Ропскиот одраз во огледалото на реалноста

22.07.2016 16:16
Ропскиот одраз во огледалото на реалноста

За да открие дали животните имаат свест слична на онаа кај луѓето, свест што на своето најниско ниво се манифестира само како себе препознавање, бихевиористот Гордон Галуп, уште во седумдесеттите години од минатиот век го смислил и спровел во дело таканаречениот „белег тест“ или тестот на себепрепознавање во огледало. Тестот е инспириран од истражувањата на Чарлс Дарвин, чијшто гениј имал храброст да претпостави и да забележи обрасци на однесување што укажуваат на свесно себепознавање кај орангутаните што ги набљудувал во зоолошка градина.

Од неговото создавање па до денес, тестот предизвикува дискусии, но бидејќи е ингениозно смислен, сè уште дава интересни и вредни резултати. Елем, експериментот се изведува на тој начин што избраното животно се успива и, додека е под анестезија, на телото му се прикачува белег – парче лента во жива боја, што тоа во нормални околности не може да го види на себе, туку е забележлив само во огледало. Кога ќе се разбуди од опивката, животното се исправа пред огледало и тестот почнува да работи: доколку нема свест за себеси, тоа се однесува како да гледа друго животно во одразот или е сосем незаинтересирано, но животните што ќе препознаат дека на огледалото се гледаат себеси, тоа го манифестираат со зголемен интерес за белегот, и најчесто го допираат, истражуваат и се обидуваат да го извадат.

Исклучително малку животински видови за 45 години тестирање го „положија“ тестот на огледалното себепрепознавање: шимпанзите и орангутаните, делфините, орките и обичната, секојдневна и незабиколна евроазиска страчка. На последнава ѝ е потребно восхитувачки кусо време откога ќе се види во огледалото додека да почне – трогателно изнервирана – со клунот да го вади жолтиот белег што ѝ го грди достоинството. Нормалните луѓе почнуваат да се препознаваат себеси во осумнаесеттиот месец од животот, но на вчудовидување на научната заедница, голем дел од населението на Македоња Вечна не го „положи“ огледалниот тест. Најчестата реакција на гордите наследници на најхаризматичниот војсководец во историјата – Алехандро Магно, кога во огледалото ќе се забележат себеси обележани со видлив ропски жолт белег, е потполната индиферентност и несвесност за себеси и за сопствената реалност. Македонците не се препознаваат себеси во ропскиот одраз во огледалото – како да мислат дека виделе некој друг, и незаинтересирано продолжуваат да го „шетаат“ жолтиот белег на нивниот реален социјален статус, со сосем несоодветен израз на лицето, некаква тажна и патетична поза на достоинство што би им прилегала на развластени и осиромашени благородници.

Светската наука е вџашена од катастрофалните резултати што на „огледалниот тест“ ги оствари гордото население на библиската земја. Но, по првите изрази на неверување дека мнозинството граѓани на една современа (макар и ропска) држава имаат помал интелектуален капацитет за самоспознавање од нашата обикновена страчка, дојдоа и низа други непобитни бихевиористички докази за оваа колективна несвесност што се манифестираат во несоодветните реакции на општествено– политички настани што во последно време засилено им се случуваат на безмалку двата милиони наследно благородни Македоноиди.

Имено, целото ова благородничко население не само што не реагира соодветно и пропорционално на настаните, туку не реагира воопшто! А, настаните – со весела фашистичка динамика и неуништива иницијатива на Вечната Глупост – ги изведува една криминална банда луѓе регистрирана во Регистарот на партиите како ВМРО-Фашистичка, која се однесува буквално како и фашистичките бугарски окупатори во Втората светска војна: насилно и на измама – претставувајќи се како да се „с`штите хора“ – ја окупираа земјата однесувајќи се како да ја ослободиле, за потоа да ја спроведат злосторничката програма на експлоатација и ограбување на националните блага, уништување на културата и кретенизација на населението, и, на крајот, нивно задолжување и преведување во статус на економски робови во веки веков. Во вакви околности, научниците етолози што го изучуваат однесувањето на животните имаат еден единствен метод за проучување на нивото на свеста и самоспознавањето, а тоа е мерењето и опишувањето на реакцијата на испитаниците на надворешни случувања. Така, истражувањето деновиве дојде до нови сознанија за непостоењето реакција кај најголемиот дел од населението на Македоња Вечна, и тоа на поттик што кај другите популации, па и животински видови, обично предизвикува неизбежна и бурна насилна реакција.

Се работи за емитирање на еврообврзница во вредност од 650 милиони евра што фашистичката влада на Македоња ја изврши со опскурна, злосторничка и антинародна одлука, со која окупаторската банда има намера да ја финансира својата предизборна кампања, односно да го корумпира населението за да го овозможи своето неуставно и криминално владеење ад инфинитум.

Ако се земе предвид дека гангстерското задолжување во странство на целиот народ на библиската земја за остварување на своите мафијашки и партиски цели, е практично најподлиот и најнеморалниот начин со кој една нелегална банда се одржува на власт на сметка на економското поробување на народот, а во перспектива и на губењето на суверенитетот на државата преку отуѓување на сите нејзини национални ресурси – имот, земја, комунални добра, вода и, на крајот, воздух; ако се земе предвид дека се работи за најстрашниот злостор против народот и судбината на идните поколенија, набљудувачките очи на научната заедница се напросто вкочанети од шокот дека и на ваква крајна, судбинска и егзистенцијална провокација, населението на Вечна не покажува дека е воопшто свесно што му се случува. Во огледалото на стварноста овие благородници во 96 колена – директно од Алехандро – не покажаа дека жолтиот белег на нивното претворање во робје и понатамошна екстерминација од историјата, воопшто го забележуваат, а камоли да се обидат да го извадат или да се стресат, макар со клуновите да го исколват како нашата горда страчка!?

Компаративните истражувања кај француските испитаници, на пример, покажаа дека реакцијата на народот на несомерливо побезначаен настан, на повеќекратно послаба провокација од нивната влада – предлог законот за трудот, во кој се намалуваат некои стекнати работнички права – се неспоредливо побурни од примероците од Вечна.

Французите се кренаа на гневни протести и штрајкови, ја парализираа целата Република, ги блокираа патиштата и рафинериите на нафта, предизвикаа застој во снабдувањето со енергенти, запалија стотици возила, барикади, дуќани и полициски коли, а сцените на сурово насилство помеѓу демонстрантите и полицијата станаа секојдневни веќе неколку месеци, колку што трае „јавната расправа“, пред законот да влезе во парламентарна процедура. За истото тоа време, во колевката на цивилизацијата, во палеолитското извориште на сета писменост и култура на човечкиот вид, во земјата по којашто газел човекот што го измислил христијанството буквално од ништо, народот се однесува нормално, пристојно и неверојатно мирољубиво, да не речам нападно достоинствено. Ја почитува мафијашката банда како легална партија, ги почитува неуставните закони што партиската држава си ги донела за ограбување на нацијата, ги богослави институциите на системот со коишто се уништуваат нивните животи и иднината на нивниот пород како да се легални институции на една демократска држава, и во бескрајни преговори со бандитската власт на ВМРО-Фашистичка им го обезбедува легитимитетот за продолжено злодејство...

Сè на сè, народот на библиската земја покажува безмалку незабележана индиферентност кон сопствената судбина и реалност, индиферентност што е еквивалентна со себенепрепознавање, или потполн недостиг на самосвест (за самопочит и да не зборуваме!) за којашто науката се сомнева дека овој човечки благороднички крем ја дели со другите животински видови што не го положија „белег тестот“ за себепрепознавање во огледало. Научниот експеримент со огледалото на грдата реалност на Македоња Вечна ќе продолжи по годишните одмори, зашто Македонците се уморни од игнорирањето на сопствениот одраз во огледалото. Кој знае што ќе се случи кога Алехандровите наследници ќе го окрепнат своето достоинство во митските води на Бјалото море?

Извор: Слободен печат, 16.07.16.

ОкоБоли главаВицФото