Хидролошка анализа на поројните поплави во Скопје и скопско

10.08.2016 09:30
Хидролошка анализа на поројните поплави во Скопје и скопско

Општо за поплавите

Последната поплава што го поплави североисточниот дел на Скопје и неговата околина е типична поројна поплава. Ваквиот вид поплави се јавуваат по поројни и интензивни врнежи со кратко време на траење од 15 минути, од еден час до најмногу шест часа. Обично поројните врнежи се количински големи, паѓаат на мала сливна површина и во зависност од орографијата, падот и подлогата на теренот, брзо истекуваат низводно. Водонепропусната подлога или почва заситена со влага придонесува овој процес да биде забрзан. Кај големите реки траењето на поплавите е од еден до три дена, луѓето имаат повеќе време да се алармираат и да се засолнат од надојдената вода. Кај поројните поплави водата копа, руши и носи сè пред себе и мала е можноста за реакција. Во светски рамки е утврдено дека најголем број од жртвите при поплавите се јавуваат како последица на поројните поплави, а 50 проценти од жртвите се деца кои немаат време и искуство да се справат со надојдените поројни води. Можеби изгледа неверојатно, но гледано во светски рамки просечно, дневно има 14 жртви од поројните поплави, 7 од нив се деца. Голем процент од жртвите се возачи и патници во моторни возила, кои сакајќи да поминат одреден пат поплавен со вода, често страдаат однесени од водата. Брзата вода веќе со длабочина од дваесет сантиметри може да предизвика губење контрола над возилото.

Што се случи?

Врнежите што паднаа во Скопје и скопско беа со различен интензитет и тоа на Зајчев Рид беа измерени 95 l/m2, на станицата во Газибаба 107 l/m2, а во скопски Петровец само 5 l/m2 за 24 часа. Анализираните податоци од омбрографот на Зајчев Рид покажаа дека врнежите започнале во 17:00 часот и до 19:45 (2:45 часа) беа наврнале 45 l/m2, за да продолжат уште поинтензивно во период од 1 час со количина од 46 l/m2(скоро 1 l/m2на 1 минута), во следните часови до 1:30 по полноќ наврнаа дополнителни 4 l/m2. Од сливот на Р. Булачанска (Р. Црешовска) и Раштанска која со своите помали притоки предизвика излевања во северо-источниот дел на Скопје и скопско, нема други податоци за врнежи, но знаејќи дека на повисоките надморски висини врнежите количински се пообилни,, може да претпоставиме дека во овој дел на Скопска Црна Гора паднале врнежи со вредности над 100 l/m2, па и повеќе.

На слика 1 се дадени сателитски снимки кои покажуваат дека cb cluster-и се развивале над Скопје, тоа е MCC (mesoscale convective complex) - облаци кои предизвикуваат многу силни врнежи.

Според нашите анализи, појавените врнежи беа со ретка појава на повторување, т.е појавување еднаш во 1000 години.

Орографијата на Скопска Црна Гора е таква што веригата на оваа планина се простира од македонско-косовската граница на запад, од каде во правец на исток се простира сè до атарот на С. Љуботен и Љубанци, од каде се спушта во правец на југоисток до Арачиново. Обликот на планината е таков, што облаците кои од шарпланинскиот масив се движеле кон Скопје, едноставно биле запрени од веригата на Скопска Црна Гора, при што во ек на интензивни врнежи, на двапати паѓаат количини поголеми од 50 l/m2 (најверојатно и многу повеќе, но не може да се потврди без измерени податоци). Оваа дополнителна количина вода, која паѓа на веќе влажна почва, почва која е заситена со влага и не може да ги апсорбира новите количини на пороен дожд, брзо започнува да истекува низводно по падините и голините, по суводолиците и водотеците во правец на Скопско Поле. Груба проценка е дека во сливот на Р. Раштанска (Раштански Поток) и Р. Булачанска (Р. Црешовска) (Слика2), при оваа непогода има паднато повеќе од 5 милиони m3 вода, вода доволна да се наполни двапати Езерото Матка. Скопска Црна Гора во овој дел е пуста, главно со слаба нискостеблеста вегетација, суводолиците и водотеците се без заштитни поројни прагови и нема ништо каде оваа огромна количина вода би се сопрела или забавила. Тука е големата површина со земјоделско земјиште кое има пад во правец на С. Смилковци и Смилковско Езеро. Први на удар биле најблиските куќи во населбите до водотеците и суводолиците на крајот од стрмнината и тоа С. Црешово, С. Смилковци, Винче, Страчинци и покрај обиколницата кај С. Смилково Слика 3 и Карта на сливот.

Надолу веќе водите ги напуштаат суводолиците и водотеците и по најкраток можен пат се упатуваат кон Стајковци, но поради немање доволно водопропусни отвори под автопатот (обиколницата), директно на повеќе места се прелеваат и прават хаос на автопатот (Слика 4), носејќи возила и патници низводно во правец на Стајковци и населба Ченто (Слика 5), а потоа поминува низ Стајковци и Ченто, каде дополнително покрај материјална штета предизвикуваат човечки жртви. Дел од водите се влеваат во ободниот канал во правец на С. Арачиново, но дел продолжил кон С. Инџиково со дополнителни штети.

Дали постои некаква заштита од излевања и зошто ни се случува ова?

Патиштата во шумите и планините ги сечат подземните текови и предизвикуваат рано излегување на површина на подземните води. Потребни се здрави и густи шуми, и одржување на патната инфраструктура со ретензионен систем поддржан со одржуван каналски систем, кој ќе спречи директно истекување низводно по патиштата.

