Почина Младен Стилиновиќ, големиот хрватски уметник

22.07.2016 20:37
Почина Младен Стилиновиќ, големиот хрватски уметник

Од последици од тешка болест синоќа во Пула умре Младен Стилиновиќ, еден од најзначајните хрватски современи уметници. Неговите дела се изложени во најугледните светски музеи како Музејот на модерната уметност во Њујорк, Musee National d'Art moderne (Centre Georges Pompidou) во Париз, Victoria nad Albert Museum, Moderna Museet во Стокхолм.

Стилиновиќ беше основоположник на таканаречената нова уметничка практика и член на Групата шест автори, заедно со Владо Мартек, Борис Демур, Жељко Јерман, Свен Стилиновиќ и Федор Вучемиловиќ. Во седумдесеттите години од минатиот век Стилиновиќ ја воведе практиката за изложување на отворен простор, на тој начин критикувајќи го тогашниот галериско-музејски систем.

Од 1969 до 1976 година, главна област на неговиот интерес бил експерименталниот филм. Стилиновиќ е и еден од коосновачите на Галеријата Подрум (1978 – 1980), по што се ангажирал како раководител на Галеријата за проширени медиуми. Уметничкиот опус на Стилиновиќ се состои од колажи, фотографии, слики, инсталации, филмови, видео дела...

Неговиот најпознат циклус е наречен Експлоатација на мртвите, а е создаден помеѓу 1984 и 1990 година. Се состои од околу 400 дела, главно со мал формат, со цитати од дела на супрематизмот, конструктивизмот и соц-реализмот. Уметникот манипулира со црвената боја сакајќи да го десимболизира трејдмаркот на социјализмот, ослободувајќи ја од конотативните значења за сведување на црвената на физичка супстанца, на пигмент. Делото е изложувано на многу изложби, меѓу другото и на Документи во Касел 2007 година и во Истанбул.

Во својот манифест Пофалба на мрзеливоста (1993), Стилиновиќ пишува дека „Уметниците од Западот не се мрзеливи и затоа повеќе не се уметници, туку произведувачи на нешто...

На изложбата Цинизмот на сиромашните (МСУ Загреб, 2001/2002) Стилиновиќ изложи фотографии од анонимни луѓе на саемот за стара стока, снимени од зад грб, како во рацете носат најлонска вреќа која станува визуелна парабола за сиромаштијата (циклус фотографии „Луѓе со вреќи“). Потеклото на фасцинацијата од саемот за стара стока Стилиновиќ го наоѓа во врежаната слика во неговиот ум на човек кој стоел таму и пред себе на подот ставил паричник што го продавал.

Уметникот го преземал саемскиот начин на изложување предмети на подот, распоредени на раширени листови од весници, нудејќи ги своите дела како предмети на продажба, или изложувајќи храна (на пример, крем пита) која ја допира, валка и изместува како поттик за разновидни доживувања и емоционална перцепција кај гледачот. Мешавината од документарност и фикција е карактеристична постапка на Стилиновиќ.

19.07.2016

Извор: http://www.novilist.hr/

ОкоБоли главаВицФото