Македонија вечна - должничка

22.07.2016 00:48
Македонија вечна - должничка

Кога се однесуваш како парите да врнат од небото, финансискиот потоп станува неизбежна судбина за земјата. Алармот за јавните долгови е запален одамна. Повеќе години се зборува дека пливаме во долгови, ама власта ги демантира сите тие „оговарања“ со тоа што покажа дека може да ја турне Македонија во уште поголеми долгови.

Уште не се оправивме од веста за еврообврзницата од 500 милиони евра, па потоа од онаа од 270 милиони евра и еве нова - од 450 милиони. Со три еврообврзници се задолживме над 1,2 милијарди евра, а ќе треба да се вратат во три последователни години!

Не веруваме дека е во прашање економска неписменост на финансискиот сектор во државната власт, па дури ни на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, но веруваме дека во македонската стварност сега најмногу важи поговорката: После мене - потоп. Овие генерации на власт имаат пари да се честат и да си градат кули од (гипс)картони, да си прават споменици, да возат скапи автомобили и да вработуваат роднини, пријатели и партиски послушници. Но, што останува за народот? Има ли надеж за младите во земја што ќе мора постојано да се задолжува за да ги отплаќа долговите, затоа што со тие што дотогаш се задолжила не направила ништо умно, ништо од што ќе може да се враќаат?

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби