Интервју со Борис Буден: Како тоа комунизмот е зло а антифашизмот е добро?! (2)

29.07.2016 11:20
Интервју со Борис Буден: Како тоа комунизмот е зло а антифашизмот е добро?! (2)

Тоа нè доведува до прашањето за (не)способноста она што денес го одредуваме како антифашизам вистински да се политизира, односно – да ги артикулира постоечките општествени антагонизми на политички делотворен начин.

За жал, и поимот антифашизам, како што се користи денес во јавноста, исто така е скован во услови на истата хегемонија. Тој е резултат на една ретроактивна операција на историската реалност со која е отстрането туѓото малигно тело на комунизмот. Така на комунизмот му беше подметнато сето зло, сите злосторства, а антифашизмот се шета наоколу како категорија на историска невиност. Но, ни тој антифашизам исто така не е невин. Зарем е толку тешко да се сетиме на големите количини насилство кои ги активираше борбата против фашизмот, и тоа од страна на западните сојузници? Но, денес се зборува само за комунистичкиот терор, не и за демократски легитимираниот антифашистички терор. Па, комунистите не изгореа повеќе од половина милион германски цивили со запаливи бомби и не фрлија атомски бомби на жените и децата во Јапонија. Невиноста е идеолошка, а не реално политичка, односно, историска категорија. „Само каменот е невин, дури ни детето“, напиша своевремено Хегел, дефинирајќи ја невиноста како неправење ништо, апсолутна неактивност. Можеби во тоа и е проблемот кај нас денес, кога антифашизмот во јавната употреба најчесто е изговор за политички опортунизам, за својата спротивност, значи за неспротиставување на фашизмот.

Како во таа констелација се вклопува (изнудената) изјава на актуелниот министер за култура, Златко Хасанбеговиќ, дека е антифашист?

Тој тоа може да го тврди токму зашто антифашизмот денес не е политички фактор, зашто го изгуби својот мобилизациски набој, зашто е став без реален политички ефект. Токму зашто е толку бениген, безопасен, што ниту лае ниту гризе, секој може да биде антифашист, па така и еден уверен постфашист. Во таа смисла Хасанбеговиќ е сосема во право кога тврди дека антифашизмот е флоскула. Доколку не е, нема низ целата земја, на стадионите и улиците да ечат усташки поздрави, нема усташките и фашистичките симболи да ги украсуваат хрватските градови, нема претседателката да се дружи со типови кои се сликаат во нацистички униформи; меѓу другото, ни самиот Хасанбеговиќ не би бил министер, а ни оваа наша локална социјалдемократија не би стоела мирно пред црнокошулашите за да им го честита денот над победата над антифашизмот - како што му се испушти на кутриот социјалдемократски градоначалник на Сплит. Всушност, му се случи вистинска фројдовска грешка која ја изнесе на виделина неговата нечиста совест, односно вистината не само на неговиот колаборационистички опортунизам туку фактот дека хрватската реалност денес изгледа како 1945 година да победиле усташите, а не партизаните. Дури би се осмелил да кажам дека антифашизмот влезе во Уставот само затоа што токму тогаш стана флоскула. Го инсталираше идеологијата за помирување на Туѓман, нашата домашна провинцијална верзија на крајот на историјата во која сите спротивности, сите конфликти на интереси, да не ги споменуваме класните конфликти во рамки на нацијата, стануваат работи од минатото. Така и антифашизмот е закопан во длабочините на историската реалност, како одамна поставен темел на хрватската државност, но само за да го крепи денешниов усташки покрив над главата. Станува збор за радикална асиметрија помеѓу партизаните и усташите. Додека првите се дел од злосторничкото, тоталитарно минато, вторите уживаат како херои на сегашноста. Истата асиметрија важи и за флоскулата за двата тоталитаризми. Доколку на стадионот ечеше „смрт за фашизмот – слобода за народот“ натпреварот сигурно ќе беше прекинат.

Во повеќе наврати се поигрувавте со примерот дека „и нацистичка Европа била обединета Европа“. Колку новиот бран на ревизионизмот е прилог на конечното бетонирање на Хрватска во новата европска интернационала, и тоа, традиционално, како нејзинa воена краина?

