Од левиот, во десниот џеб

19.07.2016 15:40
Од левиот, во десниот џеб

Како се прави кружен тек?

Земате дрвено колче. Го забивате во центарот на местото каде што сте предвиделе сообраќајот да се одвива кружно. За колчето врзувате јаже, долго колку што сте планирале да биде голем кружниот тек. Пешки, вртите полн круг околу колчето со оптегнатата ортома. На теренот исцртувате кружница. Потоа ставате два-три камиони земја во кружницата и правите мало возвишување, кон центарот на кругот. Садите шарено цвеќе во свежата земјена подлога. Околу жардиниерата ставате асфалт, за по него сообраќајот да се одвива кружно. Асфалтираната кружница ја поврзувате со околните улични приклучувања. Градите тротоарчиња наоколу и со бела боја ги означувате пешачките премини и другата „хоризонтална сигнализација“ (стрелки, линии, џиги-миги и сл.), за некој генијалец да не влезе во спротивна насока во кружниот тек. Пред да си отидете дома, ги навадувате насадените цвеќенца и со цревото го измивате употребениот алат. Да, и ашовите.

Така се прави кружен тек. Во нормални држави, работата почнува во сабота попладне, а кружниот тек е подготвен за сообраќај во понеделник наутро, кога луѓето треба да се возат на работа. Тоа утро, некој возач ќе забележи дека треба да го врти воланот лево-десно и, среде разговор на мобилен, ќе рече: „Еј, види, ноќеска овде направиле кружен тек!“ – и со тоа целата работа завршува во безначајните анали на едноставните сообраќајни урбани решенија.

Само во земјата Македонија, во која еден помал дел од граѓаните и сите функционери на власт се удрени по глава со мокра чорапа, се закажува свечено пуштање во употреба на кружен тек, со повеќечасовно блокирање на сообраќајот, со сечење црвени ленти, пригодни говори (ќе има и три нови вработувања, за овие што ќе ги вадат цвеќенцата!) и послужување-освежување, во присуство на куртонски медиуми и неколку коце-моце градоначалници, бројни високи, средни и мали државни функционери, каде што најважниот гостин е Не-не-не-нема-да-има-нов-претседател-на-ВМРО-ДПМНЕ кој прилично дрифта (се занесува – м.з.) кога ја фаќа кривината на кружниот тек. Тоа пропагандистите го претставуваат како уште еден голем успех на македонската економија, политика, индустрија, технологија, наука и увоз-извоз, доказ за грандиозноста на визијата на Големиот Водач во бела кошула.

Туго, мори – кружен тек, ебате!!!

РИНГЕ-РИНГЕ-ЈАЈА

Кружниот тек е добра метафора за тоа што ни се случува во последните десетина години, по доаѓањето на оваа екипа на ДПМНЕ на власт, на чело со криминалнава шушумига која занесува во кривини. Постојано нè врти в круг, со години си ја бркаме опашката, огромна енергија истрошивме на разни трчања по ова и по она, за дури од неодамна, во последнава година, мнозинството граѓани да сфатат дека цело време, всушност, фатени цврсто за рачиња, ги вртат в круг. Ринге-ринге-јаја... Шири-шири-весели-пешкири... Како на рингишпил. Како на панорамско тркало. Мозокот им го сомлеа како во некоја центрифуга. Постојано се во некакво движење, а не одат никаде. Околу кругот е наредена специјална полиција, во полна опрема, со водени топови и гумени куршуми, за на оние што се освестени да не им дозволи да ја напуштат кружницата.

Сето тоа можеби би било и забавно, кога би било бесплатно. Ама не е.

