Сензационалистичкиот медиумски лов на „педофили“ не придонесува за заштита на децата од сексуално насилство

30.07.2016 01:01
Сензационалистичкиот медиумски лов на „педофили“ не придонесува за заштита на децата од сексуално насилство

Медиумите честопати знаат да направат голема штета во сензационалистичките известувања за случаи на „педофили“. Како никогаш да не го прочитале етичкиот императив „минимизирајте ја штетата“. Како никогаш да не прочитале дека нема место за сензационализми при информирањето за семејни трагедии, болести, судски постапки…

Се разбира, треба да се известува за прекршување на правата на децата и за случаи на сексуални напади на деца. Но, треба да се почитуваат и стандардите на етичкото новинарство. Обврска на државата е да ги штити децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање, а обврска на новинар(к)ите е одговорно да известуват без да поттикнуваат сензационализам. Неодговорното и сензационалистичко известување може да им предизвика дополнителна штета на децата и нивните семејства.

1. Зошто новинар(к)ите не треба да откриваат лични податоци за децата кои биле жртви на сексуални напади?

Секое известување кое упатува на идентитетот на детето кое било жртва на сексуално насилство може да предизвика дополнителна штета. Кога известуваат за деца кои биле жртви на сексуално насилство, новинар(к)ите мора да ја заштитат приватноста и идентитетот на децата, како и да избегнуваат несоодветно пренесување информации кои можат да доведат до нивно идентификување. Новинар(к)ите не смеат да ја откриваат адресата на децата за кои известуваат. Новинар(к)ите, исто така, треба да се воздржат од објавување на информации добиени од лекари, социјални работници, воспитувачи, наставници или роднини кои директно или индиректно упатуваат на идентитетот на детето.

Дури и ако најблиски роднини на детето, во состојба на ранливост, го откријат идентитетот на детето кое пријавило случај на сексуално насилство, новинар(к)ите се должни да се воздржат од објавување на информации кои директно или индиректно упатуваат на идентитетот на детето.

2. Зошто новинар(к)ите не треба да ги дијагностицираат сексуалните напаѓачи како „педофили“?

Изразот „педофилија“ означува психијатриска дијагноза, а новинар(к)ите немаат лиценца да поставуваат психијатриски дијагнози. Обврска на новинар(к)ите е да се информираат дека постојат разлики во психијатриската дефиниција на „педофилија“ и сексуалното злоставување на деца. Наспроти популарните гледишта, медицинските експерти укажуваат дека „не се сите сексуални престапници педофили, ниту пак сите педофили извршуваат сексуални престапи“. Токму затоа, медиумските известувања за „педофилија“ кои не се засновани на психијатриска експертиза прават дополнителна штета.

Наместо употреба на дијагнозата „педофилија“, која е медицински термин, новинар(к)ите треба да користат правни термини кога известуваат за случаи каде што имаме осомничени и жртви на „полов напад врз дете“. Сензационалистичкиот медиумски лов на „педофили“ не придонесува за заштита на децата од сексуално насилство, туку може да им даде аргумент на сексуалните престапници дека се првенствено пациенти кои треба да се лекуваат, а не сторители на кривични дела кои треба да се казнуваат.

На крај, сосема несоодветно е да се означуваат сексуални кривични дела врз деца со старогрчкиот збор „педофилија“ кој е составен од зборовите „паидос“ (на дете) и „филиа“ (сакање, наклонетост, пријателство).

3. Зошто новинар(к)ите не треба однапред да ги осудуваат осомничените за сексуално насилство врз деца?

Новинар(к)ите мора да го почитуваат правото за пресумпција на невиност и во случаите кога имаме пријави на сексуални напади врз деца. Како што укажува Прирачник за етиката во новинарството, „…многу често, медиумите влегуваат во неверојатно детално опишување на настанот што го карактеризираат како злоупотреба на дете, при што, името на човекот за кој постои сомневање дека е извршител, веднаш, без дилема, се објавува, а новинарот влегува во улога на судија, иследник, не ретко и психијатар, па ги анализира мотивите, а ги открива и намерите“.

Медиумите не треба да „пресудуваат” пред да заврши судската постапка затоа што постои можност да станат соучесници во неосновано обвинување за сексуално насилство врз деца.

Во никој случај новинар(к)ите не смеат да објавуваат јавни повици за насилство врз „педофили“, затоа што нивна етичка обврска е да не говорат со јазикот на омразата и да не поттикнуваат на насилство врз која било основа.

Извор: http://slobodna.mk