Проблемот е во тоа што во Хрватска од 1991 година наваму, фантазијата наречена Европа никогаш не се спушти во реалноста, како онаа историската така и оваа актуелната. Таа беше и остана еден вид вулгарно утописка дестинација, според која Хрватска постојано патува, но никако да стигне. Тоа е затоа што во Хрватска, Европа сè уште е нормативен идеал, замислено место каде сè е како што треба. Колку тој поим за Европа е амбивалентен, најдобро се гледа во ставовите на хрватските либерали кои беспомошно очајуваат над хрватската долина на солзите во која неспособната корумпирана држава и нејзините безработници, бирократските трутови, таканаречените паразити, живеат на грбот на чесните и грижливите претприемачи и ги оневозможуваат таканаречените реформи, односно конечната приватизација на сè што постои. Притоа како пример и мерка тие постојано споменуваат некаква нормална, уредена држава, таму некаде во Европа, на Запад, каде сè е на своето место и веројатно никој никого не експлоатира. Panama Papers неодамна изнесе на виделина дека глобалната елита, вклучувајќи ја и онаа од најразвиените земји од Западот, денес седи на неоданочен имот вреден помеѓу 20 и 30 трилиони долари. Корупцијата е структурален елемент на глобалниот капитализам, а не мерка за локална заостанатост. А, кога станува збор за барањето приватизација на државните фирми, тогаш како пример можат да се земат Германските сојузни железници, фирма во стопроцентна сопственост на германската држава која годишно превезува речиси една третина од човештвото, значи има над две милијарди патници, односно дневно превезува две Хрватски. Никому во Германија не му паднало на ум работниците да ги нарече паразити или трутови. Како што не можат да се наречат општествени паразити ни оние шеесет проценти од жителите на Виена кои живеат во социјални, значи станови финансирани со социјални средства. Напротив, Виена е прогласена за најудобен град за живот во светот. Токму заради тој свој болшевизам, како што би рекле нашите провинцијални приватизери на сè постоечко. Но, важно е да се сфати дека реалноста како кај нас така и во Европа не може идеолошки да се симплифицира.

Да се вратиме на прашањето за европскиот фашизам, односно Европа која номинално почива на темелите на антифашизмот.

Европа не само што историски еднаш веќе беше обединета под нацифашизмот, нејзините денешни наводно антифашистички темели исто така се историски, значи контингентна, променлива категорија. Денес не е тешко да се замисли Европа под власта на ултрадесните, расистичките, постфашистичките политички елити, што во Средна Европа, Унгарија, Полска, односно во Хрватска, делумно веќе е реалност. Значи, не е тешко да се замисли Европа на Марин Ле Пен, британските евроскептици, германската Пегида и АФД, холандскиот Герт Вилдерс, и нивните воневропски политички фанови, од Ердоган до Путин и Трамп. Во таа смисла, ХДЗ на Карамарко, односно појавата на типот Хасанбеговиќ не само што не мораат да бидат никаква мерка за хрватската заостанатост во однос на Европа, туку напротив, да бидат пионери на новиот европски поредок, визионери на новата Европа која ќе го ослободи Брејвик од затвор како борец за европската слобода, во Аушвиц ќе ги комеморираат жртвите на комунистичкиот терор и ќе го слават Адолф Хитлер како прв обединувач на расно чистата, ариевска Европа, кого азиските, комунистички тоталитаристи го однеле кон трагично самоубиство. Дали тогаш, во таа Европа ќе можеме да ги обвинуваме Карамарко, Хасанбеговиќ и нивите постфашистички аѓутанти? На оној што ќе рече дека претерувам со овие мрачни визии, можам само да му го повторам слоганот на Грамши за песимизмот на разумот кој, се разбира, има смисла ако е следен од оптимизмот на волјата. А, за тој оптимизам на волјата во Хрватска има доволно причини, односно доволно поединци кои уште сега не се согласуваат со оваа реалност. Тоа се луѓе на кои не им треба никаква Европа ни како нормативен пример ни како инстанца за обвинување на која може да ѝ се делегира сопствената демократска волја. Тие во ништо не заостануваат зад Европа, а најмалку во својата способност да се конституираат во суверен субјект на демократската волја. Тоа е сувереност која сè уште има реална смисла кога од оној таканаречен сон за суверена хрватска држава остана само уште овој реален постфашистички кошмар. И тоа е сувереноста за која Европа не е нормативен пример кој со нашата проклета провинцијалност и заостанатост никогаш нема да се достигне, а најмалку како инстанца за жалби од која се очекува, наместо ние самите, да ги оствари правдата и слободата, туку е историски отворена демократска можност, потенцијален хоризонт за подобра иднина. Станува збор за тоа дека во однос на Европа самите себеси се гледаме од радикално различни перспективи, не како оние кои ѝ требаат на Европа, туку напротив, како оние кои таа Европа ги треба за воопшто самата да има некаква подобра иднина, како за нас така и за сите останати.

