Спорен списокот со спорните гласачи

29.07.2016 13:33
Спорен списокот со спорните гласачи

Објавениот список на спорни гласачи е непрегледен и не секој може во него да пребарува, реагираат гласачите. На списокот ги има сите освен „фантомските гласачи“, реагираат помалите политичките партии и експертите што го следат процесот.

Прочистувањето на Избирачкиот список кај нас се претвори во некој вид турска серија, па откако ДИК го прогласи процесот за завршен и избриша од списокот само 3.000 починати, сега по налог на политичките партии процесот продолжува.

- Како човек да се пронајде во овој список на спорни, ниту е по азбучен ред, ниту е по општини, а и пребарувачот не функционира. Ова треба да е адаптирано да може лесно луѓето да пребаруваат, по матичен број на пример, како вака да се најдат - вели читател.

На списокот има 39.502 спорни гласачи, кои ако не се пријават во предвидениот рок до 19 август, нема да може да гласаат. Пријавувањето може да биде електронски или, пак, лично во подрачните одделенија на ДИК, канцелариите на Управата за водење матични книги како и во канцеларии отворени во општините.

На овој список се и имињата на професорката Мирјана Најчевска и нејзиниот сопруг Сашко Тодоровски. Најчевска прашува како може да е на списокот кога 30 години живее на иста адреса, гласа на исто место, а ја има во повеќе бази на податоци. Таа најави и дека нема да се пријави, што значи дека ќе го изгуби гласачкото право. На списокот е и уставната судијка Гзиме Старова.

- Лица за кои имаме сериозни индикации дека се фантомски гласачи не се на тој список, додека оние што се реални гласачи ги има на списокот, ова е показател на квалитетот со кој се направени вкрстените и административни проверки - вели Џабир Дерала од „Цивил“.

Но сепак, смета тој, ова дополнителна регистрација е делумно решение, но сепак е подобро од никакво.

- Има многу предизвици, процесот мора внимателно и одговорно да се следи. Довербата во списокот одамна е битно нарушена, па тешко дека за овој период може да очекуваме тој проблем да се надмине. Списокот може да се среди за кратко време, со добра експертиза и методологија, но наспроти декларираната политичка волја, сè уште постојат многу сериозни опструкции на целиот процес – вели Дерала.

Последните активности на Државната изборна комисија се уште еден мајтап на ВМРО-ДПМНЕ, вели Лилјана Поповска од ДОМ.

- На овој список ги има сите други освен фантомските гласачи. Тоа ги покажуваат и нашите анализи. До ДИК поднесовме претставки за околу 100 такви случаи, починати, иселени, гласачи сместени во туѓи станови и ходници и нашите проверки покажуваат дека овие гласачи ги нема на списокот на спорни, но затоа таму се професорката Мирјана Најчевска и судијката Гзиме Старова. Како поинаку да ја опишеме оваа ситуација освен како мајтап на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, ако се анализира задоволството со кое партискиот лидер насмеат од уши до уши порача „ај сега да видам дали ќе најдат фантомски гласачи“, јасно покажува дека тој лично интервенирал за ситуацијата да биде ваква каква што е – вели Поповска.

Друг проблем што постои во оваа проверка е што дел од гласачите што не ги извадиле личните карти во соодветна процедура, и да се на овој список, со истите документи може повторно да се пријават и да гласаат. Во проверките што ги правеше Министерството за внатрешни работи се појавија 18.000 гласачи кои добиле лични карти, а во МВР воопшто немало документи врз основа на кои им се дадени личните карти. За ова сознание тогашниот министер Оливер Спасовски ја информираше и ДИК. Според неофицијалните информации од МВР, сè уште виси во воздух како овие луѓе ги добиле личните карти, дали документите што ги поднеле некаде се изгубиле или воопшто не постоеле.

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен Печат