Зошто феминизам?

22.07.2016 15:40
Зошто феминизам?

ОДБИВАЊЕ ЗАРАДИ КОНСТИТУИРАЊЕ

Одбивам да се скривам и да поданичам пред немирот, што го исцртуваат сенките на втолпените наративи на заедницата. Одбивам да ги голтам солзите притајувајќи се во еден агол од културата на тишината. Одбивам да бидам обликувана од општествената диктатура, чиишто диригенти наложуваат да се отпее животот само во еден тоналитет, само во еден виолински клуч. Одбивам да му припаѓам на „моралното мнозинство“. Одбивам да бидам трауматски отпадок на паланечкото кое се вткајало во политичкото. Одбивам да бидам алатка за затскривање на тортурата зад парадигмите на културата. Одбивам да бидам катализатор за гревовите на насилната историја. Одбивам да бидам обезглавен врат. Одбивам да бидам фрагментирано, расчеречено тело. Одбивам да бидам обестелеснет сон. Одбивам да бидам муза за поттик. Одбивам да бидам трансфер на колективната вина. Одбивам да исчезнам во привидот на правдата. Одбивам да бидам парола. Одбивам да бидам кошница за собирање предизборни гласови и квоти. Одбивам да бидам само текст испишан на транспарент. Одбивам наместо живот да имам само сон. Одбивам да бидам заедно само за да не сум сама. Одбивам да бидам сама затоа што не се впишувам во концептите за заедно, зададени од државниот и идеолошкиот апаратус, од малограѓанските стереотипи и од лажните морални концепции. Одбивам да бидам болка и рана затоа што не можам да си го најдам одразот во колективното огледало на нормираната идеолошка стварност. Одбивам да бидам радост која е во агендата на некоја рекламна агенција што нуди решенија за среќен живот во современото доба. Одбивам да бидам а да не сум.

Одбивањето не е нихилизам – тоа е патување низ трепетливата кревкост на соочувањето. Да се одбие зададената состојба занчи да се оприсутни свеста за копнежот по отсутната, посакувана состојба. Слично како и во сликарството – животот кој го „сакам да го родам“ се обидува да создаде детериторијализација на лицата, пејзажите, вообичаените контексти и социо-културни норми, преку реактивација на телесноста или преку ослободување на заробените линии и бои.

ЖИВЕАМ

Живеам како везилка. Затоа што сме везилки кои внимателно ги расплетуваат најзамрсените конци на љубовта соочувајќи се со смртта како со пријателка. Затоа што сме тела, кои со своето „срце кое мисли“ ја ткаат тајната на времето.

Живеам во тело во кое се вчитуваат и отчитуваат трагите од парадигмите на моќта, на јазикот, на говорот, на меланхолијата, на љубовта, на стравот, на слободата, на посветеноста, на припаѓањето. Живеам во солидарно тело, кое постои од дамнина до денес, содржејќи ги во себе форматите на битка со интимните и колективните политики на опстојување и на траење.

Живеам за да ја потврдам средбата на раскриленоста, средбата со заедницата, со себеси, средбата преку која се креира автономниот простор на слобода и дејствителност.

На сликите: Везови врз кожа (Елиза Бенет)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото