Светот излезе од колосек

27.07.2016 11:17
Светот излезе од колосек

Ако мораме со еден збор да го опишеме нашиот свет, тоа би бил зборот - преоптовареност. Премногу од сè. Премногу информации истовремено. Премногу противречности. Премногу барања. Батон Руж, Ница, Истанбул, Вирцбург, Минхен. Сè се случува истовремено. Сè бара сочувство, размислување, одлучност и - внимание. Но стварноста не знае за милост. Мораме да се навикнеме на тоа. Како што човекот кој доаѓа од село се навикнува на градската врева. Само со една разлика: за нас нема враќање на село.

Во САД полицијата убива Афроамериканци. Зборуваме за полициско насилство и расизам. Потоа Афроамериканците убиваат полицајци. Реагираме на тоа и расправаме за опасностите кои демнат во општеството кое се распаѓа. Во Ница човек убива повеќе од 80 луѓе. Нашето внимание повторно го насочуваме кон Европа и се грижиме поради исламскиот тероризам. Во Вирцбург еден 17-годишник, бегалец од Авганистан, напаѓа патници во воз и го убиваат. Расправаме за разликите помеѓу терористите и постапките на пореметените лица, за бегалската политика и твитот на Рената Кунаст. А тука е уште и Турција, државниот удар, па противудар. А сега и Минхен. И утрото? А каде е крајот?

Имаме ново сметање на времето. Првата брза година ја имавме пред само пет години. Тоа беше 2011. Се сеќава ли уште некој на тоа? Заминувањето поради плагијатот на германскиот министер за одбрана Гутенберг, револуцијата во Египет и Либија, масакрот на Андерс Беринг Брејвик, цунамито во Јапонија и катастрофата во Фукушима, и германското откажување од атомската енергија. Сето тоа се одигра во само една година, а денес ни се чини како летна програма. Но, чувството на преоптовареност оттогаш не нè напушта.

Никој нема толкав распон на внимание и толку сочувство колку што ни е потребно денес. Сочувството не е неисцрпно. Потребно е време тоа да се обнови. Целосното емотивно празнење го следи емоционална исцрпеност и рамнодушност. И ужаснатост, можеби и срам поради нас самите.

Сè се забрзува. Таквото тврдење изнесено во ерата на брз живот самото по себе делува бесмислено. Но тоа е точно. Брзината се зголемува и се губи контрола. На грчки kybernetes е лице кое управува, кое се грижи да остане на курсот. Кибернетиката е наука за управување со системи. Нашата стварност е кибернетска катастрофа. Нашата способност да го задржиме правецот опаѓа со забрзувањето на темпото кое ни е наметнато. Нашата способност да го задржиме правецот опаѓа со забрзувањето на темпото кое ни е наметнато. Сопирачките не откажале, затоа што ги нема. Вонредната состојба е наша нормална состојба.

Со забрзувањето расте и стравот. Не е случајно што истовремено се шират тероризмот и популизмот. Двата феномени живеат од стравот. Стравот е најголема закана за цивилизацијата, а неговата конторла најголемо достигнување на човечката цивилизација. Но некој што веќе се плаши, знае дека е лесно да се каже тоа.

Да се живее денес не е нималку лесно. Свесни сме дека глобализацијата и интернетот нема да исчезнат. Ајде да се прилагодиме, да научиме. Во моментов може многу да се научи за општеството и луѓето. Насетуваме дека Хелмут Шмит беше во право кога уште во 1997 напиша: „Без грижа за граѓанските вредности нашето општество ќе стане политички плен на различни интереси.“ Тоа, со оглед на разединетите западни општества, е благо речено. Сојузот е кревок, зашто избледува она што нè поврзуваше.

Зошто е тоа така? Можеби зашто и демократијата е смртна. Ако таа не ги исполни ветувањата, ќе ја замени нешто друго. Западот никогаш не ветувал еднаквост. Но ветуваше правда. Луѓето се измамени. Во филозофијата познаваме „природен погрешен заклучок“: самото тоа дека нешто постои не значи дека тоа е и добро. Но постои и погрешен морален заклучок: самиот факт дека некоја особина ја сметаме за позитивна, не значи дека таа е природна. Можеби е морално погрешен заклучок вербата дека сите луѓе сакаат да бидат разумни и добри демократи. Можеби има приличен број луѓе кои сакаат да бидат ништожници.

Филозофот и поранешен британски голем рабин Џонатан Сакс еднаш нè потсети дека оптимизмот и надежта не се исто. Оптимизмот е верба дека ќе биде подобро. Надежта е верба дека заедно ќе направиме сè за да биде подобро. Оптимизмот е пасивна, а надежта е активна доблест. „Не морате да бидете храбри за да бидете оптимисти“, рече Сакс, „но потребно ви е многу храброст за да се надевате“.

Извор: Der Freitag, 23.07.2016.

ОкоБоли главаВицФото