Во делот на Скопско Поле под падините на СЦГ, постојат неколку канали кои би требало да ја собираат водата и преку ободниот канал кој започнува од населба Ченто да го олеснат истекувањето на водите низводно кон Вардар. При вакви екстремни води, овие канали се немоќни. Самите канали имаат свои аномалии, било гледано од технички или одржувачки аспект, но секако при правилна работа и функционирање би ги ублажиле загубите. Проблемите кои ги покажа обиколницата е очигледно се голем минус за целиот проект и потребна е ревизија за да се утврди каде и колкави пропусти за одведување на вода таа треба да има.

Ако се погледне возводно кон планината, реално (Слика 6) не постојат големи усеци од природни водотеци или суводолици, но тоа не значи дека во минатото ги немало. Најверојатно од негрижа или со цел добивање повеќе обработливо земјиште сите овие природни канали и усеци се ископачени и изорани. Повторно ни се случува истото, човекот со своите деланија предизвикува дополнителни штети наместо да врши ублажување на последиците.

Надвор од населените места се гради и се уништува природниот слој на земјата без да се размислува на водата и нејзиниот пат. Наместо водата од врнежите по природен пат да се впие во земјата и нормално подземно да истече, водата спуштајќи се по падините и голините во самиот планински дел се слева по земјените патишта и направената патна инфраструктура без заштитни атмосферски канали кои би ги задржале водите во горните делови на сливот и директно истекува низводно, каде се невозможни какви било заштити. Шутот и сметот се голем проблем, а со тоа и засипаните корита – повторно човечки фактор. Од околните свлечишта земјата директно се исфрла во речните усеци и на тој начин се затрупуваат коритата и нивната водопропусност. Точно е дека долг период водите беа со мали протечни количини, но тоа не значи дека во минатото немало поголеми води и дека тие нема да се повторат. Засипаните корита со нанос, бујната вегетација, неисчистените профили кај мостовите, фрлањето ѓубре во реките од страна на луѓето, нерешениот проблем со собирање и складирање на отпадот - ова е и дел од причините за локалните поплави изминативе години. Со основање локални комунални организации кои редовно би го собирале сметот и би го складирале на соодветни локации – комунално одобрени, отпадот веќе нема да прави проблем во коритата.

Дали можеше да се спречи оваа катастрофа?

Не, ама можеше да се ублажи. Како? Со нормално одржување на каналските системи и речната мрежа, со чисти и слободни профили за истекување на водите, со изградба на ретензиони простори, но и со рана најава и аларм. Најавата ја прави УХМР, а алармот (Центарот за управување со кризи (ЦУК). За рана најава УХМР се служи со светски познатите и признаени модели, но дополнително за потврда на овие модели потребен е силен мониторинг систем на водите и врнежите (хидрометеоролошки мониторинг). УХМР најави поројни врнежи, но овојпат прогностичките модели потфрлија и не дадоа прогноза со екстремни величини.

Овие облаци кои предизвикуваат силни врнежи во скопско не беа опфатени со ALADIN прогностичкиот модел (Слика 7).

Иако УХМР прави крајни напори да одржи нормален мониторинг, сепак веќе години наназад функционирањето на хидрометеоролошката служба во РМ е доведена на многу ниско ниво. Секоја година буџетот е сè помал и помал, се отплаќаат старите долгови за комуналии, нема средства за одржување на станиците, нема средства за нова опрема за мерење за нови станици. При секое заминување во пензија нема вработување за пополнување на работното место, по секоја поплава се ветуваат нови вработувања, но за жал ништо од тоа. Потребно е активирање на нови технологии, но потребно е одржување на целиот мониторинг систем. Дел од овој систем се состои и од набљудувачи за мерење на ниво на вода и паднати врнежи, тоа се обични граѓани ангажирани од УХМР да вршат мерење на овие податоци и за тоа земаат минаимална финансиска надомест, која не е сменета 20 години. Доколку сакаме добри податоци од терен, треба покачување на надоместот и обезбедување средства во буџетот на УХМР. Во РМ постојат околу 100 дождомерни станици и 65 хидролошки станици, а за споредба, во развиените земји има повеќе од 1000 станици соодветно на нашата површина.

Човечките загуби во оваа поплава се ненадоместливи и можеби не е момент за кажување на нашите слабости, но иако по секоја поплава се кажуваат препораки и се посочуваат слабостите, сепак, за жал, многу малку се прави.

Во населените места во Скопје и скопско, има зачестена појава на „урбани поплави“, водата од врнежите паѓа на бетонските урбани површини и брзо излегува на улица каде заезерува одредени површини, или пак преку канализација ги поплавува подрумите, или пак брзо истекува во водотеците каде брзо го покачува нивниот водостој. Некогашните зелени површини, каде земјата ја впивала водата, сега се претворени во бетон или на место на некогашните зелени дворови сега има изградено подземни гаражи и подруми. На овој начин се прекинува природниот процес на впивање на дождовната вода во почвата, при што гледано подолгорочно, се предизвикува неприродно спуштање на нивото на подземните води. Овој процес води до слегнување на земјиштето, што пак дополнително би довело до дестабилизација на темелите на куќите и зградите. Со евентуална појава на земјотреси би се предизвикале поголеми разрушувања.

Големиот урбанистички бран што веќе извесно време се одвива во Македонија не оди во прилог на заштита на луѓето од поројни поплави или какви било други непогоди, напротив, придонесува овие непогоди позачестено да ни се случуваат. Зачестена е појавата на свлечишта и плавења во подрумите. Потребна е забрана и контрола на тоа дали некој ја користи каналската мрежа за одведување на атмосферски води, потребна е ревизија на урбанистичките планови. Сепак има решенија за ублажување на последиците од овие урбани поплави, но треба вклучување на хидрологијата во сите урбанистички планови.


Авторот е дипл. град. инж.-хидролог, раководител на одделение при УХМР

 

Извор: УХМР