Еден од срцето

29.07.2016 14:45

Слушајќи го Том Вејтс
(One From The Heart)


Да се случи пресврт
добро е да се потсетам
на вулканските ерупции
дебитантското време
на рапавоста на поетската кожа
мојот свет со зумбул
да му се приближам
зумирајќи да не се загуби острината
мелодиските слапови, мирисот
што врне уште врз сликите и метафорите
во силен налет
да одлетам во воздухот
да се завртам во круг
виолетова накај сина
да се распаднам
и пак да се составам.


Какво недоразбирање!
Го користам своето издишување
за да го опишам своето вдишување
цел каталог од солзи, неба, срцебиења
без глазури
со бисерче-зрнце во чинијата од порцелан
среде остатоците од остриги
без фина мелодија, лесни џез балади, среде сончев морски ден, не...
без сув мартини и забодена маслинка
не познавајќи ниту еден вистински гангстер
ни (од) тогаш ни (до) сега...
да ѝ дозволам на мечтата да шета наоколу
да ѝ кажам: не плаши се од талогот
и од оние никаквеци облечени во сиви палта, од таа конфекција
на куси мажи со мали стапала и уште помали прстиња, дебелкасти, набиени
што се ракуваат со третина од дланката,
ниту од оние дресирани кои никогаш ништо не даваат ниту земаат
без остатоци, ронки, сè измешано, кашесто, безбојно, со лигава слуз
колонии голи полжави без куќичка -
а твојата интуиција, ете, и на 60 години
(денес е 16 јуни - среќен ти роденден мечто моја)
е мисла во дива состојба.
Ох, срце мое и твојата имагинација
минато време во кое, ти ветувам, не одам веќе таму,
таму боли
без песни, музички секвенци, кадри од филмови, бранови.

Оди, патувај
патувај срце мое низ ноќта
додека над главата ми блеска месечината
ме опива слаткозашеметувачкиот набој на анамската рака
каква калварија, срце, скршено си, па пак залепено
мало порцеланско чинивче
сети се на испуштените возови, и на оној човек
кој никому не мавта на перонот
ти и јас
кое ти и која јас
сите под „ти“ и сите под „јас“
кои жонглираме со животот
ту горе ту долу
никогаш во средина, златна средина.

А неа - средината
не ја интересира вистината
таа никогаш не пее, не танцува
нема изневерени очекувања
таа не знае како и кога
ноќта заспала изморена среде сончев ден,
да се изложуваш на подбив, апсурд, парадокс
како кога се покриваш со тешки ќебиња
од самозалажување, самосожалување
со вистини и лаги
излезена од кожурецот
го гледаш својот живот како перформанс.


Ништо што е направено според вистински настан
не може да помине поинаку освен како лош евтин филм, да,
спушти ги капаците
смири го морето во очите

еве ти вистински настан
бледиот лик пак го загуби, а штотуку го виде
ееј, чекај, не си оди
те молам остани уште малкуцка тука
во мене
ти си мојот „морнар меѓу ѕвездите“
во ова ново средовечно никаде


(22мај-16 јуни 2013) 

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото