Погреб на сонот

18.08.2016 00:47
Погреб на сонот

Мојот живот

Големата кукла на моето тело
одбива да стане.
Играчка сум за жените.
Мојата мајка

ме охрабруваше пред своите пријатели.
„Зборувај, зборувај“, ме преколнуваше.
Ја отворав устата
но зборовите не излегуваа.

Мојата жена ме премести од полицата.
Лежев во нејзините раце. „Страдаме
од болеста на јаството“, знаеше да ми шепоти.
А јас лежев нем во нејзините раце.

Сега мојата ќерка
ми дава пластично шишенце за доење
исполнето со вода.
„Ти со мое вистинско бебе“, ми вели.

Кутро дете!
Се загледувам во кафените
огледала на нејзините очи
и се гледам

намален, како тонам
во длабочина за која таа не знае дека постои.
Останувајќи без здив,
нема повторно да се воздигнам.

Израснувам во својата смрт.
Животот ми е малечок
и сè помал. Светот е зелен.
Ништо не е целовито.

Мојот син

Мојот син
Мојот единствен син,
оној што никогаш го немав,
денес би бил возрасен човек.

Се движи
заедно со ветрот,
бестелесен, безимен.
Понекогаш

доаѓа
и ја потпира главата,
полесно од воздух,
врз моето рамо

а јас го прашувам,
Сине,
каде живееш,
каде се криеш?

Тој ми одговара
со студен здив,
Никогаш не си се обѕирал,
иако повикував

и довикував,
и с
è уште викам
од местото
отаде

љубовта,
каде што ништо,
сенешто,
сака да биде родено.

Приказна

Приказната е стара: забелешки на сметка на месечината
која тоне в море, забелешки на сметка на ѕвездите што бледнеат со првите зраци на светлината,
забелешки на сметка на тревникот влажен од роса, сребреникавиот тревник, студениот тревник.

Приказната оди во бескрај: човек ѕури во својата сенка
и вели дека е тоа пепелта на неговото сопствено пропаѓање, вели дека неговите денови
се вистински црни дупки во космосот. Но ништо од тоа не е вистина.

Ја знаете вистината на која мислам: за минутите што минуваат,
за часовите и годините што минуваат, тоа е приказната што ја раскажувам,
за самиот себе, за вас, за кој било.


Снежни врнежи

Посматрајќи како снегот ја прекрива земјата, самиот себе,
прекрива сè што ти не си, гледаш
дека тоа што паѓа долу е светлина
носена од ветар и нема како воздух додека лета низ воздухот,
‒ миговностите паѓаат во миговности, тоа е погреб
на сонот, срце на зимата, негатив на ноќта.


Градина

За Роберт Пен Ворен

Свети во градината,
меѓу белото лисје на костеновото стебло,
на ободот на шеширот на мојот татко
додека чекори по патеката од камчиња.

Во градината измолкната во времето
мојата мајка седи на стол од секвоино дрво;
светлина ги исполнува небото,
наборите на нејзиниот фустан,
ружите во ружиниот насад зад неа.

А кога мојот татко ќе се наведне
да ѝ шепне нешто во уво,
кога стануваат да си заминат,
и ластовиците отпавкуваат
а месечината и ѕвездите
заедно отталкуваат, тоа сјаи.

Дури и кога ти ќе се наведнаш над страницава,
стар и осамен, тоа свети; дури и сега
миг пред да исчезне.

Превод: П. В.
Слики: Chris Buzelli

Марк Стренд (1934-2014) е американски поет, есеист и преведувач. Роден е во Канада, но во раното детство се преселил во САД. Објавил дваесетина поетски книги, неколку книги со раскази, книжевна критика и една книга за деца. Многу пишувал и за сликарството и за ликовните уметници. Неговата магистратура исто така се однесува на ликовните уметности. Добитник е на повеќе важни книжевни награди, меѓу кои и Пулицеровата награда (1999). Предавал англиски јазик и компаративна книжевност на петнаесетина универзитети, главно во САД.
Иако го сметаат за мошне самосвоен автор, осамен и издвоен, неговото поетско дело најчесто се поврзува со неформалната група американски поети од Источниот брег, чие делување во педесеттите години било познато под името „Њујоршка школа на поезијата“. Меѓу нив се истакнуваат поетите Тед Бериген, Френк О Хара, Џон Ешбери, Кенет Кох, Џемс Тејт, Џемс Дикеј, Џемс Рајт, Џоел Опенхајмер, Чарлс Симиќ и многу други.

ОкоБоли главаВицФото