперкусии. И нив денес ги гледаме на дело, односно сега само како почеток на еден јавен референдум, на еден процес на преиспитување и справување со насилието манифестирано од една партиска врхушка.

2.

Следствено, и македонските „уметници“, оние кои партиципираа така жизнерадосно во упропастувањето на овој град и кражбата на народните пари, можат да продолжат да уживаат во нивните (бедни) илузии дека создале „нешто“. Но, нивните илузии бргу се распаѓаат под жестокоста на соочувањето со реалноста на народниот гнев. И допрва ќе се распаѓаат, и буквално!

Па така и авторот на спомен обележјето - споменик на „Паднатите херои“ може да си ја потхранува илузијата дека „Ова е политички мотивирано и не случајно се концентрирале на скулптурата ’Прометеј’ … Ним им беше најлесно ’Прометеј’ да го направат парадигма на оваа власт и на наводното фашистичко владеење“.

За „политичките“ мотиви на експонентите и учесниците во „Шарената револуција“ веќе доста пишував и тука нема што повеќе да се додава. Кога некој сака да ги затскрие своите нечисти политики, го обвинува за истите – другиот! Но, за вториот дел, она за „парадигма на оваа власт“ и за „наводното фашистичко владеење“ има богами подоста да се пишува. Зашто тоа е, повторно, ништо друго туку само илузија, лична и групна. И тука веќе – наспроти општите – навлегуваме во некои локални специфики на причините зошто луѓето, во принцип, уриваат споменици, или зошто токму овој споменик е мета на граѓаните на Скопје.

Мислам дека овде авторот се обидува да си придаде преголемо значење, поголемо отколку што објективно (може да) има, и тој и неговото спомен обележје – споменик. Како што впрочем и целиот „споменик“ е една шарена лага, ова е само шлаг на тортата, или црешата на врвот, како сакате. Не дека еден споменик на „Паднатите херои“ не би заслужувал да биде некаква парадигма на една современа власт, некаков национален симбол, па и во уметничка смисла. Но не овој, овој најмалку. И не на оваа власт. Зашто, тоа е барем познато, оваа власт „ја заболе“ за паднатите херои на оваа држава. Како што „ја заболе“ и за народот на оваа држава. Оваа власт има своја парадигма, има свој симбол, има свое „вјерују“, и тие се веќе општопознати од објавуваните разговори, а нивната материјализација е некаде далеку вон земјата, по разноразни белосветски островчиња познати како даночни раеви! Но, тоа се суштините што треба(ше) да останат вон спознанијата на народот, при што тој ист народ требаше да се замајува со материјализирани илузии за некакви длабоки антички корени, за големи идентитети и слични шарлатански приказни. Со такви бомбастични илузии требаше да бидат хранети два милиони луѓе, плус потхранувани со оживеаните фантазмагории од серијалот „Скопје 2014“. И токму таа приказна, со редица категоризирани херои, требаше да биде таа парадигма на оваа власт, за пред народот. А срцето на таа парадигма никако не може да бидат „Паднатите херои“, туку истата е сместена, како што соопшти веќе спомнатиот проф. Вангелов, … во самото срце на Скопје како срце на сегашна Македонија …, и тоа е неприкосновениот Александар и сето она што тој го претставува односно што некој мисли дека го претставува. Затоа впрочем е и на тоа место, со тие димензии и „поза“, затоа и сите државно партиски манифестации се држат во негова близина. Та зарем малку тиради се изнаслушавме, од Пастирот па до оној смешнион Сламков, за идентитетот и самоидентификацијата, за античките корени на Македонецот, на којшто бандитиве не му оставија опција да верува во иднината туку го силуваа да верува во – минатото! И да живее од него, ако може. За тоа време тие живееја од неговите пари!!!

3.

Затоа, самозалажувањето или илузијата на авторот на спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“ служи само за потхранување на личното его. И зарем тој навистина мисли, а и другите со него, дека младиве се такви тутурутки, безмалу како нив, па да кренат рака на нешто навистина свето, нешто што навистина им оддава почит на паднатите херои? И зарем тие исти млади, и не само млади, ако имаа барем и трошка верба, и илузии, за и околу вредностите и парадигмите на онаа смешна Триумфална порта, зарем ќе кренеа рака на неа? Зарем ќе ја „нашминкаа“ така како божем излезена од некој од фамозните скопски шминкераи, попознати како „академии“? Или, ако сакате, зошто ниту еден, и повторно – ниту еден од „Шарената револуција“, не посегна по Споменикот на ослободителите на Скопје, сега заграден во атарот на Владата на РМ? Ако можеа со катапултите да допрат до „белата шампита“, зошто не свртеа и накај споменикот?

Затоа, таквите малолетни ставови се дебело потценување на овој народ, на овие млади образувани луѓе кои умеат да препознаат вредност, традиција, квалитет! Затоа, впрочем, спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“ секако е само еден од светликавите (и омразените) симболи на денешницата, но никако не и некаква парадигма со којзнае какво значење.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото