Олимпијада на стравот

16.08.2016 01:31
Олимпијада на стравот

Повисоко, побрзо, подалеку. Така гласи мотото не само во Бразил, туку и во Берлин. Повеќе полиција, побрза депортација, надлежности кои одат подалеку. Во Германија министрите за внатрешни работи и стручњаците за безбедност од владејачката ЦДУ се натпреваруваат кој ќе изнесе повеќе предлози за забрана за носење бурка - од безбедносни причини. Тоа наводно би служело во борбата против тероризмот, а всушност станува збор за борба за власт. Политичарите од ЦДУ повеќе се плашат од гласачите отколку од терористите. Но, на оваа Олимпијада тие нема да добијат медали, а германските граѓани нема да бидат побезбедни.

Носителот на двојно државјанство сокриен под бурка на својот лекар му го открива терористичкиот план. Така во ЦДУ го замислуваат заканувачкото сценарио на кое државата мора да реагира со забрана за носење бурка, со укинување на двојното државјанство и ублажување на лекарската заклетва. Прашање е само за чија безбедност станува збор: на германските граѓани или на терористите, на ЦДУ или Алтернатива за Германија?

Ако бурката има некаква врска со тероризмот, Франција би била безбедна земја, зашто таму забраната за носење бурка постои од 2011 година. Без нималку цинизам, можеме да кажеме дека од тоа Франција немаше многу корист. Наспроти тоа, злогласната „забрана на бурката“ се најде во нацртот на таканаречената берлинска декларација, на списокот мерки за кои министрите за внатрешни работи на германските покраини ќе разговараат следната недела. Погледнете ја само Франција, која е идеален пример дека повеќе контрола не значи поголема безбедност. Во Франција веќе неколку месеци има вонредна состојба. Оваа земја е буквално претворена во полициска држава, но тоа не го спречи нападот во Ница.

Предлозите на ЦДУ се водени од страв, а не разум. Од каде им е на министрите за внатрешни работи идејата да го поврзат двојното државјанство со тероризмот? Постојат оправдани причини да се преиспита потребата и третата генерација имигранти да го добиваат државјанството на своите баби и дедовци, но тоа е прашање на интеграција, а не на безбедност. Доведувањето во индиректна врска на двојното државјанство и тероризмот внесува раздор меѓу германските граѓани со различно потекло, што го зголемува општото чувство на несигурност.

Целта на таквите мерки е додворување на гласачите на Алтернатива за Германија. Тие ќе бидат благодарни поради тоа, зашто екстремните барања секогаш ги зајакнуваат екстремистите. Паролите на екстремните десничари не можат да се преземаат неказнето. Кога ќе попуштите пред стравот предизвикан од популизмот, внимавајте да не ве прегази и вас. На канцеларката тоа сигурно не ѝ е по волја, зашто тогаш отпаѓа нејзината идна коалиција со Зелените.

Ризикот да бидете ранети или да загинете во терористички напад е прилично мал. Но кога ќе дојде до него, штетата е безгранична. Тоа е стара дилема, зашто од една страна имаме мал ризик, а од друга огромна штета, но кога во сето тоа ќе се вмеша политиката - губиме секаква рамнотежа. Ако верувате дека повеќе контрола значи и поголема безбедност, на крајот ќе барате тотална контрола. Сето тоа веројатно нема да донесе поголема безбедност, но ќе ја намали слободата. Задача на одговорните политичари е да го заштитат општеството од ваквите искушенија.

Извор: Spiegel, 11.08.2016.
Фотографија: Reuters

Слични содржини

Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото