Реакции за катастрофалната поплава во Скопје

07.08.2016 21:10
Реакции за катастрофалната поплава во Скопје

Ивица Милевски
Соголени шуми, запуштени канали и институционална неподготвеност

Јужните падини на Скопска Црна Гора се доста стрмни, оголени, со мали, поројни сливни подрачја, што условува нагло собирање и површинско истекување на водата од врнежите, кон подножјето, односно во правец на Скопје и реката Вардар. Доколку пошуменоста беше поголема или растителната покривка погуста, значителен дел од врнежите ќе се впиеја во вегетацијата и во почвата (која денес е речиси целосно однесена поради оголеноста). Огромната концентрација на водна маса, бара коридор по кој ќе дојде кон Вардар. Сепак, запуштените дренажни канали, често полни со шут и отпадоци, издигнатите објекти и сообраќајници без пропусти и канали, ниските и слабо пропустни мостови, предизвикуваат насобирање на водата и формирање на мали езера. Од притисокот на водата, препреките на патот попуштаат и водата се излева силно низводно или странично, предизвикувајќи поплави. Втора непогодност е високото ниво на подземните води во пониските делови на котлината, поради што земјиштето не може да апсорбира голем квантитет на вода. Затоа, најризична е состојбата долж јужното подножје на Скопска Црна Гора, од Арачиново, до Смилковци (порано, пред пошумувањето, такво беше и северното подножје на Водно).

Неопходно е натамошно стручно, кадровско и техничко подобрување на Управата за хидрометеоролошки работи, со поголем број мерни станици (посебно автоматски), подобра предикција на временските неприлики, како и кадровско зајакнување на Центарот за управување со кризи на РМ. Исто така, треба подобра соработка на овие институции со научните работници и експерти од соодветните области, во вид на почести консултации, состаноци, размена на мислења и слични мерки. Потребно е подигање на јавната свест на населението, посебно од последиците на уништување на шумите, зеленилото, фрлањето шут, градбата на попречни објекти или насипи, депонии, попречни ѕидови, јами, особено во зони со високи подземни води, информирање за постапки во случај на непогоди и др.

Мирослав Грчев
Инфраструктурна запуштеност

Кај нас комплетниот околуградски систем на канали се изгради во времето на социјализмот, станува збор за можеби 1,000 км канали. Тие се упорно запуштени, се затрупуваат и грижа за нив се води малку или речиси воопшто. Во времето на претходниот систем надлежна институција за каналите беше Водостопанството на Македонија и таа водеше грижа за околуречјето да не може да се одлива. Водостопанството имаше посебен фонд и посебна управа за оваа работа. Сега тоа е препуштено на општините и грижа не води речиси никој, одвреме навреме ќе видиме како Градот Скопје или некоја општина спорадично ќе зачисти некој канал, но тоа не е ниту одблиску доволно. Не бадијала грижата за каналите беше централизирана во другиот систем.

Гледате што се случува на секој дожд, нема подвозник кој не е поплавен. Она што се случува со атмосферска канализација во Скопје не може доволно да се објасни со зборот „запуштеност“, тоа е темелна цивилизациска запуштеност – директен производ на политичко и општествено малоумие. Од независноста до денес во Скопје не е пробиена ниту една улица, туку секоја се трупа со се’ повеќе згради и домови, а паралелно со тоа освен по некое козметичко обновување на атмосферската канализација, ништо сериозно не сме виделе ниту во најава. Во последниве години, ако потребите на градот ги споредиме со трошоците за кич, можеме да заклучиме дека ова се погубни, површни политики спротивни на здравиот разум, природните и општествени закони.

Не бадијала најголем инфраструктурен проект направен по обновата на Скопје по земјотресот беше регулацијата на Вардар. На земјотресот една година порано му претходеше катастрофална поплава и за регулацијата се потрошија стотици и стотици илјади долари“, вели тој додавајќи дека не случајно поплавите се во поречни градови како Тетово или Скопје.

Освен грижата за каналите, тука е и грижата за коритата. Во коритото на Вардар во Скопје во моментов има бродови, мостовите од проектот Скопје 2014 се изградени со конструкција внатре во профилот на коритото за кое е пресметано да носи само и единствено вода.

Павлина Симоновска
Да не мешаме политика во трагедијата?!

Идиоти едни ненормални, со цел памет пропагираат да не се мешала политика во трагедијата! А што да мешаме! Да замешаме на народно што си брчи на телевизија додека расте бројката на жртви!

Да не спомнуваме дека тие што ви ја водат сектата ваша проклета, набавуваат водени топови, наместо пожарникарски возила! Дека во институциите во кои се напикавте никој не се јавува на телефон, дури и кога се работи за живот или смрт!

Дека сѐ што изградивте е фушерај и криминал кој го плаќаме и со кредити и со крв! Дека сѐ неспособно ставивте на позиција само за да зема плата и да служи на партијата! Дека шансите да умреш на раѓање од инфекција се еднакви на шансите да се удавиш зашто нема канализација! Дека плаќаме даноци, дека имаме илјадници припадници на служби, управи, тела, штабови… за што?

За да се мобилизираат во секунда за одење на контрапротести, митинзи... Sамо не за тоа што ги плаќаме!

Дека газот на тој ненормалниот треба да седи на шесто илјади евра, додека човечкиот живот е сведен на нула!

И сѐ додека свесно останувате слепи, и барате кривец во судбина, хаарпот, господ, наместо во оние што за десет години разорија сѐ што дотогаш постоеше и не изградија ништо ново корисно за опстанокот и заштитата на луѓето - вие сте соучесници на УБИЈЦИ!

Рамадан Рамадани
Не се криви одговорните - тие самите се кривицата!


Еве две помалку спомнати работи по повод невремето: апелот на власта да се остане дома требаше да биде придружен и со мерки за собирање на луѓето останати и заглавени по улиците. Исто така, ни денес сè уште нема акција за собирање отпад, иако се очекуваат пак врнежи.

Вчерашните последици во урбаните места како Чаир, Аеродром и Кисела Вода беа директна последица на непрочистените улици кои доведоа до затнување на канализацијата и одводите.

* * *

Ете: градење нација пред да изградиш канализација е тешка мисија.

Теофил Блажевски
Јавниот сервис го претворија во јавно ругло!

Во исто време не можам да го задржам бесот и нервозата од индоленцијата и неспособноста на првите луѓе на МТВ и сите уредници на информативните програми на јавниот сервис, кој од изутрината емитува емисија за народна музика(со Орце), емисија дека „било време за бебе“ и „детска драма која не била празна слама“…

Колку е тажна состојбата со загинатите и повредените, толку е мизерна состојбата на духот, непрофесионализмот – незнаењето и неодговорноста и на тој што им е директор и главен уредник и на тој што се претставува за елита, а носи титула одговорен уредник на прв програмски сервис и на сите други подоле по хиерерхија во информативната програма.

Јавниот сервис го претворија во јавно ругло!

Бранко Героски
Дајте музика, Македонија се дави!

Националните телевизиски концесионери, на чело со нашиот радиодифузен сервис, утринава со музика и со песни го прославија катастрофалното невреме во скопскиот регион, кое однесе најмалку 20 жртви и предизвика големи материјални штети.

Ништо, па ни страшната загуба на човечки животи, во градот чиј центар се „дави“ во луксуз, а периферијата е во урбан хаос, не може да ги натера малоумните сопственици, газди и уредници на националните телевизии, ако веќе не се способни (и слободни) да ги отворат своите програми и да емитуваат извештаи, анализи и дебати за причините за големите загуби, тогаш барем да се воздржат од емитување на своите идиотски музички и филмски програми.

Овие идиоти се навикнати да функционираат по „програмската шема“ и по директивите што ги добиваат од Центарот за комуникации на владејачката партија. А кога шефот е на одмор, па нема кој да издаде нови директиви, важат старите – пуштај серии, музика и реални шоуа за заглупување на простата македонска маса, пуштај па макар се удавила пола Македонија!

Фото: Ѓорѓи Личовски

Искра Гешоска
Македонија е оставен сам човек на сред полјана додека паѓаат молњи

Елементарна непогода, што значи непогода која би ги загрозила човечките животи, а е реакција на природата и процесите во неа, може да биде: цунами (на некој океански, речиси пуст брег), земјотрес, ураган (од типот на Катрина), речни наноси (во неурбанизирани заедници), бура на отворено море, молњи на отворена полјана на која стои сам човек...

Она што се случи вчера попладнето и во текот на ноќта во Македонија не е елементарна непогода (попозната во нашиот речник низ годиниве како „невреме“). Она што се случи вчера, особено во Скопје и Скопско, е политичка непогода еднаква на катастрофа. Македонија беше оној оставен сам човек на сред полјана додека паѓаат молњи.

Со природата не можеме да се справиме - таа е чудесна и непредвидлива, па дури и кога ќе збесне. Со луѓето кои се збеснати, насилни, бездушни, неодговорни, самољубиви, игнорантни и разулавени по моќ - можеме да се справиме!

Боки Бургија
Земјата упива сѐ

Земјата упива сѐ. Ќе ги упие и водата и фекалиите и муљот и тињата и песокта, ќе ги прибере и жртвите во своите пазуви, булеварите ќе се исчистат со вода за пиење, дупките и свлечиштата ќе се санираат, настраданите ќе добијат сендвичи и пакет кисела вода од државата, во знак на „неизмерна грижа“ и солидарност со оштетените во невремето, сонцето ќе блесне, ќе исчезне мирисот од отворената булеварска канализациона мрежа во Скопје, поршеата и џиповите гланцнати чаламџиски ќе се стркалаат низ кружните текови како најголеми инфраструктурни инвестиции во Скопје, семафорите ќе трепкаат додека полицајците ќе ја креваат раката за да ги сопрат обичните да чекаат додека поминат колоните со скапите „мајбаси“ со затемнети стакла во кои шибаат надлежните, пешаците ќе се шњураат и сликаат пред спомениците, одморите ќе продолжат, за два до три дена сѐ ќе биде како ништо да не било... Во „Македоња вечна да е цела да е“, се збори и се крева паника само за време на невреме, потоа ќе нѐ притиснат други обврски, ќе заборавиме дека сношти бевме на работ од природен потоп, ќе ги заборавиме и настраданите, исто како што ги заборавивме бомбите, матурантите, Нешковски. Сонцето и шмрковите од цистерните ќе ги измијат улиците и булеварите, и ќе ни ја избришат меморијата.

Бранко Тричковски
Марш, стоко!

Поодвратно од поплавите е кога следниот ден ќе фатат да се сликаат со своите грижи за народот битангите што со себе како хомоидни бинди ги затнаа сите одводи на нормалноста и предизвикаа страотна несреќа, министри, сакам да кажам, такозваниот претседател, таа нестварна умоболна појава, бившиот премиер со своите очила во Анталија, уредниците и продуцентите на куртонските телевизии , тие ѕверови што удираат на песни и ора и оваа утро и останатата вмроидна менажерија. Стока!

Фото: Ѓорѓи Личовски

Роберт Алаѓозовски
Каде е Мишко?

Каде е Мишко од Центарот за управување со кризи да запее една патриотска за Тодор Александров?

Ирена Стеријовска
Од неколку саати дожд имаме биланс на жртви како во војна

Од неколку саати дожд имаме биланс на жртви како во војна бе домољубци... Абе мамичето ваше психопатско, неодговорно!

Вие што направивте од Скопје град на смртта, кланица за луѓето што живеат во него, вие бедни и бездушни, вие дегенерици неодговорни кон животите на граѓаните, вие црви штетници навлечени на гипс картон и смрт, ќе ве стигне нешто... нешто мора да ве стигне... карма, Господ, Алах, преживеан граѓанин или некој близок на оние што не се... а сите до еден сте виновни за ова, сите до еден! Од лепачи на плакати, кликачи на лажни профили, релативизатори, пратеници, градоначалници, директорчиња, двајцата премиери, министри и психопати советници, сите носите гревови за колената да ви плаќаат...

Бранимир Јовановиќ
Најлесно е да се каже дека е ова природна катастрофа и никој да не одговара.

Ама, не. Ова е општествена катастрофа. Стајковци и Синѓелиќ се поплавуваат секоја година, зашто атмосферската канализација таму никако да се направи. Во Тетово лани имаше слична ваква поплава. Има пари за галии, за градски плажи, за жални врби, за панорамски тркала, а нема за чистење и одржување на каналите и канализацијата.

Затоа - одговорност! За да не се повтори.

Никола Наумоски
Да ангажираа деца-извидници подобро ќе се снајдеа во околностите!

Пред малку се вратив од Сингелиќ. Бев да однесам од помошта што ја собираа добрите луѓе пред Веро - Центар. Поминав три пункта и не можам да ви го опишам хаосот во целата организација таму. Полицајци те регулираат сообраќај, те си седат со раце во џеб по сенка, никој не ти кажува каде да одиш да истовариш намирници, ги прашуваш и ти креваат раменици. Се чека во колони, луѓе се пцујат, некои се таму да помогнат, некои си бркаат работа, на никој не му текнува да отвори пат за хуманитарна помош или итни случаи... се растовараат камиони на сред улица, некои улици се затворени без причина... не можеш да стигнеш до најзагрозените делови, на никој не му текнало да направи циркулација по околните улици!

Ваква неспособност, вакво незнаење што да се прави во вакви ситуации може само во Македонија да има. Да ангажираа деца-извидници подобро ќе се снајдеа во околностите! Па тоа и уште 12 саати после невремето! Можам да замислам како било вчера и каква помош добиле луѓето од институциите!

Ана Ангелова
Марш, багро неписмена!


Вчера во сред невреме се вратив од Црна Гора. Лиеше дожд како од кофи од Албанија па сè до граница со Македонија. Во ниту еден момент не се почувствував загрозено, сè додека не влегов „дома“. Хорор. Обиколница Скопје, хорор. Велес – Штип, хорор. Додека низ Косово и Албанија нè спроведуваше полиција која контролираше проток на сообраќај на секое критично место, а камиони на јавни претпријатија во сред олуја ги чистеа одроните, во МК видовме само еден полицаец како пуши цигара на обиколницата додека престрашени граѓани сè уште чекаа помош во 2 сабајле.

„Добредојдовме“ дома, кај што дебили со бесни коли летаат по пат - на кој сигнализација е мисловна именка - загрозувајќи ги животите на сите, каде што кретени со купени дипломи ни проектираат патишта, каде што неписмена нација се клања на имбецили со Поршеа, додека се дави во говна. Да, Косоварите и Албанците се „дивата лига“ со бела чарапа на сандала, а ние сме „господата“ со пресирани панталони без трунка одговорност кон себеси, а камоли кон другиот. Тек ќе се давиме во говна, оти таму припаѓаме. Прославивте важно Илинден, а? Не ми викајте добредојде дома, оти дома вака не е. Дома те сакаат и почитуваат и се грижат за тебе. Што би рекле моите Црногорци, марш, багро неписмена!

Ида Протуѓер Вељковиќ
Власта си игра држава

Видов како попуштија шрафчињата со кои власта си игра држава. Кога вработуваш приучени лекари со партиска книшка на гинекологија, умираат бебиња. Кога во ек на туристичка сезона, брзата помош може да стигне само со возило (не дај боже да инвестираат во глисер и сл) за 40 минути до кампот Градиште, умира 17 годишно момче на плажа.

Следствено на тоа, кога градиш без никаков поим од урбанизам, настанува поплава од обичен дожд, се формираат свлечишта, противпожрните возила немаат пристап да помогнат. Кога телата како Центар за управување со кризи, Противпожарна служба, Брза помош се расадници за партиски кадри, тие нема да знаат како да се справат со кризни ситуации.

Вработените во тие тела се информирани дека нивната обврска е да донесат уште по 20 гласачи, но веројатно не и како да решаваат кризни ситуации. Впрочем и парите на граѓаните се трошат за нешто “видливо” како спомениците, а не за опрема која не носи гласови за партијата.

И самата мобилизација на институциите е доведена до совршенство кога треба да се обезбеди победа на ДПМНЕ-ДУИ, но не и кога институциите треба да се мобилизираат за да се стават на услуга на граѓаните. Затоа што ништо во оваа држава не е на услуга на граѓаните туку на партијата на власт. Чувме на вести дури и на режимските медиуми дека улиците кои биле реновирани биле без сливници.


Насловна фотографија: Роберт Атанасовски