Двојната острица на антибиотикот

20.07.2016 14:13
Двојната острица на антибиотикот

Наградата за најголемиот убиец на бактерии убедливо им припаѓа на антибиотиците. Иако доведоа до револуција во медицината во текот на дваесетиот век и практично искоренија голем дел од најпогубните болести кои одземаа милиони животи низ целиот свет, се покажа дека нивниот меч има две острици.

Прегледната статија објавена на 10 мај 2016 година во научното списание „Трендови во молекуларната медицина“, укажува на тоа дека употребата на антибиотици делува двострано на нашето тело и дека освен позитивните ефекти кои ги има во борбата против инфекциите, ја осиромашува цревната флора, го нарушува имунитетот и ја зголемува чувствителноста на организмот на други инфекции.

За тоа колку микробите се значајни за нашиот организам говори фактот дека човечкото тело има повеќе гени на микроби од нашите сопствени гени. Благодарение на таканаречениот Проект за човечки микробиоми, кој беше покренат во 2007 година, денес знаеме дека микробите имаат голем удел во регулирањето на природната рамнотежа на нашиот организам. Во цревниот тракт доминираат околу 150-200 различни видови.

Во последните 10 години, истражувачите откриле дека т.н. „добри“ бактерии кои природно го полнат нашиот цревен тракт, придонесуваат за стабилизација на имунолошкиот систем преку комуникација со клетките на имунолошкиот систем. Меѓутоа, истражувањата покажаа дека антибиотиците ја прекинуваат оваа комуникација, поради што доаѓа до нарушување во работата на имунолошкиот систем.

Ерик Памер од Меморијалниот центар за изучување на ракот, Слоан Кетеринг во Њујорк објаснува дека антибиотиците ги убиваат „добрите“ бактерии кои природно се создаваат во нашиот организам, ја зголемуваат количината на достапен шеќер, што е погодна атмосфера за развој на одредени видови патогени.

Друг проблем кој се јавува при употребата на антибиотици е дека користењето на овој вид лекови води кон последователно слабеење на нивните ефекти. Одредени бактерии во човечкиот организам поседуваат гени отпорни на дејството на антибиотиците. Бидејќи со антибиотиците се елиминираат бактериите кои не се отпорни на дејство, микробите отпорни на гени продолжуваат да се размножуваат и да го шират својот генетски материјал.

Соработникот во лабораторијата на Памер, Бечанти Симон и неговиот тим во текот на оваа студија откриле дека дури 40% од бактерии кои се создаваат кај луѓето и животните се отпорни на некој тип на антибиотици, дури и оние видови кои никогаш не биле изложени на нивното дејство. Микробите сè повеќе стануваат област од интерес на науката, и причина за развој на нови пристапи кои би можеле да ги заменат негативните аспекти на делување на антибиотиците.

Некои од нив се на база на протеини кои селективно би ги отстранувале патогените, без оштетување на другите микроби. Другите решенија предлагаат употреба на генетски терапии. Постојат дури и идеи за трансплантација на секреторните материјали кои содржат антибактериски пептиди, како слуз и фекалии. Досега како успешен се покажа третманот заснован на унапредување на имуните клетки да произведуваат повеќе антибактериски фактори, додека успешноста на другите третмани сè уште се испитува.

Извор:elementarium.cpn.rs