Зошто бебињата во Финска спијат во кутии?

17.08.2016 11:51
Зошто бебињата во Финска спијат во кутии?

На прв поглед делува чудно бебето да се остави да спие во малечка вреќа за спиење поставена на парче простирка во картонска кутија. Сепак, за поголемиот дел фински новороденчиња тоа е првото место на кое ги спуштаат главчињата. Се верува дека овој едноставен кревет е една од причините поради која Финска сега има најниска стапка на смртност на новороденчиња во светот – 2,52 на илјада живородени бебиња, повеќе од половина помалку отколку во САД.

Финска на своите идни мајки им обезбедува кутија за бебето, но под еден услов. За да добие кутија, мајката мора да направи и медицински преглед во текот на првите четири месеци од бременоста.

Секоја година владата дели околу четириесет илјади кутии, а во пакетот одат и простирки и околу педесетина други работи потребни за бебето – облека, чорапи, топло палто, дури и мали скијачки капи за ледената нордиска зима. (Мајките на кои тие работи не им се потребни, добиваат околу 140 евра.)

Оваа програма настанала пред Втората светска војна, кога речиси секое десето новороденче во Финска умирало пред првиот роденден. Кутиите биле евтин поттик за жените да ја остават традицијата и да одат на лекар. Освен тоа, кутиите биле безбедно место за бебето надвор од родителската постела во куќите кои често имале само основен мебел.

Финска им пружа значајна поддршка и на родителите: платено боледување до десет месеци и гаранција дека родителите кои ќе останат со детето во домот, можат да се вратат на работа кога било, пред тоа да наполни три години.

Постојат обиди идејата за кутијата за бебе да се изнесе пред пошироката јавност. Една лондонска болница неодамна почнала пробно да ги дели тие кутии. Во САД, непрофитната група од Минесота, им делела кутии на семејствата со ниски приходи, и го инспирирала предлог законот за кој се расправало во државниот Конгрес. Еден студент на Харвард основал организација која дели слична опрема во Јужна Азија.

„Кога одиме во странство, се чудиме што во другите земји нема кутии за бебиња“ – вели Сана Кангашар, вработена во амбасадата во Вашингтон. „Тоа е навистина делотоворен систем.“

Извор: The New York Times