Кој е, всушност, вашиот знак?

23.07.2016 02:46
Кој е, всушност, вашиот знак?

Да претпоставиме дека сте родени 1984 година, на 25 август. Или која било друга година во поблиската историја исто така на 25 август и дека оттогаш, астролошки гледано, ве придружува некаков знак Девица. Меѓутоа, установено е дека ова воопшто не е точно. Доколку само за момент се впуштиме во разгледување на положбата на Сонцето во мигот на вашето раѓање, кое според астролозите го одредува вашиот „знак“, ќе сфатиме дека Сонцето на 25 август се наоѓа во соѕвездието Лав. Како е возможно ова?

На овие простори, август е топол, со малку врнежи, и вашите родители во текот на врелите августовски вечери можеле да уживаат во метеоролошките роеви, раскошните соѕвездија како Пегаз, Андромеда, Стрелец, Јарец, Водолија, Риби, Касиопеја и други небесни појави. Трите сјајни ѕвезди кои се воочливи на ноќното небо во тој период, Вега во соѕвездието Лира, Денеб во соѕвездието Лебед и Алтаир во соѕвездието Орел, го образуваат познатиот Летен триаголник. Пред употребата на GPS системите, морнарите овој астеризам го нарекувале Триаголник на морепловците.

Уште од дамнешни времиња човекот со големо интересирање го набљудувал ноќното небо. Она што го видел се обидувал да го објасни, но и на одредени небески феномени поблиску да им ја одреди смислата. Во склад со своите обичаи и традицијата, ѕвездите кои само навидум припаѓаат на истиот дел од небото ги групирал во одредени облици на кои подоцна им давал имиња. Следењето на случувањата на небеската сфера за човекот имало огромно практично значење, па така биле создадени првите календари, часовници, но и смерниците за подобра навигација на морепловците. Меѓутоа, во намерата да го објасни она што го гледа, човекот на ѕвездите и планетите им припишувал и митолошки значења.

Небесната сфера е всушност небесниот свод што нè опкружува. Иако нема особена потреба да се напоменува дека Земјата се движи околу Сонцето, можеби е потребно да се потсетат читателите дека Сонцето се движи по тесен, точно одреден појас на небесниот свод, по привидна патека „околу“ Земјата што ја нарекуваме еклиптика.

Зодијакот претставува тесен појас на небото што се протега од едната до другата страна на еклиптиката, во распон од неколку степени. Освен Сонцето, по овој појас се „движат“ и други небесни објекти, како планетите од Сончевиот систем и Месечината. Ако можеме да заземеме некаква мета позиција во однос на Земјата и Сонцето, можеме да видиме дека Земјата се движи околу Сонцето по рамнина што ја нарекуваме рамнина на еклиптиката, а појасот на Зодијакот ја опашува оваа рамнина далеку на небесниот свод.

Зодијачкиот појас е поделен на 12 подеднакви зони уште во времето на Вавилонците, со цел создавање на првиот небесен координатен систем. За потребите на астрологијата, секоја од зоните на Зодијакот е претставена како одреден хороскопски знак, а името го носи според соѕвездието што се наоѓа во него: Лав, Бик, Водолија и сл.

Меѓутоа, во стварниот живот, соѕвездијата заземаат различен опсег од зодијачкиот круг. Така, на пример, соѕвездието Девица на небото зазема и до шест пати поголем појас од соѕвездието Шкорпија. Сонцето со својата еклиптика минува низ соѕвездието Девица вкупно 45 дена и тоа во периодот од 16 септември до 30 октомври. Нашата најблиска ѕвезда во соѕвездието Шкорпија минува само седум дена и тоа во периодот од 23 до 29 ноември. Ова патување продолжува низ Зодијакот и точно по една година Сонцето се враќа во точката од каде го почнало своето патување.

Сепак, овде не завршува ујдурмата со зодијачките „знаци“. На зодијачкиот круг му недостасува едно битно соѕвездие наречено Змијоносец. Соѕвездието Змијоносец зазема дури двојно поголем појас од Шкорпијата, а на Сонцето му се потребни 17 дена да го помине овој дел од небото и да премине на наредната делница од патот: соѕвездието Стрелец.

Третата работа е таканаречената прецесија. Прецесија претставува промена на накосувањето на оската на Земјината ротација, и се случува во циклуси кои траат околу 26.000 години. Како последица на прецесијата, за набљудувач на Земјата перспективата се сменила, а со тоа и целиот појас на Зодијакот се „помрднал“ за 30 степени на небото, во однос на периодот кога старите астрономи првпат го поделиле Зодијакот на 12 еднакви делови пред речиси 3000 години.

Можеби интуитивно и не е најјасно што значи патувањето на Сонцето низ соѕвездијата? Доколку по некоја случајност Сонцето е помалку сјајно, не би имало никаква причина да не ги видиме и другите ѕвезди и да следиме низ кои соѕвездија се движи Сонцето. Доколку сепак сакате да видите како би изгледало тоа во реално време, со помош на бесплатните софтвери како програмата Stellarium, многу лесно можете да го следите движењето на Сонцето низ соѕвездијата во текот на денот. Старите Вавилонци ги носеле заклучоците за дневното движење на Сонцето врз основа на набљудувањето на ноќните движења на небото.

Со помош на оваа програма која користи многу прецизни податоци за положбите на ѕвездите, планетите и другите објекти, можете вешто да одредите во кое соѕвездие „престојувало“ Сонцето кога сте се родиле. Ако сте родени ноќе, ситуацијата е малку покомпликувана бидејќи мора да замислите (или барем да ја исклучите опцијата „Ground“ на Stellarium-от) каде се наоѓало Сонцето во тој момент, гледано од дијаметрално спротивниот дел на планетата.

Соѕвездијата според кои се именувани деловите на зодијачкиот круг веќе не одговараат на моменталниот ред на нештата. Ниту сте вие родени во „знакот“ во кој постојано ви кажуваат дека сте родени. Впрочем, на кој начин точно може да нè одредат случајната група ѕвезди?

Како соѕвездијата ги добиле линиите?

Народите на старите култури (Вавилонци, стари Грци, Кинези) активно го набљудувале ноќното небо и пронаоѓале групи ѕвезди кои сочинуваат шаблони. Најсјајните ѕвезди ги поврзале со имагинарни линии и креирале фигури кои во нивните култури претставувале нешто значајно, додека послабо видливите ѕвезди ги игнорирале. Со многу фантазија, фиктивните групи ѕвезди станале херои, митски суштества или богови и така биле внесувани во картите на небото. Во записите од долината на Еуфрат (стари околу 6000 години) се наоѓаат најстарите текстови за соѕвездијата Лав, Бик и Скорпија. Во времето на Хомер (7 в. пр.н.е.) повеќето соѕвездија се предмети или животни (на пример, Лира и Овен), но од 5 в. пр.н.е. тие се поврзуваат со митологијата. Старите Грци во многу записи спомнуваат разни соѕвездија, но најопфатниот каталог на ѕвезди го составил Птоломеј во текот на 2 в. пр.н.е. Тој групирал 1022 ѕвезди во 48 соѕвездија, кои со одредени адаптации и дополнувања се користат и денес. Се разбира дека тука не биле вклучени ѕвездите на Јужното небо кои жителите на Северната хемисфера не можеле да ги видат. Во периодот на големите откритија и светските морепловци во картите биле означени и ѕвездите од Јужната хемисфера и листата е дополнета со соѕвездија наречени и по егзотични животни (на пример Тукан и Камелеон) и по научни инструменти (на пример Телескоп и Микроскоп). Во 1922 година Меѓународната астрономска унија ја состави листата од 88 соѕвездија која е во употреба и денес. Хипотетички гледано, воочените групи ѕвезди можеби можеле да имаат и поинакви репрезентации доколку историјата на цивилизацијата била поинаква.

Извор: „Елементи“, часопис за промоција на науката
Слики: Салвадор Дали