Илинден 2016: слобода и правда за сите

03.08.2016 15:00
Илинден 2016: слобода и правда за сите

 Груевски: „Ние сме едно, едно ткиво нераскинливо, едно знаме, едно дело, една света и светла организација, една држава, една мисла и едно име – Македонија.“

Уффф..., помислив, ова е премногу и за прослава на националниот празник Илинден, ден полн со емоции и сеќавања за херојското минато. Не е ниту фер, размислувам, зашто ако на националниот ден е дозволено кај народот да се поткреваат чувствата на единство помеѓу нацијата и државата, не е дозволено во таквото единство да се меша и партијата. Ги преведувам зборовите на англиски, читам и ја прашувам ќерка ми Владица како ѝ звучат. Вели дека ја потсетуваат на заклетвата за верност кон знамето и републиката во американските школи. Се присеќава на деновите на училиште и ја рецитира заклетвата: „Изразувам приврзаност кон Знамето на Соединетите американски држави, и на Републиката која го претставува, една Нација под Господ, неделива...“ „Слично, нели?“, прашува, но јас барам да продолжи до крај, а последните шест зборови од заклетвата се: „...со слобода и правда за сите.“ За сите!

Иако мразам да претерувам, вистина е, кога го ставив на Гугл англискиот превод на зборовите на водачот на една од партиите во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, за да видам на што друго потсетуваат, покрај низа поетски и религиозни одредници, го добив и „Мајн камф“ на Адолф Хитлер. Зошто? Веројатно затоа што, освен глорификацијата на татковината, државата и партијата, кај него нема да ги најдете зборовите „слобода и правда за сите“, кои отсуствуваа и од говорите на македонските политичари на годинешниов наш национален празник. Значи, прво се слободата и правдата за сите граѓани на Македонија што мислат поинаку за својата татковина.

Да, и за доброто на Македонија може да се размислува различно. Еве да речеме дека, во вакви денови на еуфорија, националистичката реторика се користи за политички ќар на претстојните избори, па таквата лексика треба да биде изложено на заслужена критика. Имено, за општество коешто, по објавените снимки за злоупотребите на власта од страна на највисоки државни претставници, западна во длабока политичка и морална криза, потребни се отрезнувачки зборови кои нè соочуваат со реалноста, а не уште еден „митолошки“ јуриш врз емоциите на луѓето. Потребни се зборови кои ќе му објаснат на народот, што ќе правиме со нашето судство, со нашите универзитети, со нашата државна администрација, со нашата корупција, со нашата надворешна политика... Конечно, што ќе правиме со отпочнатиот процес на утврдување на вистината за содржината на објавените снимки?

Наместо одговори на тешките прашања на нашата демократија, во говорите на највисоките државни претставници вината се префрли врз опозицијата и врз странски држави кои, ете, го прекршиле демократското правило и ја погазиле мнозинската волја на народот олицетворена во политиката на една партија. Тоа дека народот не е секогаш во право, пак, децата ширум светот го учат уште во основно училиште на примерот на изборот на Хитлер на демократски избори во 1933 година во Германија.

Сакам да кажам, работите се малку посложени од празничните тиради набиени со емоции, па затоа очекувавме и нашите политичари да бидат на нивото на задачите на водење на држава и да кажат како ќе ја поправат македонската демократија. За жал, разбираме дека, после сите Пржина и Извештајот на Прибе, после формирањето на Специјалното јавно обвинителство и после долготрајните улични протести, македонските политичари од власта мислат дека нема што да се поправа и дека народот едвај чека повторно да им ја врати одземената власт, за да продолжат по старо.

Ќе видиме дали ќе биде така. Но, ако сепак тоа се случи, кризата ќе продолжи сè додека сите партии не се сменат и не се обединат околу нужноста Македонија да стане слободна и правна држава. Демократската јавност дома и силните демократски струи на европскиот континент влечат во таа насока, па вистински избор, на подолг рок, за осомниченото раководство - нема.

На крајот една куса лекција од „правна држава“. Имено, кога станува збор за Заклетвата на верност кон знамето на Америка, Врховниот суд, во случајот „Одборот за образование на државата Вест Вирџинија против Барнет“, раководен од начелото „слобода и правда за сите“, одлучува дека учениците не можат да бидат принудени да ја рецитираат Заклетвата, ниту смеат да бидат казнети ако не го прават тоа. Во образложението судиите се повикуваат на Повелбата за правата која определени права ги става надвор од дофатот на мнозинството, за тие да опстанат независно од ставовите и волјата на политичкото мнозинство. Дел од образложението на пресудата гласи: „Целта на Повелбата за правата е определени прашања да се извлечат од неизвесностите на политичките контроверзи и да се стават надвор од дофатот на мнозинствата и на функционерите, за да се востановат како правни принципи применувани од судовите. Човековото право на живот, слобода, сопственост, слободен говор, слободен печат, правото на религија и здружување, и другите фундаментални права не можат да бидат ставени на гласање, ниту зависат од исходот на какви било избори.“

Извор: Плусинфо

 

ОкоБоли главаВицФото