Дали „барокните бомби“ го откриваат криминалот во „Скопје 2014“?

28.07.2016 11:35
Дали „барокните бомби“ го откриваат криминалот во „Скопје 2014“?

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, денеска во Специјалното јавно обвинителство ќе даде исказ во врска со проектите во ДУП „Мал ринг“.

ДУП-от го опфаќа централното градско подрачје, каде што се сместени спомениците и објектите од владиниот проект „Скопје 2014“.

- Веднаш по доаѓањето на градоначалничката функција, по налог на Жерновски, изработени се два ревизорски извештаи. Врз основа на документи и докази, констатирани се низа неправилности и кршење закони, неколкукратно поскапо платени споменици, криминални тендерски постапки. Целиот материјал и извештаите беа доставени во Јавното обвинителство пред три години. Обвинителството побара дополнителни докази, што веднаш беше сторено од Општина Центар. Оттогаш, Јавното обвинителство молчи за овој предмет и не го процесуира, со што се спречува започнувањето на правната разврска. Градоначалникот Жерновски се надева дека со формирањето и работата на СЈО, конечно ќе се расчисти со криминалниот проект „Скопје 2014“ - велат од кабинетот на Жерновски.

Специјалното јавно обвинителство на 18 мај годинава извести дека од Општина Центар се побарани некои документи во врска со предистражни постапки.

Тогаш градоначалникот Жерновски изјави дека добил известување од специјалните обвинители.

- Од Специјалното јавно обвинителство добив писмо дека тие работат на четири предмети за „Скопје 2014“. Дојдоа во Општина Центар и ги добија сите неопходни докази и материјали. Затоа сум оптимист дека СЈО брзо ќе го сработи предметот за криминалот во „Скопје 2014“ - рече Жерновски.

Една година претходно, на 29 мај, потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, во познатиот „Камп на слободата“ пред Владата објави нови прислушувани разговори поврзани со владиниот проект „Скопје 2014“, во кои, како што рече, се слуша како Никола Груевски мести и разместува министерства, одредува фасади, балкони, мермери и малтери.

Во првиот разговор што беше обелоденет, премиерот Никола Груевски зборува со Миле Јанакиески и бара за зградата на МНР да се даде некоја привремена, условна дозвола. Јанакиески му вели дека половина државна администрација седи во објекти на диво затоа што не им се впишани објектите во катастар.

Во вториот разговор, премиерот Никола Груевски му кажува на Јанакиески дека сака балкони од два и половина метри за барокен хотел, а зад „Универзална сала“ сака да постави фонтана по примерот на некоја во Рим.

Во следниот разговор Јанакиески и Груевски зборуваат за општинската зграда на Центар. Груевски го прашува зошто има 15 ката. Јанакиески му објаснува дека дел ќе биде деловен простор, а само три ката ќе бидат општинска зграда. Груевски бара барок, ама да не биде некој „шугав“ барок.

Јанакиески и Груевски во уште еден од разговорите што беа објавени, зборуваат за „шпанските скали“ во центарот на Скопје. Груевски прашува дали ќе им се дозволи зголемување и дека можеби сопственикот ќе го бара земјиштето, на што Јанакиески му одговара дека ќе одложуваат сè додека нивниот проект не биде готов.

Груевски и Јанакиески зборуваат за промена на фасадите. Во разговорот се вклучува и министерката Елизабета Канческа-Милевска, која бара Јанакиески да даде дозвола тие да бидат споменици на културата за да може да се менуваат.

Груевски во следниот разговор со Јанакиески зборува за зградата на АЕК, за која бара да се направи со мермер, а не со некој малтер кој личи на мермер, затоа што Агенцијата за електронски комуникации има пари и може да си го дозволи тоа.

Во последниот разговор, Груевски зборува со Силвана Бонева, на која ѝ вели министерката за култура да не се појави на собраниската седница за пратенички прашања затоа што „ако прашуваат за Скопје 2014, ќе губиме“. Бонева бара некој да дојде на подготвителна седница за да им даде материјали и за да знаат како да настапат.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото