Исклученост

30.07.2016 00:32
Исклученост

„Јас сум Германец“, извикал Давид Сонболи, атентаторот од Минхен, додека ги убивал луѓето што не ги сметал за вистински Германци.

Чан Л., 14 годишен, чиј дедо 1966 година дошол од Турција, Дијамант З., 20 годишен син на еден полицаец од Косово, и Хусеин Д., 17 годишен чии родители се Грци.

Врз основа на она што го знаеме, Сонболи бил расист со ескстремно десничарски мотиви. Тој не бил лудак кој дејствувал од бес и презир кон светот. Негов мотив не била омразата.

Сонболи бил терорист, неговите уверувања управувале со неговите постапки: го испланирал нападот поистоветувајќи се со Андерс Брејвик, расист, терорист и масовен убиец, каков што бил и самиот тој.

Зошто тогаш сите медиуми, вклучувајќи го Шпигел, го прогласија Давид Сонболи за лудак? А, зошто атентаторот од Ансбах, Мохамад Далил, Сириец кој веќе две години живее во Германија и за кого знаеме дека не бил особено религиозен и кому се заканувала депортација, го прогласија за терорист?

Овде станува збор за нешто далеку поважно од неколку јазични разлики. Станува збор за тоа како едно општество реагира на некое злосторство, како и каде трага за мотивите, причините, кај себе, кај другите, некаде далеку или во сопственото окружување, училиштата, квартовите.

„Секогаш ме третираа како странец“, објаснува таткото на Чан Л., Хасан за Вашингтон Пост. Тој е роден во Германија, работи за БМВ и зборува за тоа како полицијата го малтретирала по смртта на син му „само затоа што изгледам како што изгледам и заради моето име“.

Зошто никој не зборува за терористичкиот чин во Минхен, а тоа беше тероризам? Тоа е нешто што Американците го нарекуваат „злосторство од омраза“. Зошто никој не зборува за расизмот?

Не нè изненади тоа што политичарите од Христијанско-социјалната унија бараат повеќе полиција, надзор и војска на улиците, ниту што министерот за внатрешни работи Томас де Мезер, човекот на законот-и-редот на Ангела Меркел, бара построги закони и ширење на мерките за безбедност.

Тоа е тажно и погрешно во ситуација кога стравот се заканува да прерасне во хистерија, во која различни напади се претвораат во непроѕирна слика на една општа несигурност, но и опасно зашто повторно се бараат едноставни одговори.

Зошто Давид Сонболи мразел Турци и Арапи? Што значи тоа „го малтретирале“? Дали корените на неговото злосторство треба да се бараат во иранско-ариевскиот наратив? И пред сè, зошто овие прашања ги интересираат само странските медиуми?

Во Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост и на Би Би Си, да наведеме само некои, имавме приказни кои се занимаваа исклучиво со жртвите, граѓаните на Германија со турско, албанско и грчко потекло, лицата на „новата Европа“, лицата на новата Германија.

Во Германија традиционално се фокусираме на прашањето кој е сторителот. Но, и тоа има одредени последици, зашто на тој начин одговорите за насилството ќе ги бараме во ширењето на безбедносниот апарат и заострувањето на законите. А, дали компјутерските игри со пукање создаваат масовни убијци?

Притоа, се игнорираат најважните општествени прашања. Одговорите на нив се далеку посложени и не можат да се најдат во безбедносниот апарат, туку во училиштата, во социјалните области, таму каде пречките кои спречуваат некого после 45 години поминати тука да се чувствува како граѓанин на Германија.

„Дискутираме за погрешни нешта“, објаснува експертот за социјални конфликти Улрих Вагнер, кој заговара подобра интеграција што бара промена на размислувањето на целото општество, а не само на поединецот. „Чувствата на занемареност и исклученост често се причини за вакви злосторства и мораме сериозно да им пристапиме за подобро да ги решаваме.“

Секој случај е различен. Давид Сонболи бил на психијатриско лекување, неговиот мотив би можела да биде одмаздата за понижувањето поттикната од неговите екстремно десни ставови. Мохамад Далил бил познат како насилник, наводно негувал симпатии кон Исламската држава, додека поводот за неговото злосторство веројатно била претстојната депортација.

Нападите од Минхен и Ансбах се во меѓусебен однос, но поинаку одошто се чини на прв поглед. Давид Сонболи се чувствувал потиснат на маргината токму од оној вид исклучување кое дополнително ќе ги зајакне репресивните реакции по нападот во Ансбах.

Тероризмот секогаш е одговор. Важно е само да се утврди на кое прашање.

Извор: http://www.spiegel.de

ОкоБоли главаВицФото