СОУЧЕСНИЦИ

Покрај сите можни поделби што Груевски, мајсторот на владеење низ конфликт, ги воведе во македонското општество, една од најсуштинските е онаа меѓу оние што го полнат и оние што го празнат државниот буџет. Логиката на неговото опстојување на власт е едноставна: ќе го користиме државниот буџет како основно средство за владеење – значи, не само што ќе крадеме од него во енормни количества, туку на буџетски поила ќе ставиме и ќе навикнеме стотици илјади луѓе во Македонија, па нивниот опстанок директно ќе зависи од нашиот опстанок и нашата способност да го полниме тој буџет, преку даноци, арачи, такси, намети, рекети, домашни заеми и странски кредити. Колку повеќе луѓе ставаат на државни јасли – стотици илјади државни административци, пензионери, субвенционирани земјоделци, вработени по јавни претпријатија итн. – толку посигурен им е опстанокот, бидејќи убавината на овој лудачки „економски модел“, со години развиван од двоецот македонски генијални економисти Груевски-Ставрески, е во тоа што, дури и кога мнозинството буџетски зависници ќе сфатат дека таа приказна е дојдена до својот крај, до апсолутното дно, немаат што друго да прават, освен да ги држат на власт лудаците што им ветуваат плата, субвенција или пензија и следниот месец! Па после – ќе видиме! Важен е следниот први во месецот!

На тој начин Груевски и Ставрески регрутираа стотици илјади граѓани на Македонија да бидат соучесници во колективното социјално и општествено самоубиство, во колективното сечење на гранката на којашто седат. „Кружниот тек“ на одвратната пропаганда на власта толку им ја замати свеста, што тие веќе не се во состојба да ги препознаат главните виновници за сопствената и сеопштата пропаст, туку своите „непријатели“ ги бараат во сите оние – опозицијата, странците, експертите, граѓанските активисти итн. – кои се обидуваат да им објаснат дека дното е допрено, дека домашните полначи на буџетот главно се рикнати и опљачкани, а дека дури и странските лихвари веќе не се расположени со свои пари да финансираат уште едно грчко сценарио во Македонија. Енде. Ла комедиа е финита. Морто!

Каков дебакл: истиот ден кога лудаците ја распишаа злосторничката обврзница од една милијарда евра, мораа да ја повлечат! Дури ни еден Ставрески не сакаше да си ја дозволи таа катастрофа, па итро ја шмугна во пет секунди до дванаесет. (Барем тој така си мисли, дека ја шмугнал.)

НОВА ТУРА ПРЕДАВНИЦИ

Сега, се разбира, Заев, Западот и домашните предавници ќе бидат виновни за овој нов неуспех на власта. Очекувам ДПМНЕ да организира административни сендвич-протести на Бихаќка во работно време, а и да излезат со нови листи за ликвидација на угледни граѓански активисти, експерти, новинари и сл.

Но, внимавајте, зад таквите пропагандни магли и „бркања вештерки“, мислам дека Груевски ќе се обиде да прошверцува нешто многу покрупно: во обид да ја „спаси“ земјата – оти, тој е нашиот дежурен Спасител пред налетот на бројните непријатели од дома и од странство – Груевски наеднаш ќе најде некој волшебен финансиски извор (од Лондон, на пример) кој ќе биде расположен да ја купи еврообврзницата, додуша не со почетните 5 насто камата, можеби за некој процент повеќе, ама важно тој ќе нè спасува од амбисот што се отвора пред нас веќе следниот први во месецот. Со оглед на криминалниот ум на власта, не би се изненадил купувачот на обврзницата, всушност, да биде некаков финансиски ентитет кој, преку разни островски анонимни сметки и офшор-фирми – како овие, купувачите на „Макпетрол“ – суверено располага со нашите украдени пари, во име и за сметка на Фамилијата. Погледајте ја таа убавина: не само што така ќе легализираат 650 милиони крадени евра, туку ќе засметаат камата од дополнителни 300-400 милиони евра за неполни десет години, што за толку кратко време не би можеле да ги заработат дури и да најдат нафта, гас и резерви на злато во Овче Поле! Кражбата ќе биде двојна, со дебела камата.

Кружен тек: од левиот, во десниот џеб.

Дали ова ќе им помине? Овој пат, мислам, не. Премногу се распаднати и разоткриени, сите чекори им се следат со внимание. Од Запад се отпишаа, а на Исток никој не ги чека со отворени раце за прегратка. Но, тоа дури не е ни важно – важно е што, ви гарантирам, додека не завршат в затвор, тие ќе сплеткарат и ќе мајмунисуваат до последниот жетон во казиното Македонија. Сега, веќе, нивната игра е на сè или ништо.

Гифот на насловна: кадар од филмот What’s Up, Doc (Peter Bogdanovich, 1972)

Слика: Свирачиња

Извор: Слободен печат