Пишувавте за „децата на посткомунизмот“, репресивно инфантилизирани по рушењето на комунистичките режими од Источна Европа – односно, вратени во училишните клупи да ја читаат азбуката на демократијата од почеток. Ако го проблематизираме либералното хегемонизирање на поимот (или квалификацијата) на граѓанската партиципација, тогаш каде можеме да ги лоцираме континуитетите на социјалистичкиот citoyen со цивилното општество во Хрватска од почетокот на деведесеттите? Можеби, и особено, во Антивоената кампања (АРК) и Аркзин, чиј дел бевте?

Идеологијата на посткомунистичката транзиција настојува да ја избрише секоја свест за континуитет со минатиот систем. Таа фантазира за посткомунистичкиот човек како за културно и политички незрела личност која како штотуку да излегла од природната состојба и не знае ништо за демократијата, за своите цивилни и социјални права, и која како таква не може да преземе одговорност за себеси. Затоа таа ги инфантилизира посткомунистичките општества наметнувајќи им тутори од разни видови, од транснационалните институции на политичката и воената моќ, НАТО, Европската унија, до банките и големите корпорации, уништувајќи го коренот на секоја практика на сувереноста. Тука, тезата за историската незрелост на посткомунистичките маси се користи за со нив идеолошки и политички целосно да се завладее. Таква е нашата реалност денес. Иако, помина веќе четвртина век од остварувањето на парламентарната демократија, хрватскиот народ односно хрватските политички елити сè уште се под власта на старателите без чие одобрување не се во состојба да донесат ни наједноставна одлука. Но, тоа важеше и за таканареченото цивилно општество кое беше претставено како некое новороденче во пелени кое без грижа и контрола на старателите не би преживеално ни еден ден. Станува збор за интересот за доминација и за обезвреднувањето на секое историско искуство, што е причина токму оваа репресивна инфантилизација на посткомунистичките општества да создава плодно тло за нивна рефашизација. Но, АРК и Аркзин знаеја да му се спротивстават на тоа и не само да го освестат континуитетот со минатото туку и со иднината. Еве една анегдота. Еден ден во Париз францускиот филозоф Ален Финкелкро ја посетил масата што протестирала на Place da la Republique, оној nuit debout протест против имплементацијата на неолибералната политика. Но, исвиркувајќи го, го избркале извикувајќи дека е расист. Финкелкро и во деведесеттите дојде кај нас како голем пријател на Хрватска, како што тогаш се зборуваше, и го дочека нашата национална либерална елита која се згрозуваше од ХДЗ-овците, примитивците од Херцеговина, иако немаше ништо против хрватскиот национализам. Тогаш ние во Аркзин бевме ретките кои го исвиркуваа Финкелкро, токму заради неговата националистичка реторика. Дденовиве во Париз истиот плоштад го посети и Варуфакис кого луѓето со воодушевување го поздравија. Ете, тоа е разликата, односно позитивниот дисконтинуитет. Денес постои алтернатива, нешто што ние пред дваесетина години го немавме. Во тоа луѓето кои денес протестираат во Хрватска против оваа рефашизација за која зборуваме се во голема историска предност пред нас од деведесеттите. Тие не само што имаат свест за алтернатива, тие се алтернативата. Затоа со оптимизам може да се каже: не, деведесеттите не се вратија. И мораме да направиме сè веќе никогаш да не се вратат.

Кон првиот дел.

Слики: Младен Стилиновиќ

Извор: http://lupiga.com

 

ОкоБоли главаВицФото