Раѓањето на национализмот

25.07.2016 10:09
Раѓањето на национализмот

Во општествените науки постои консензус за национализмот како модерна појава. Национализмот преку националниот мит посегнува кон минатото и воспоставува континуитет со сегашноста, но појавата и употребата на тој мит ретко се наоѓаат пред 19 век. Зошто токму тогаш? Во Европа 19 век е време на промени. Развивањето на колониите и индустриската револуција ги збогатиле трговците и капиталистите и принудиле огромен број луѓе да работат и да живеат во градовите. Новиот книжевен и уметнички правец, романтизмот, му се обраќал на модерниот човек и му зборувал за дамнешните, „поедноставни“ времиња со гордост и чувствителност, и така го трасирал патот за митологизација на минатото.

Развојот на образованието ја условил стандардизацијата на јазиците, која преку новата наука – филологијата – и под влијание на романтизмот се случила на нова, национална основа. Тоа не била само наука за јазикот, туку се занимавала и со историјата, со романтичарска цел да го стави во рамки постоењето на некој народ преку неговото „природно“ живеалиште, единствената историја и култура.

Образованието и масовната писменост во новите, национални рамки, имале далекусежни последици. Се појавиле весниците, кои им се обраќале на сите членови на една нација на заеднички јазик, создавајќи чувство на припадност и бришејќи ги локалните јазични и културни разлики. Нацијата станала простор за политичка борба на урбаната популација: наспроти аристократијата, масата првпат стоела обединета во идејата за сопствена држава.

Национализмот не бил само рамка на револуционерните движења. Властите ширум Европа го прифатиле националниот легитимитет: основани се филолошки школи, се исцртувале историски граници на нациите, се стандардизирал јазикот, се национализирала војската. Кога и револуционерните движења и властите против кои тие биле вперени, ја прифатиле нацијата како простор за дејствување, Европа целосно и трајно станала континент на национални држави – авторитарни, како и демократски.

Европа каква што ја знаеме денес ја создал национализмот, не како идеологија или политичко определување, туку како политичка рамка, како сеприсутен агенс за општествени и државни движења.

Слика: James Gillray

Извор: Елементи

ОкоБоли главаВицФото