За земјотресот од 1963 и за СК014

26.07.2016 15:22
За земјотресот од 1963 и за СК014

Дали СК014 може да се споредува со (ре)изградбата на Скопје по земјотресот?

Во квантитативна смисла Скопје по 63-та во однос на грозоморницата СК014 е ред величина најмалку 100:1. Само десетината населби изградени во Скопје по 63-та, десетиците илјади станбени единици, вредат барем стотина пати повеќе од неколкуте парадни фасади на груевизмот. Да не зборуваме за обемната градска инфраструктура изградена по 63-та, за многубројните школи, градинки, болници, амбуланти, паркови... Наспроти, значи, задоволувањето на основните потреби на стотици илјади граѓани (станбени, образовни, здравствени, сообраќајни и други потреби) денес се соочуваме со „проект“ кој ги задоволува патолошките потреби на еден единствен човек опкружен со својата учкур тајфа (којашто, на трн задоена, има задача „визиите“ на пастирот да им ги втера в коски на поданиците).

И покрај тоа што крадиналниот СК014 ќе остане запаметен како еден од најголемите грабежи во новиов век, потфатот на здружената бандитерија и сељоберија - кога ќе го земеме предвид и финансиското рамниште - сепак е на нивото на градење „аеродромска црквичка со фонтаничка“, наспроти „комуњарското“ градење град. Зашто, да потсетиме, само во неколкуте години по земјотресот во главниот македонски град се влеале пет до десет милијарди долари, што од странство, што од југословенските републики. Во денешни пари таа сума би изнесувала неколку десетици милијарди долари. (Британскиот архитект Јан Дејвис проценил дека во периодот 1963-1975 во Скопје биле вложени 14 милијарди тогашни британски фунти. Дејвис потсетува дека секој вработен Југословен во периодот 1963-1968 давал 2% од својата плата за обнова на разурнатиот град.) Да не зборуваме за огромниот волонтерски труд вложен во Скопје, особено непосредно по земјотресот.

Така што, редовите на величини се просто - неспоредливи. Таму имаме урбанисти; ваму имаме удбанисти и чираци на малиот архитект; таму имаме глобално релевантен град, ваму имаме синдилија и пустелија; таму имаме знаење, пожртвуваност, вера и визии; ваму имаме трчај-мочај градители кои имаат разработено само една техника во народот позната под името курафте техника (или бош работа).

Квалитативната споредба уште повеќе ја нагласува разликата помеѓу потемкиновско-дизнилендскиот етно парк и „градот на солидарноста“ кој во еден момент го сосредоточи знаењето на некои од најдобрите архитекти и урбанисти од светот и од Југославија. На пример - да не ги спомнуваме странците - само еден објект на Муличковски, Константинов, Константиновски, Чипан или Жика Поповски (изберете: „ЦК“, МАНУ, ГТЦ, Пошта, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ итн.) вреди повеќе од целокупната кичероза на груевизмот.

Целиот текст


Во „живинарската фарма Македонија“ груевистите внесоа фантом

Тријадата на Лакан (Реално, Симболичко, Имагинарно), може да помогне делумно да се разбере чудесновишниот проект на Груевски. СК014 е радикален и (гледано медицински) патолошки упад на Имагинарното во нашата досегашна општествена Реалност. Таков упад, такво драстично играње со општествено-психолошката тектоника не може да помине без последици. Највидливите последици се сериозно нарушените односи со Република Грција, земја чијашто јавност изливите на македонското Имагинарно ги смета за фалсификат, кражба, па и иредентизам во најава. Посуптилните последици од груевистичкиот испад (како фекална канализација да ви избила во мијалникот) се трајно нарушените идентитетски матрици на нацијата, што на помладите генерации ќе им создаде проблеми со (општествената) самосвест. Згора на сè, груевизмот внесе и опасно семе на раздор меѓу новосоздадените „антички“ и („некогашните комуњарски“) „словенски“ Македонци.

Груевизмот заправо го повтори - за среќа, во лимитиран контекст и со ограничени средства - лудачки губитничкиот проект што нацистите го нарекувале umvolkung - етноморфоза, преобразба на народот, „регерманизација“. Станува збор за нацистички поим и проект кој подразбирал чистење на припадниците на германскиот народ од сите облици на свест и култура коишто тие ги примиле од народи, најчесто источноевропски, со коишто заедно живееле, и повторно обединување на германскиот народ врз чисто расна, ариевска основа. Проектот подразбирал и раселување и преселување на цели народи заради создавање единствен германски животен простор. Зборот umvolkung веќе не може да се најде во германските речници - толку многу го сметаат за забеган.

Груевизмот, значи, среде ѕидините на Македонците внесе Тројански коњ. Или, да бидеме пошеговити, среде Македонците груевизмот спушти нешто што се нарекува „фантом“ (не е кукавичјо јајце, но е нешто слично, живинарско). На живинарските фарми, имено, постои голема потреба од сперма на петлите. Сметајќи дека природниот секс е непродуктивен, одгледувачите на кокошки не ги оплодуваат кокошките по природен пат, туку со помош на нешто што им го подметнуваат на петлите и што во жаргонот на одгледувачите се нарекува - фантом. Зборот фантом, инаку, потекнува од грчкиот збор phantasma, а значи „призрак, слепило, привид“.

Што е фантомот? Фантомот е гешталт на кокошка. Психолозите тоа добро го знаат; се работи за збир од карактеристични обележја, контури, според кои петелот ја препознава кокошката. Попрецизно речено, станува збор за збир од обележја кои кај петелот ја придвижуваат репродуктивната дејност зашто во генетската програма на петелот постои некое „копче“ кое го стимулира неговиот „генетски наскок“ (изразов го употребува филозофот Растко Мочник). Слично е и со нас луѓето; кога во надворешниот свет ќе пронајдеме нешто што одговара на замислениот или еволуциски вградениот калап, на стереотипот што го имаме, тогаш проработува нашата репродуктивна машина. Често не е ни потребно „фантомот“, што го користат живинарите, да содржи некакви „реалистични“ детали; доволни се основните обележја на кокошка. Потребно е само да се собере спермата од петелот - и тоа е сè. Живинарите не се ни трудат да создадат „пореална“ кокошка, туку само ги издвојуваат симболите кои го придвижуваат окинувачот на петелот.

Груевистите, значи, во „живинарската фарма Македонија“ внесоа фантом. Но, можно е фантомот всушност да е смислен токму за да ја предизвика репродуктивната моќ на овдешниот демијург и пастир. Таа верзија на приказната е пологична и психолошки поверодостојна. Фантомот е смислен од самите овдешни „петли“ (всушност, од опслужувачите на единствениот петел-матица), за самите да се возбудат (да го возбудат) и за да го „оплодат“ новиот идентитет „на расата“. Ако целата живинарска фарма го прифати Тројанскиот коњ (фантомот) - дотолку подобро.

Целиот текст

Слики: Свирачиња